Економија
Qinshift Academy: спој на доверба, квалитет и глобално влијание во ИТ и дигиталното образование
Едукацијата во поглед на информатичката технологија (ИТ) опфаќа широк опсег на области поврзани со употребата, развојот и управувањето со технологијата во различни контексти. Полето на информатичките технологии е разновидно и постојат бројни специјалности и кариерни можности, а ИТ едукацијата нуди бројни придобивки, како на лично така и на професионално ниво.
Кога се зборува за дигиталното образование, треба да се потенцира дека истото обезбедува силни основи за почеток на кариерата или понатамошно унапредување во областите на информатиката и технологијата. Со стекнатото знаење и сертификатите од областа на ИТ, студентите имаат добар избор за вработување и напредок во кариерата. Овој тип на образование ги едуцира идните вработени на различни способности кои се широко барани на пазарот на трудот – од програмирање и мрежна администрација, до веб-развој и софтверско тестирање. Покрај тоа, ИТ образованието дава основа за креирање сопствени проекти, апликации или компании во дигиталниот свет, а ги учи студентите и на креативно решавање на проблемите и развивање на свое критичко размислување.
На македонската ИТ сцена, бренд број еден за ИТ едукација е Сеавус едукативен и развоен центар (СЕДЦ) што неодамна се ребрендираше во Qinshift Academy. Академијата ги соединува домашните практики со светските стандарди во оваа индустрија, дигиталните комуникации и дизајнот, и нуди уште подобри програми за доусовршување и развој. Иако СЕДЦ продолжува да работи под името Qinshift Academy, продолжува и со досегашната визија за создавање нов, модерен образовен систем, што ќе ги едуцира најдобрите кадри за технологија и дизајн и ќе ја зајакне балканската и глобална стартап сцена преку инвестиции и развој во нови иновативни бизниси.
Qinshift Academy ја зајакнува лидерската позиција на поранешниот СЕДЦ, којшто во текот на 13 години се покажа како беспрекорен во следење на потребите на индустријата, но и на најновите технолошки трендови. Оваа надградба носи и раст и проширување на дејноста на компанијата и освојување нови пазари, првенствено во земјите каде Qinshift има свои претставништва. Дополнително, студентите, менторите и партнерите на Qinshift Academy може да го очекуваат препознатливиот квалитет на програмите од кои најголем дел се веќе меѓународно сертифицирани, но исто така и збогатување со нови атрактивни програми и отворање на поголеми глобални можности.
Приказната на СЕДЦ, сега Qinshift Academy, започна во 2010 година како дел од Сеавус Групацијата, односно како специјализиран центар за обука и едукација на кадар во областите на програмирање, дизајн, компјутерски мрежи, тестирање на софтвер, дигитален маркетинг и наука за податоци. Богатото портфолио на образовни програми опфаќа организирање и реализација на годишни академии наменети за деца, млади и возрасни, специјализирани обуки за вработени и кратки обуки за поединци.
Развојот продолжи со два големи проекти – „IТhink-академија“ прва ИТ академија за деца и Сеавус Акцелераторот, првиот корпоративен технолошки акцелератор преку кој беа поддржани над 50 македонски стартапи.
СЕДЦ (сега Qinshift Academy) е најголема академија за информатичка технологија и дизајн во Македонија што ја добива довербата на повеќе од 2000 студенти годишно. Низ нивните академии и обуки досега се едуцирале над 20 000 студенти, а моментно има и над 250 ментори. Со пристапувањето кон глобалното семејство на Qinshift – моќен глобален технолошки гигант што го чинат повеќе од 3500 професионалци, над 300 клиенти и 28 канцеларии низ светот, Qinshift Academy се етаблира како глобален бренд.
(ПР)
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Работилница на македонската и грчката регулаторна комисија за енергетика: во фокусот поврзувањето на пазарите за електрична енергија
Регулаторното искуство во поврзување на пазарите за електрична енергија беше фокусот на третата заедничка работилница помеѓу Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ) и Грчката регулаторна комисија за енергија, вода и управување со отпад (RAAEY).
“Откако се донесе Законот за енергетика, во РКЕ се формирани тимови од инженери, економисти и правници кои работат интензивно на подзаконската регулатива што ќе обезбеди усогласување на домашната легислативата со европската. Ова е само еден од предусловите за да започне практичната интеграција на домашниот пазар со регионалните пазари, а потоа и со Европскиот пазар за електрична енергија. Регулаторната работилница за нас е можност да размениме искуства и знаење, затоа што грчкиот регулатор веќе го има затворено овој процес.“ посочи Лирим Сулејмани, заменик претседател на РКЕ.
Од Грчката регулаторна комисија за енергија, вода и управување со отпад (RAAEY) ги презентираа регулаторните чекори кои што ги презеле при спојување со европскиот енергетски пазар, нагласувајќи дека ова е интензивен процес што бара блиска и ефикасна соработка на засегнатите страни за да се постигне јасна и транспарентна транзиција.
РКЕ и РАЕ минатата година во февруари склучија Меморандум за соработка во областите: енергија, вода и отпад со цел размена на регулаторна експертиза.
Економија
Божиновска со концесионерите во Прилеп: Развојот на рударството продолжува со јасни правила, повисоки стандарди и поголема контрола
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, во рамки на работната посета на Прилеп одржа заедничка работна средба со најголемите концесионери од регионот, посветена на актуелните состојби во рударскиот сектор, предизвиците со кои се соочуваат компаниите и можностите за понатамошен развој.
На состанокот присуствуваа претставници на повеќе компании кои имаат значајна улога во експлоатацијата и преработката на минерални суровини. Во отворена дискусија се разговараше за тековната динамика на работа, инвестициите во модернизација на производството, предизвиците поврзани со административните постапки, како и потребата од предвидлива и стабилна регулаторна рамка која ќе овозможи долгорочно планирање и нови вложувања.
Министерката Божиновска нагласи дека државата има јасен интерес рударството да се развива како силен економски сектор, но исклучиво со целосно почитување на законските обврски, еколошките стандарди и безбедносните правила.
„Партнерството со компаниите е важно, но уште поважно е довербата на граѓаните. Затоа развојот мора да оди паралелно со одговорност, транспарентност и засилен надзор“, истакна Божиновска.
Концесионерите ја поздравија иницијативата за почести директни средби со институциите, оценувајќи дека ваквиот пристап овозможува побрзо решавање на отворените прашања и подобра координација во секторот.
На средбата беше потенцирана и потребата од засилен инспекциски надзор на терен, при што беше нагласено дека отворањето на новата канцеларија на Државниот инспекторат во Прилеп ќе придонесе за поефикасна контрола, еднакви услови за работа и дополнително зајакнување на стандардите во индустријата.
Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини останува посветено на континуиран дијалог со индустријата, со цел создавање стабилна деловна средина, одржлив економски раст и јасни придобивки за локалните заедници.
Економија
(Видео) Мицкоски: 17 нови проекти вредни 650 милиони евра ќе донесат до 5.000 работни места
Премиерот Мицкоски денеска изјави дека во моментов се во почетна фаза на реализација или во фаза на потпишување договори за државна помош се околу 17 проекти, со вкупна вредност од над 650 милиони евра. Очекува дека овие проекти ќе обезбедат помеѓу 4.500 и 5.000 нови директни работни места, а најголемиот дел од нив годинава ќе започнат со производство, што ќе ја зголеми и вредноста на бруто-домашниот производ.
„Во овој момент работиме на овие 17 проекти само преку ТИРЗ, а има и проекти кои што ги работиме а кои што се надвор од ТИРЗ, како што е инвестицијата на Алказар во Источна Македонија, која што е во фаза на одобрение за градба. Очекувам некаде на пролет и на терен да започне реализирањето на оваа инвестиција, која што е во вредност од половина милијарда долари“, кажа Мицкоски.
Тој посочи дека земјоделството доживува позитивен пресврт и станува сериозен економски столб. Во четвртиот квартал од минатата година извозот на земјоделски производи бил повеќе од двојно поголем од увозот, со износ од околу 12,5 милијарди денари, додека за целата година извозот достигнал над 450 милиони евра, во споредба со околу 200 милиони увоз.
Премиерот истакна дека Владата ќе продолжи да ги поддржува вистинските земјоделци и дека новата програма ќе ја насочи поддршката кон оние кои реално произведуваат и придонесуваат, додека ќе се спречи злоупотреба на субвенциите.

