Македонија
„Косовската владејачка партија директно се меша во внатрешните работи на Македонија“, вели Левица
„Партијата „Самоопределување“ на косовскиот премиер Албин Курти, ќе биде дел од изборната трка на претстојните парламентарни избори во Македонија. Ова беше најавено од т.н коалиција „Европски сојуз за промени“ на Африм Гаши од Алернатива, Биљал Касами од Беса и Изет Меџити како одметник од ДУИ. Имено, како претставник на косовскиот премиер Курти, дојде Беким Ќоку, како негов “советник за Македонија“, каде партијата беше најавена како „четврти столб на албанската опозиција во Македонија“, велат од Левица.
„Ваквиот чин на директно политичко мешање на косовски државни и политички структури во внатрешните политички процеси на Македонија претставува сериозна закана за суверенитетот на Македонија. Најавите се дека токму советникот на Курти, Беким Ќоку ќе биде дел од листите за пратеници – затоа што поседува двојно државјанство.
Левица, антиципирајќи ги токму ваквите иредентистички појави, во нашата Изборна програма од 2020 година, предвидува забрана за можноста да се извршуваат високи државни функции од страна на лица со две или повеќе државјанства.
Ова претставува уште една потврда дека преку партијата на косовскиот премиер Курти се прават обиди за воспоставување на единствена политичка сцена во регионов, преку која ќе се манифестираат заложбите исклучиво на албанската етничка заедница, што пак претставува сериозна закана за унитарниот карактер на Македонија.
Иконографијата карактеристична за балистичката идеја за голема Албанија не изостанува во ниту една пригода од која дел е партијата на Курти. Така беше и за време на неговата неодамнешна посета во Тетово, така беше и сега на отворањето на канцеларијата на споменатиот „Европски сојуз за промени“, каде се вееја знамиња со картата на голема Албанија.
Доколку се дозволи било какво учество и политичка ангажираност на косовската владејачка партија во Македонија и не се казнат таквите досегашни активности, тоа ќе претставува опасен преседан, каде трите лидери на предизборната коалиција, составена од три иредентистички политички платформи заедно во директна соработка со владејачка партија на Приштина, ќе се борат за власта во Македонија.
Оттука, Левица смета дека ваквите политички упади од страна на Приштина не треба да бидат само предмет на Изборниот законик и Законот за политички партии, туку тие треба да бидат предмет на безбедносните служби на државата, кои се должни да го штитат суверенитетот и територијалниот интегритет на државата и да спречат било какви обиди кои делуваат во насока на загрозување на унитарниот карактер на државата, кои со самото тоа претставуваат закана за националната безбедност“, се наведува во соопштението на Левица.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Викендот со стабилно време, дожд се очекува од вторник
За време на викендот ќе се задржи стабилно и претежно тивко време, информира Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР).
Во сабота и недела времето ќе биде променливо облачно со сончеви периоди, а претпладне по одделни котлини ќе има појава на магла и зголемена облачност. Ќе дува слаб ветер, претежно од југоисточен правец.
Минималните утрински температури ќе се движат од -3 до 2 степени, додека дневните максимални ќе достигнуваат од 6 до 13 степени.
Во текот на викендот во Скопје се очекува променливо облачно и тивко време, со појава на магла, особено во утринските часови. Минималната температура ќе се спушта до -3 степени, а максималната ќе достигнува околу 8 степени.
Според УХМР, стабилното време ќе се задржи до вторник, по што кон крајот на денот и во следните денови се очекуваат повремени локални врнежи од дожд, а на планините и повисоките места врнежите ќе бидат од снег.
Македонија
Нема толеранција за узурпација: Скопје почна голема акција за расчистување на јавниот простор
Град Скопје започна сеопфатна акција за расчистување на бесправно изградените и узурпирани објекти, со цел заштита на јавниот интерес и обезбедување слободно, безбедно и достоинствено користење на јавните површини.
Како што информира градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, акцијата се спроведува без никакви отстапки и со јасна порака дека јавниот простор им припаѓа на граѓаните и мора да биде достапен за сите под еднакви услови.
„Нема толеранција кога узурпацијата на јавниот простор е во прашање. Започнавме голема акција за расчистување на бесправно изградените објекти и нема да има никакви отстапки“, напиша Ѓорѓиевски во објава на социјалните мрежи.
Тој посочува дека тротоарите, пешачките патеки и јавните простори не смеат да бидат заложници на лични интереси и дека повеќе нема компромис кога се во прашање узурпациите што го нарушуваат животот, движењето и безбедноста на граѓаните.
Според градоначалникот, акцијата ќе продолжи со силно темпо и ќе ја опфати целата територија на Скопје.
Воедно, тој ги повикува граѓаните активно да се вклучат и да пријават објекти што го окупираат заедничкиот простор, со цел да се изгради град во кој владеат ред, достоинство и еднаква пристапност за сите.
Македонија
Мицкоски најави две нови странски инвестиции од 80 милиони евра
Премиерот, Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање, дали има најава за нови инвестиции во државата, информираше дека веќе има потврда за две нови странски инвестиции во вкупна вредност од околу 80-тина милиони евра.
„Па да, ние генерално, преговараме со многу компании коишто доаѓаат надвор од земјава, коишто ќе инвестираат во Македонија. Можам да потврдам дека веќе имаме потврда од две такви. Една турска, една германска, коишто вкупно ќе инвестираат околу 80-тина милиони евра. Извозот којшто двете заедно ќе го прават од Македонија ќе биде над 200 милиони евра и вкупно двете компании би требало да вработат некаде околу 1.000 вработени. Двете не се во автомобилската индустрија, туку во индустрија со висока технологија, што посебно нè прави горди“, изјави Мицкоски.
Премиерот очекува бројот на странски инвестиции во државата значајно се зголемат до крајот на годината.
„До крајот на годината очекувам уште најмалку три потврди, со што ќе го заокружиме овој циклус, а во следната година ќе продолжиме и на овој план да работиме, да ги поддржуваме домашните компании е наш приоритет, но, се разбира, и компании коишто доаѓаат од надвор, а коишто пројавуваат интерес да инвестираат тука, се добредојдени. Фокусот ни е малку да направиме диверзификација на тоа портфолио, да не биде само автомобилската индустрија, туку и ваков тип на инвестиции во висока технологија“, објасни премиерот.

