Македонија
Кадровски решенија на СДСМ за техничката Влада, овластување на Ковачевски за Европски фронт, Зечевиќ е Шеф на централниот изборен штаб
Централниот одбор на СДСМ ги утврди кандидатите за техничката влада и го овласти претседателот на партијата Димитар Ковачевски, врз основа на иницијативата за широк Европски фронт, да формира работна група и да разговара со сите политички субјекти, невладини организации и со сите оние кои го поддржуваат европскиот пат и иднината на земјата ја гледаат како полноправна членка на Унијата да се приклучат околу остварување на стратешката цел – членство во ЕУ.
Централниот одбор го утврди Јован Митрески за кандидат на СДСМ за Претседател на Собранието до завршување на мандатот на парламентарниот состав 2020-2024 година.

Врз основа на статутарните надлежности, членовите на Централниот одбор донесоа Одлука за утврдување на кандидати за Министри, Заменици министри и Дополнителни заменици министри во Техничката влада на Република Северна Македонија од редовите на СДСМ.
-Кандидат за Заменик на Претседателот на Владата задолжен за политики за добро владеење Централниот одбор ја утврди Славица Грковска.
-Кандидат за Заменик на претседателот на Владата, задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции е избран Фатмир Битиќи.
-Кандидат за Заменик на Претседателот на Владата за европски прашања е избран Бојан Маричиќ.
-Кандидат за Министерка за култура е избрана Бисера Костадиновска Стојчевска.
-Кандидат за Министерка за животна средна и просторно планирање е избрана Каја Шукова.
-Кандидат за Министер за земјоделство, шумарство и водостопанство е избран Љупчо Николовски.
-Кандидат за Министер за транспорт и врски е избран Благој Бочварски.
-Кандидатка за Министерка за обрана е избрана Славјанка Петровска.

Централниот одбор утврди и кандидати од СДСМ за заменик министри:
-Викторија Аврамовска Мадиќ, Заменик министерка за правда.
-Маја Манолева, Заменик министерка за здравство,
-Александар Бајдески, Заменик министер за информатичко општество и администрација.
-Филип Николовски, Заменик министер за финансии.
-Мики Крстев за заменик министер за локална самоуправа.
-Кандидат за дополнителен заменик министер за внатрешни работи Централниот одбор на СДСМ го утврди Митко Бојмацалиев, актуелен Шеф на кабинет на министерот Спасовски.
-Кандидат за дополнителен заменик министер за труд и социјална политика ја утврди Јована Тренчевска, претседателка на Форум на жени и актуелна министерка.
Техничката Влада е законска обврска и сите партии треба да ја испочитуваат оваа законска обврска, да учествуваат во изборниот процес, без калкулации.
За Шеф на Централниот изборен штаб на СДСМ, Централниот одбор го избра генералниот секретар Миле Зечевиќ Вардарски.

„СДСМ е подготвена и на изборите оди на двојна победа на претседателските и парламентарните избори. СДСМ ќе го даде победничкиот кандидат за претседател и ќе ја формира идната проевропска Влада.
За претседавач со Централниот одбор на СДСМ е избрана Салавјанка Петровска, којашто заедно со Дашмир Афети од Желино се избрани и за нови членови на ЦО.
Централниот одбор на СДСМ го утврди Правилникот и роковникот за постапката, начинот и критериумите за утврдување на кандидат на СДСМ за Претседател на Република Северна Македонија на претседателските избори во 2024 година, како и Правилникот, роковникот за постапката, начинот и критериумите за утврдување на кандидати за пратеници на СДСМ во Собранието на Република Северна Македонија.
Донесена е Одлука за свикување на Дваесет и седмиот Конгрес на СДСМ за утврдување на кандидат на СДСМ за Претседател на Република Северна Македонија како и Одлука за свикување на Дваесет и осмиот Конгрес на СДСМ за утврдување на кандидати за пратеници на СДСМ во Собранието на Република Северна Македонија за парламентарните избори во 2024 година“, соопшти СДСМ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Фото) Ѓорѓиевски и Мицкоски на увид во градежните активности на булеварот „Македонија“
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски и премиерот Христијан Мицкоски синоќа извршија теренски увид во градежните работи на булеварот „Македонија“ со кој главниот град ќе ја добие својата прва подземна сообраќајница.
Ѓорѓиевски вели дека работата се одвива со засилена динамика, десетици камиони и градежни машини се на терен, дури и во вечерните часови, кога сообраќајот е намален и не се создаваат дополнителни гужви.
„Иако третата фаза, подземната сообраќајница е веќе изградена, нејзиното целосно ставање во функција е возможно само со реализација на сите фази. Првата фаза започна пред неколку недели и веќе се реализира со конкретни активности на терен. Во рамки на оваа етапа се врши реконструкција и рехабилитација на постоечкиот коловоз, како и проширување на одделни коловозни ленти со цел значително подобрување на проточноста и функционалноста на сообраќајот. Проектот ги опфаќа булеварот „Борис Трајковски“ (кај Рампа), улиците „11 Октомври“ и „Пролет“, како и крак од булеварот „Македонија“ до приклучокот на булеварот „Борис Трајковски“, од каде продолжува кон следната фаза. Предвидено е и проширување на улицата „Пролет“, на потегот од ПС Пролет до Тутунскиот комбинат, со дополнителна коловозна лента. Раскрсницата на овој потег, од безбедносни причини, ќе биде уредена со два острови во форма на триаголник и три во форма на солза, со што значително ќе се зголеми безбедноста на сите учесници во сообраќајот. На потегот од улицата „Пролет“ кон Лимак, како и од Лимак кон булеварот „Борис Трајковски“, се воведува еднонасочен режим на сообраќај, додека на раскрсницата меѓу булеварот „Борис Трајковски“ и улицата „11 Октомври“ ќе бидат поставени нови, современи семафори“, објави градоначалникот на Скопје.
Во наредните фази, додава тој, е предвидена изградба на кружен тек кај „Нова Македонија“, како и уште два кружни текови на потегот меѓу булеварот „Кочо Рацин“ и улицата „Јордан Мијалков“ (Железничка), како и проширување на булеварот „Св. Кирил и Методиј“.
„Паралелно со коловозната инфраструктура, се изведува и атмосферска канализација со поставување на повеќе од 60 шахти и сливници – значаен чекор кон поотпорна, одржлива и функционална урбана инфраструктура. Подземната сообраќајница ќе располага со шест ленти – четири за двосмерен автомобилски сообраќај и две наменети за јавен превоз, како и дополнителни пешачки патеки. Со нејзиното пуштање во употреба се очекува значително намалување на метежот, побрзо и поефикасно движење низ централното градско подрачје и создавање на побезбеден, поуреден и покомфорен урбан простор“, стои во објавата на Ѓорѓиевски.
Македонија
Прочка – празник на искреното меѓусебно простување кај православните верници
Денеска православните верници го слават празникот Прочка.
Овој ден е голем празник за христијаните бидејќи ја претставува искрената волја за срдечно простување меѓу луѓето. Со празникот се поврзани и голем број на обичаи и верувања.
Прочка е ден на меѓусебно простување помеѓу верниците, пред почетокот на Велигденскиот пост. Датумот на празникот се менува во зависност од датумот на Велигден и секогаш е точно на 7 недели пред Велигден.
Од верски аспект, Прочка е една од манифестациите на искрената и пожртвуваната љубов кон ближните, која го следи примерот на Исус Христос за безусловно и безгранично проштевање меѓу луѓето.
Според традицијата, прошка бара помладиот од постариот со зборовите „Прости ми“, а постариот одговара „Простено да ти е од мене и од Бога“.
Со Прочка завршуваат зимските и почнуваат пролетните празници.
Македонија
Променливо облачно со засилен северен ветер
Времето денеска ќе биде променливо облачно со повремени сончеви периоди. Во утринските часови, во повисоките предели на северозападот можно е краткотрајно провејување на слаб снег.
Ќе дува умерен ветер од северен правец, а долж Повардарието повремено ќе биде засилен и ќе достигнува брзина до 60 километри на час. Минималната температура ќе се движи од -4 до 4 степени, додека максималната дневна ќе биде меѓу 5 и 12 степени.
Во Скопје ќе преовладува променлива облачност со кратки сончеви периоди. Северниот ветер на моменти ќе засилува, особено во одредени делови од котлината. Утринската температура ќе се спушти до 2 степени, а дневната ќе достигне до 11 степени.
Во текот на новата седмица се очекува стабилно време. Исклучок ќе биде вторник, кога кон крајот на денот, претежно во североисточните делови од земјата, се можни повремени локални врнежи од дожд. Утрaта ќе бидат постудени, а дневните температури ќе бидат во постепен пораст.

