Македонија
Ковачевски со новогодишна честитка: Заедно ќе работиме на исполнување на европската агенда

Премиерот Димитар Ковачевски на сите граѓани им ја честита Новата 2024 година, посакувајќи им многу здравје, среќа и успех во новата година.
„Во новата година влегуваме со нови можности и нови планови за уште поголеми достигнувања. Граѓаните се пред сè и над сè! И во новата година ќе продолжиме да работиме напорно за уште повисоки плати и пензии, продолжуваме со поддршка на учениците, студентите, пензионерите, најранливите, но и бизнис секторот. Нема да дозволиме никој да биде оставен сам да се справува со предизвиците.
Ако 2023 година беше година на нови можности, очекувам 2024 да биде година на остварување на европерспективите. Година во која сите заедно ќе работиме на исполнување на европската агенда, на исполнување на нашата втора, долгоочекувана цел по нашето членство во НАТО, а тоа е зачленувањето во ЕУ ”, порача премиерот Ковачевски во новогодишната честитка до граѓаните.
Премиерот Ковачевски во честитката се осврна на постигнувањата во минатата година.
„Годината што измина ќе ја паметиме по многу предизвици кои одговорно и посветено ги претворивме во нови можности. Треба да сме горди што заедно успеавме да постигнеме многу за сите. Ги задржавме работните места и создадовме нови, овозможивме историски раст на платите и пензиите, помогнавме на земјоделците. Со сет антикризни мерки успеавме да го заштитиме животниот стандард и ја одржавме економијата стабилна“, посочи премиерот Ковачевски.
Премиерот Ковачевски во честитката упати пораки за заедништво.
„Верувам дека старите предизвици се патоказ за нови успеси.
Верувам дека можеме, знаеме и умееме! Верувам дека со позитивен дух и енергија, со напорна работа, нема недостижна цел. Сите можеме повеќе и подобро! Да обезбедиме подобар живот за сите и секаде. Младите да ги задржиме тука во родната земја. Тие се движечката сила на нашето општество!“, порача во новогодишната честитка премиерот Ковачевски, посакувајќи им на граѓаните спокојни новогодишни празници и пријатни мигови со најблиските.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Зошто СДС ја брани лошата организација на олимпијадата од МОК

ВМРО-ДПМНЕ испрати реакција на соопштението од СДСМ.
„ВМРО-ДПМНЕ остро реагира и го осудува обидот за политизација на спортот во Македонија.
Навистина е симптоматично и чудно зошто СДС како политичка партија не и погледне на вистината во очи и ја брани преку дефокус лошата организација на Олимпијата од страна на МОК.
Какви политички интереси има СДС во МОК.
Се што беше побарано беше и овозможено како логистика од страна на Министерството за спорт.
Се понатаму од оваа единствена вистина е срамна политизација за ефтини политички поени.
СДС е партијата која за цели 7 години не изгради спортско игралиште, ниту еден базен, ниту еден фудбалски терен. Нивниот резултат за спортот се множи со нула.
СДС е неконструктивна и тотално безидејна партија“, стои во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
СДСМ: Борко Ристовски треба да си поднесе оставка за резил олимпијада и за хаосот во спортот

Македонија беше понижена, посрамотена и претставена како земја од 19-от век пред очите на меѓународната спортска јавност и тој резил со Младинската олимпијада е најголемиот дебакл во поновата спортска историја на државата, велат од СДСМ.
„Не е само катастрофалната организација, катастрофални се и резултатите на македонските спортски федерации, кои го одразуваат општото пропаѓање на спортот со оваа Влада и Ристовски како министер.
И додека најгордата Влада немала пари за соодветно сместување, вода, превоз, храна, клима-уреди и достоинствени услови за олимпијците имала за ПР и маркетинг!
Вработени во ПР-компанијата „ИДЕА Лаб“, чиј сопственик е близок до ВМРО-ДПМНЕ, добиле бизниси поврзани со олимпијадата, од маркетинг до менаџмент на социјални медиуми.
Значи има пари за ПР ама нема за основни услови за спортистите. Срамно и бедно.
Човекот кој пред неколку месеци ја убедуваше јавноста дека ќе организира „најдобра Младинска олимпијада во светот“ не може да побегне од одговорноста.
И не е само резил олимпијадата. ВМРО-ДПМНЕ и Борко Ристовски го деградираа и целосно го запоставија македонскиот спортот.
Намелена е поддршка на спортот на историски најниско ниво. Наместо 15 милиони евра субвенции, со ребаланост на буџетот поддршката се намали на само 6,7 милиони евра – најмалку досега.
Секој клуб, секоја федерација, секој спортист добива 40% помалку директна поддршка.
И сè уште нема отчет како се распределуваат тие пари.
Борко Ристовски е министер кој стана капитен на распадот во македонскиот спорт.
На Ристовски му стана поважна министерската фотелја отколку принципите по кои некогаш настапувал. Денес не ги поддржува спортистите, туку ги брани интересите на своите партиски шефови.
Бараме неотповиклива оставка од Борко Ристовски – веднаш!
Не само поради скандалот со Младинската олимпијада, туку и поради системското уназадување на македонскиот спорт. Одговорност мора да има!“, стои во соопштението на СДСМ.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Меѓусебната заштита на Коцевски со СДС и ДУИ е причина за 2% доверба во судството

СДС ги штитат корумпираните обвинители и судии бидејќи им овозможуваат закрила на нивните функционери, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Клиентелизмот на Коцевски е гаранција за заштита и неказнивост на функционерите од СДС и ДУИ.
Поддршката што Коцевски ја доби од Филипче е меѓусебна заштита која ја гуши правдата во државата. Бидејќи доколку падне Коцевски, ќе се отворат врати за истраги како против Филипче така и за останатите функционери од СДС и ДУИ.
СДС со негласањето на интерпелацијата целосно се разголи, и на виделина пред јавноста излезе спрегата помеѓу СДС, ДУИ и Коцевски.
Очигледно е дека СДС и ДУИ стојат зад заштитата на Коцевски, кој за возврат не презема ништо за наводните злоупотреби и сомнежи за висоока корупција како и сомнителни тендери поврзани со Филипче, Заев и Ахмети.
Со одбивањето да ја поддржат интерпелацијата, СДС и ДУИ јасно покажаа кој го поставал Коцевски и кој го одржува на функцијата, јавниот обвинител Коцевски.
Се додека Коцевски е на позицијата, довербата во правосудството ќе биде помала од 2%, а одговорност за криминалите поврзани со СДС и ДУИ нема да има.
Доколку постои грам морална одговорност кај Коцевски, треба да ја препознае пораката од јавноста и да си поднесе оставка.
На Македонија и се неопходни темелни реформи во судството, правосудство растеретено од политички влијанија каде судиите и обвинителите ќе носат одлука врз основа на законите и Уставот а не под влијание на партиските интереси на СДС и ДУИ.
Во Македонија неопходно е правдата да завладее, неопходни се коренити реформи и трансформација на судскиот систем“, пишува во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.