Македонија
Спасовски: Новогодишната ноќ на територијата на цела држава помина главно мирно
Mинистерот за внатрешни работи Оливер Спасовски со дел од раководството на МВР на првиот работен ден во Новата година беше во посета на полицискиот центар „Ѓорче Петров“ каде што оствари работна средба со раководствата на Одделот за специјални полициски операции и СВР Скопје.
На средбата на министерот Спасовски му беа презентирани активностите кои се преземаат во делот на оперативниот план „Безбеден град“ како и сите останати полициски активности кои се под нивна надлежност. Спасовски истакна дека во 2023 година Одделот за специјални полициски операции и СВР Скопје бележат значително зголемување на активности во рамки на воспоставените планови по „Безбеден град“ преку интензивни засилени мерки со цел заштита на сигурноста и имотот на граѓаните, спречување на извршување кривични дела и зачувување на безбедноста на граѓаните.
„ Со посебен фокус на подрачјето на град Скопје, а по потреба мерки и активности се преземаа и на сите подрачја во државава, во рамки на планот во изминатиот период преземени се бројни мерки и активности заради превентивно дејствување и спречување на казниви дела, односно извршена е проверка на идентитет на над 10.800 лица, извршен е преглед на повеќе од 9.500 лица, извршен е преглед на над 5.200 возила, а приведени се 149 лица. При спроведување на Оперативните планови „Безбеден град“ и „Безбедно лето“ полициските овластувања се применети најмногу поради сторени кривични дела против јавниот ред и мир, неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори, фалсификување на исправи, пари, разбојништва и тешки кражби.“, рече Спасовски. Министерот истакна дека и во 2023 година македонската полиција заплени повеќе од 100.000 парчиња пиротехника.
„Што се однесува за изминатава вечер, на територија на целата држава новогодишната ноќ помина главно мирно. Безбедносната состојба на територија на целата држава за време на новогодишната ноќ беше стабилна. За таа цел од страна на полицијата беше засилено присуството на терен и беа преземени координирани и насочени мерки за одржување на поволна безбедносна состојба. Имаме неколку карактеристични случаи за кои преземаме мерки за расчистување. Тие карактеристични случаи се далеку помалку од изминативе години. Имало единствено нарушување на јавен ред и мир или вкупно 12 кривични дела на територијата на цела држава, најчесто недозволена трговија со дрога, и едно загрозување на сигурноста. Имаме регистрирани прекршоци по Законот за јавен ред и мир, вкупно 20 во сите СВР-а, имаме регистрирано два прекшоци по Закон за безбедност на сообраќајот на патиштата, има вкупно 8 сообраќајни незгоди со материјална штета на територија на државата. Ова е најмал број на вакви сообраќајни незгоди кои се случиле досега. Има останати настани, поплаки кои биле пријавени, вкупно 11. Генерално ако погледнеме и низ територијата на државата, практично по еден, два настани се регистрирани по другите СВР-а, СВР Скопје, СВР Тетово се во кои имаме поголем број пријави, со оглед на населението итн, мислам дека апсолутно поволна безбедносна состојба во текот на целата вечер” рече министерот Спасовски во изјавата за медиумите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
СДСМ: Мицкоски побегна од резолуцијата, дури во Брисел
Денес, кога Собранието треба да одлучува и кога опозицијата требаше да му поставува прашања на премиерот Христијан Мицкоски, тој наеднаш избега во Брисел, обвинија од СДСМ.
„Ја остави Резолуцијата на СДСМ непотпишана а контра Резолуцијата остави да ја туркаат неговите послушници од ДПМНЕ и ЗНАМ. Оние што верно го следат предавството на својот претседател и оние што ЗНААТ дека ја предале Македонија за пари. Толку за „храбриот“ Христијан Мицкоски. Не смее да одговара на прашањата на опозицијата, затоа што вистината не може да ја погледне во очи“, велат од опозицијата.
Македонија
Стојаноски: Лагите на СДС се разоткриени, резолуцијата на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата ја гарантира безбедноста во државата
Во изминатиот период бевме сведоци на тоа како СДС сака да внесе несигурност и вознемиреност во јавноста преку ширење на лажни информации, свесни манипулации и дезинформации, кои беа интензивно и гласно пласирани во јавниот простор, изјави Бојан Стојаноски, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ.
„СДС и Венко Филипче, продолжуваат по стапките на нивниот ментор Зоран Заев. Секојдневно, гледаме иста реторика, исти методи и исти манипулативни наративи. Ова СДС не го прави случајно, туку е свесна стратегија, поради тоа што нема што ново да понуди. Ваквата кампања на опозициската СДС, која инаку повеќе се одликува со квантитет директно го нарушува мирот на граѓаните, а е и во спротивност со Кривичниот законик, Законот за прекршоци против јавниот ред и мир, како и со Законот за спречување и заштита од дискриминација“, рече тој.
Токму затоа, додава Стојаноски, преку Резолуцијата поднесена од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата во Собранието, јасно се отфрлуваат и се поништуваат сите аранжмани, одлуки и политики на поранешната влада предводена од Зоран Заев поврзани со кампови за мигранти.
„Јасно ја потврдуваме определбата за принципиелна, одговорна и предвидлива надворешна политика, заснована на заштита на националните интереси и почитување на меѓународното право. Со оваа Резолуција се става крај на сите шпекулации, дезинформации и лажни сценарија кои СДС се обиде да ги наметне во јавниот дискурс, а се поврзани со наводно прифаќање мигранти или изградба на кампови. За секое следно ширење на паника, лажни вести и манипулација на народот, кривично ќе се одговара“, рече тој.
Македонија
Јавниот обвинител Љупчо Коцевски поднесе оставка
Републичкиот обвинител Љупчо Коцевски денеска поднесе неотповиклива оставка од функцијата. Тој кажа дека од почетокот тврдел дека евентуалната постапка за негово разрешување е политичка одлука.
Тој предмалку ја соопшти одлуката на прес-конференција во Обвинителството. Коцевски рече дека си заминува од функцијата гордо и со крената глава.
„Функцијата што ја вршев нешто помалку од две години ја извршував чесно и достоинствено, заминувам со гордо крената глава, но и со разочараност поради непочитување на принципите врз кои почива правната држава. Доказ за тоа е дека дури денес во 10 часот, на само еден час пред закажаниот почеток, ми беше доставена покана од Собранието да присуствувам на седницата за која ќе се раправа за мое разрешување. Предлогот за мое разрешување не ми е доставен и немам на што да се произнесам“, рече Коцевски.
Тој вели дека е јасно оти предлогот за негово разрешување не е заснован ниту на закон ниту на факти, туку претставува преседан со далекосежни последици врз независноста на Јавното обвинителство.
„Овој предлог како основи за разрешување содржи само три реда, а ниту еден од нив нема образложение или аргументирана поткрепа. Законот е јасен: државниот јавен обвинител може да биде разрешен само доколку се утврди дека сторил тешка дисциплинска повреда. Тоа е така не заради заштита на Љупчо Коцевски или на кој било друг што ќе дојде на оваа функција, туку заради заштита на самостојноста на јавното обвинителство и начелото на поделба на власта. Принципи кои денеска се длабоко нарушени, бидејќи со ниту една постапка не е утврдено дека сум сторил ниту лесна, ниту тешка дисциплинска повреда, а тоа го потврди и Советот на јавните обвинители кој даде негативно мислење по предлогот на Владата, како уставно и законски надлежен орган задолжен да ја штити независноста на јавното обвинителство. Оттука, самата постапка за мое разрешување е правно неиздржана“, вели Коцевски.
Според него, предлогот за негово разрешување е дојден затоа што јавно и отворено зборувал за проблемите во обвинителството.
„Јас знам зошто денес стојам тука пред вас. Тоа не е заради мое непрофесионално работење. Тоа не е заради недостаток на резултати. Туку затоа што, како државен јавен обвинител, отворено и јавно зборував за проблемите и за недостигот на ресурси, затоа што не се мешав во законското право на јавните обвинители на самостојно и независно одлучување. Убеден сум дека стојам тука пред вас и затоа што се зафатив со еден навистина значаен и тежок процес – прочистување на редовите на обвинителството. Јас сум првиот државен јавен обвинител кој, по донесувањето на Законот за јавно обвинителство во 2021 година, изврши контрола на работењето на вишите јавни обвинителства и на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција“, рече Коцевски.

