Регион
Државјаните на Косово веќе може да патуваат во ЕУ без визи
Вчера, стапи во сила долгоочекуваното укинување на визите за граѓаните на Косово при влез во Европската Унија, јавува агенцијата „Франс прес“.
Безвизниот режим стапи во сила на полноќ на новогодишната ноќ. Лицата од Косово сега може да патуваат во земјите од шенген-зоната без визи и може да поминат 90 дена во половина година.
Реформата во Приштина се толкува како уште еден чекор кон целосно признавање на државата и кон амбицијата, објавена во 2008 година, за влез во Европската Унија. Кипар, Грција, Романија, Шпанија и Словачка сè уште не го признаа Косово.
„Ова е големо олеснување, чувството е добро“, изјави претприемачот Рушит Сопи за агенцијата „Франс прес“ пред да се качи на летот од Приштина за Виена.
Тој беше еден од дваесетте победници на квизот организиран од владата за да се подигне свеста за тоа што претставува укинувањето на визите. 48-годишниот сопственик на компанија, која произведува врати и прозорци, редовно лета на работа во ЕУ. „Секоја виза ме чини 300 евра. Последен пат кога го сменив пасошот, пресметав дека само визите за ЕУ ме чинат две и пол илјади евра“, рече тој.
Европските амбасади во Приштина, особено оние што се изложени на голем притисок за издавање визи, како што е германскиот конзулат, се подготвија за повеќе работа. Германскиот амбасадор Јорн Роде пред неколку дена лично им ги издаде последните визи на Косовците нагласувајќи дека таа ера, конечно, завршува.
Тој ги повика лицата од Косово да ја посетат неговата земја ова лето кога се одржува Европското фудбалско првенство. Косово го дочека 1 јануари со голем ентузијазам сметајќи го како историски ден бидејќи нивната земја се приближи до Унијата. Но, во исто време Брисел и Приштина се исто така критикувани за толку долгото одложување на визниот режим.
Косово, земја со приближно 1,8 милион жители, е последната од шесте земји од Западен Балкан на кои им е одобрено безвизно патување. „Европа досега нѐ третира како граѓани од втор ред“, вели 61-годишниот инженер Агим Госалци.
„И нашите политичари се одговорни за толку долгото чекање бидејќи еден од условите за визна либерализација беше борбата против корупцијата и организираниот криминал“, рече 33-годишната преведувачка Аделина Касоли. Шефот за надворешна политика на ЕУ, Жозеп Борел, зборуваше за историска одлука.
„Тоа носи значителни придобивки за Косово и ЕУ“, напиша тој на платформата X. Со просечна плата од речиси 400 евра и невработеност кај младите од 20 проценти, Косово е меѓу најсиромашните европски земји. Во последните два месеца владата во Приштина води кампања со која ги повикува жителите да не ја злоупотребуваат слободата на движење за да бараат вработување во Унијата.
Премиерот Албин Курти лично ја водеше кампањата патувајќи во земјата и презентирајќи ги придобивките од новиот режим. „Овој ден е важен. Укината е голема неправда и стекнато големо право“, им рече тој на победниците на квизот на аеродромот во Приштина.
Тој ги повика државјаните на Косово „да ги почитуваат критериумите и каде и да патуваат, да не забораваат дека нивниот дом е Косово“. Неговиот заменик Бесник Бислими, задолжен за европски прашања, предупреди на злоупотреби на режимот, што може да доведат до рестриктивни мерки на ЕУ, штетни за целата земја.
Многумина стравуваат дека ќе има уште поголем недостиг од работници. Институтот „Риинвест“ во Приштина предвидува дека околу 18 отсто од вработените во приватниот сектор ќе ги напуштат своите работни места и ќе се обидат да емигрираат веќе оваа година.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Србија прогласи вонредна состојба поради снегот: Илјадници домаќинства без електрична енергија
Србија утрово се разбуди под снег и мраз, а поради лошите временски услови, вонредна состојба е во сила во дури 11 општини и градови. Најголеми проблеми се прекините на електричната енергија, поради што повеќе од 6.000 домаќинства останаа без струја, пишува Н1 Србија.
Илјадници домаќинства без струја
Милорад Спасојевиќ од Секторот за вонредни ситуации потврди за РТС дека најголемиот проблем е прекинот на електричната енергија. „Околу 6.450 потрошувачи се без струја. Најлошо е во златиборската, колубараската, моравичката и мачванската област“, рече Спасојевиќ.
Цела Србија се разбуди со температури во минус. Најстудено беше на Копаоник, каде што беа измерени -17 степени, додека најниските температури меѓу градовите беа забележани во Кикинда и Сјеница, со -10 степени.
Според податоците од Републичкиот хидрометеоролошки завод (РХМЗ) од 6:09 часот наутро, во Белград, Ниш и Крагуевац се измерени -5 степени, а во Нови Сад -8 степени. На Црни Врх, каде што е регистрирана и снежна бура, температурата била -13 степени, а на Златибор -11 степени. По многу студеното утро, се очекува температурата да се зголеми на некои места во текот на денот.
Поради опасни временски феномени, утрово е во сила портокалова временска тревога за Белград, Бачка, Банат, Срем, Западна Србија, и Југозападна Србија.
Регион
Во Загреб падна замрзнат дожд
Поради најавените ниски температури и замрзнат дожд, за кои Државниот хидрометеоролошки завод издаде портокалово предупредување, постои ризик од формирање мраз на тротоарите и други површини во Загреб, објави Градот Загреб, пренесува Индекс.хр.
Градот известува дека возилата на Зимската служба на Загребските патишта превентивно ги посолуваат патиштата во областа на Загреб.
Градот Загреб апелира до сите учесници во сообраќајот, возачи и пешаци, да ги прилагодат своите движења на тешките и потенцијално опасни временски услови. На возачите им се препорачува да избегнуваат непотребно патување, да возат побавно со поголем растојание помеѓу возилата, да избегнуваат нагло сопирање и забрзување и да користат зимска опрема и соодветни гуми. Посебна претпазливост е потребна на мостовите, надвозниците и кривините.
Пешаците се повикуваат да бидат дополнително внимателни, да се движат побавно, да носат соодветни обувки и да избегнуваат замрзнати површини секогаш кога е можно.
фото/депозитфотос
Регион
Поплави во Драч: евакуирани 180 лица, поплавени околу 800 домови
Министерот за одбрана на Албанија Пиро Венгу го свика Комитетот за цивилни вонредни ситуации за регионот Драч поради поплавите, каде состојбата е најкритична. Според него, поплавени се околу 800 домови, а 180 лица се евакуирани.
Венгу информира дека сите надлежни структури се на терен и дека состојбата континуирано се следи, додека опасноста сè уште не е помината. Институтот за геолошки науки предупреди дека и денеска се очекуваат интензивни врнежи од дожд, со можност за дополнително зголемување на поплавите.
Фото: илустрација (ЕПА)

