Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Скандали во новата година – се поништи „Чебрен“, покапе струјата, шлаканици во М-НАВ, журка на Ахмети и Груби во државна институција

Во новата година се случија повеќе скандали отколку што изминаа денови, велат од ВМРО-ДПМНЕ преку соопштение.
„Прво, 2024 почна со поскапа струја за граѓаните. Додека тие крадат, граѓаните сега ќе плаќаат поскапи сметки и за повеќе од 400 денари.
Второ, се раскина договорот за изградба на „Чебрен“, и тоа бидејќи Владата на СДС и ДУИ неколкупати ја менуваше одлуката за изградба на хидроцентралата. За ова ВМРО-ДПМНЕ и Христијан Мицкоски предупредуваа неколкупати, но СДС обвинуваше дека наводно шириме невистини и лаги за на крајот да се утврди дека, всушност, сме ја говореле вистината.
Трето, воздухот и понатаму е енормно загаден, граѓаните дишат отров, а Владата на СДС и ДУИ, наместо да преземе итни мерки, ги убедува граѓаните дека тоа е само магла.
Четврто, додека на почетокот на годината Али Ахмети прави журки во државни институции и пее песни, негови луѓе им делат боксови и шлаканици на контролорите на летање во М-НАВ.
Додека контролорите на своите работни места во моментот следат, контролираат и управуваат над 40-ина авиони, насилници, лица на ДУИ, влегуваат во М-НАВ и тепаат вработени притоа поминувајќи низ вратите кои не би можеле да се отворат доколку лицето нема дозвола или службена картичка.
Последиците од ова можеле да бидат со смрттни последици бидејќи директно се носи во опасност целиот авиосообраќај.
Министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски, кој е најповикан да го осуди скандалот, цел ден го нема.
Петто, за само три дена од 2024 година распишани се неколку огласи во министерства, агенции и центри за вработување дури 135 јавни и државни службеници. Владата на СДС и ДУИ на само неколку дена до избор на нова техничка влада ги удомува своите партиски војници.
Шесто, додека Владата на СДС се фали со покачена минимална плата, молчи за зголемемата плата на функционерите од власта.
И додека граѓаните едвај преживуваат и се борат како да го поминат месецот, владините функционери на СДС и ДУИ ќе земаат уште едно покачување од 400 евра.
СДС и ДУИ се најголемото промашување на Македонија.
СДС и ДУИ работат на штета на граѓаните. Со СДС и ДУИ на власт никогаш не било полошо и за граѓаните и за државата.
Секој ден за СДС и ДУИ повеќе е ден загуба за граѓаните.
Важно е да ги поразиме“, се наведува во соопштението.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Филипче: Со чесна и посветена работа Асен Шајн ќе го врати сјајот на Охрид

Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Венко Филипче на граѓанската трибина во Охрид, порача дека оваа општина заслужува посветена, чесна и одговорна локална власт, со Охрид повторно ќе биде бисер на Македонија.
„Сега имаме можност заедно да го направиме Охрид повторно бисер на Македонија. За нас и за нашите поколенија. Сега е време за промени во Охрид, време е општината да добие градоначалник како д-р Шајн”, порача Филипче.
Лидерот на СДСМ го претстави кандидатот за градоначалник, Асен Шајн, како човек со визија, искуство и посветеност кој ќе ги заврши проектите, ќе го врати редот и ќе се грижи за охриѓани со чесност и посветеност.
„Тој е тука за да го врати редот, да ги заврши проектите и да го врати Охрид на граѓаните. Асен е вреден човек, чесен човек. Човек кој ќе работи во интерес на Охриѓани и ќе се грижи за нив исто како што се грижи за нивното здравје. Кај него нема ароганција, нема непристапност, тој ќе биде човек на народот”, посочи Филипче.
Тој се осврна на моменталната состојба во општина Охрид, посочувајќи дека реалноста покажува сериозни проблеми: непланско ширење на градот, зголемени цени на јавни услуги, недовршени капитални проекти и сообраќаен хаос, што го намалува квалитетот на животот на охриѓани.
„Охрид стана симбол на урбанистички хаос, со рекорден број дозволи за градба и недовршени проекти како плоштадот „Крушевска Република“, велосипедската патека до Св. Стефан и катната гаража. Локалната власт е фокусирана на фамилијарни вработувања и тендери, додека граѓаните се соочуваат со секојдневни проблеми“, нагласи Филипче на граѓанската трибина на СДСМ и Коалицијата „Се бориме за нашиот дом”.
Македонија
Времето денеска променливо облачно со сончеви периоди

Времето денеска ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец, поизразен долж Повардарието. Минималната температура ќе биде во интервал од -6 до 5, а максималната ќе достигне од 3 до 15 степени.
Во Скопје, променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 2, а максималната ќе достигне до 12 степени.
Во недела утрото ќе биде ведро и студено со ниски утрински температури, кои наместа ќе се спуштат под нула степени. Во текот на денот ќе преовладува сончево и потопло време со мала до умерена облачност, која кон крајот на денот ќе се зголемува. Во текот на ноќта и во понеделник ќе има повремени локални врнежи од дожд. До среда ќе дува умерен до засилен северен ветер, а температурите ќе се задржат под просекот за овој период од годината.
Македонија
Мицкоски до Ахмети: Игрите на етничка карта се научени, ние читаме една нова книга за Македонија која е развиена, во која младите се враќаат

СДСМ на овие избори настапуваат со слоганот „се бориме за нашиот дом“. И сè е тоа фино, ама забораваат дека пред година и три месеци тие управуваа со домот. И она што го затекнавме не беа нарушени, туку уништени темели. Кога ќе се сетам дека првите одлуки кои ги донесов како премиер беа да враќаме плати кои тие не ги исплатиле и дека делевме субвенции кои тие со години не ги исплаќаа. Секој ден во Владата ми доаѓаше по некој кој сведочеше за рушвет, тоа трае и денес, рече претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски на вечерашниот митинг во Битола.
„Се сеќавате дека 500 илјади наши сограѓани, поточно секој трет човек во државата живееше со 150 денари на ден. Дека имаше двоцифрена инфлација, дека го руинираа животниот стандард на чие кревање напорно и постепено работиме. А ДУИ беа господарите кои одлучуваа за целата економија, за тендерите, купуваа трговски центри, бензински пумпи, скапи деловни простории и што уште не. Се сеќавате ли на играњето фудбалчиња во канцеларии“, кажа Мицкоски.
Мицкоски укажа дека тоа време на народот не му носи ништо добро.
„Го слушам Филипче како се потсмева на тоа што на пензионерите им се зголемуваат пензиите за 1000 денари, а намерно пропушта да каже дека за година и пол пензиите се зголемуваат за цели 5000 денари, што покажува дека има разлика со времето кога тие наместо да даваат, земаа од пензионерите. Јас и сфаќам дека 5000 денари не се големи пари за Филипче кој е научен на јахти, згради и веселби во Дубаи, но ние го испорачавме тоа што го ветивме“, укажа Мицкоски.
Мицкоски се осврна на однесувањето на Али Ахмети и раководството на ДУИ во текот на оваа локална кампања.
„Што се однесува до Ахмети, тажна е сликата како се присетува и дели некакви историски лекции, додека неговиот народ се иселува поради неговото криминално владеење. Човекот води избори за локални избори, а не пропушта да спомне историска лекција. Но, додека беше во владата не заборави своето семејно портфолио да го зголеми со еден убав трговски центар во центарот на главниот град, неговите соработници да купуваат скапи деловни простории. Но, затоа не кажува ни еден збор што ќе направи да ги задржи Албанците во своите родни места, но него не му е до Албанците, тој само се заканува и игра само на етничка карта. Сакам да му порачам дека овие лекции се научени и се минато, ние читаме една нова книга за Македонија која е развиена, а младите што се селеа поради таквите како него да се вратат во државава“, заклучи Мицкоски.