Свет
Kако претседателот на Ел Салвадор ја искорени мафијата во земјата – неговите методи се морничави, здруженијата реагираат
Харизматичниот претседател на Ел Салвадор, кој затвори 75.000 криминалци, го слави падот на стапката на убиства тврдејќи дека ја исчистил земјата и ја направил најбезбедната во Латинска Америка.
Наџиб Букеле, кој многумина го нарекуваат „најкул диктатор на светот“, затвори повеќе од 75.000 члена на банди во еден од најголемите затворски системи на континентот по прогласувањето воена состојба во март 2022 година.
Навистина, стапката на убиства што достигна врв од 106 на 100.000 жители пред девет години падна на 2,4 минатата година, што ја прави 2023 година „најбезбедна година во историјата на Ел Салвадор“. Само 7.000 од приведените се ослободени, а другите се сместени во страшна мрежа на строго контролирани затвори, што ги вознемири групите за човекови права.
Но, рејтингот на Букеле се искачи на речиси 90 отсто во земјата која со години ја измачуваат картели, вклучувајќи ги и озлогласените банди MS-13 и 18th Street.
„Ќе продолжиме да ги разбиваме криминалните структури“, рече неговиот министер за правда, Густаво Вилаторо, притоа гордо објавувајќи ги овие бројки, додавајќи: Територијата ѝ припаѓа на државата Ел Салвадор, што значи дека овој паралелен криминален свет повеќе не постои.
Од друга страна, организациите за човекови права пријавија 190 смртни случаи и над 5.000 случаи на злоупотреба и полициска бруталност.
„Некои апсења беа засновани само на поединци што имаат тетоважи или претходни криминални досиеја или живееле во област контролирана од банда“, напиша „Амнести интернешнл“ во својот извештај за Ел Салвадор минатата година.
„Илјадници луѓе беа неправедно обвинети, а судењата, кои беа експресни, понекогаш се организираа за стотици обвинети одеднаш“.
Многумина се сместени во терористичкиот притворен комплекс ЦЕКОТ, кој беше отворен во јануари минатата година и кој критичарите го споредија со концентрационен логор. Повеќе од 100 затвореници делат една ќелија, секоја со само два тоалета. Сите имаат нешто помалку од еден квадратен метар за живеење и спиење. Тие немаат душеци, немаат отворени простори и редовно се тепани, малтретирани и експлоатирани.
Во затворот работат над 800 чувари, а на фотографиите, што владата со задоволство ги објавува, се прикажани затвореници со врзани раце зад грбот, принудени да стојат или да седат со главите на грбот на затворениците пред нив. Секој контакт со надворешниот свет е прекинат. Блокаторите ги исклучуваат сите телефонски сигнали. Затворениците ги напуштаат ќелиите само за сослушувања, кои се спроведуваат со видеоповик, алармираат организациите.
Проблемот со бандите и картелите во земјата датира од граѓанската војна во 80-тите.
Кога бегалците побегнаа од Латинска Америка во САД, на улиците на Лос Анџелес се формираа бандите MS-13 и 18th Street. Кога војната заврши, тие се вратија во Ел Салвадор. Со себе ги донесоа своето ривалство и насилството.
Сега се смета дека 18th Street има приближно 65.000 члена во целиот свет, а MS-13 има меѓу 50.000 и 70.000. Како што растеле, така растело и нивното влијание.
Илјадници членови од двата табора се бореа и загинаа за титулата најмоќна банда во Централна Америка профитирајќи од злосторства, како што се трговија со луѓе и дрога, изнуда, перење пари, уцени и киднапирања.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Маж нападна полицаец со нож во Париз
Маж вооружен со нож, кој се обиде да нападне полицаец кај Триумфалната капија во Париз, беше ранет од неколку куршуми испукани кон него од друг припадник на безбедносните сили, објави агенцијата Франс прес, повикувајќи се на полициски извор.
Напаѓачот е однесен во болница. Полицијата е присутна кај Триумфалната капија, споменик во центарот на Париз во близина на Шанзелизе, за церемонија на палење факел на Гробот на непознатиот војник.
Националното обвинителство за борба против тероризмот објави дека го презема случајот.
фото/Depositphotos
Свет
Зеленски: Путин не е млад човек, нема многу време
Украинскиот претседател Володимир Зеленски верува дека само САД имаат моќ да ја принудат Русија да склучи мир.
„Да бидеме искрени, денес само Европа ѝ дава пари на Украина и ѝ помага. Само САД можат да го сопрат Путин“, изјави тој за POLITICO.
Сепак, Зеленски изрази загриженост дека Белата куќа можеби не ја разбира суштината на проблемот.
„Од она што го гледам, тие испраќаат повеќе сигнали дека Украина треба да направи компромис, а не Русија“, рече тој.
„Не мислам дека тоа е правилниот став. Секако, така е поедноставно“, додаде тој.
Осврнувајќи се на возраста на Владимир Путин, Зеленски забележа дека рускиот претседател, кој сега има 73 години, повеќе не е млад човек. „Тој нема многу време“, додаде украинскиот претседател. „Дај Боже да нема многу“, заклучи тој.
Свет
Украински министер: Не е реално војната да се заврши без Трамп
Украинскиот министер за надворешни работи, Андриј Сибиха, извести за напредокот на преговорите со Русија за прекин на инвазијата, истакнувајќи дека три од 20-те точки од мировниот план остануваат контроверзни. Тој потврди дека претходните две рунди разговори се одржаа во Абу Даби, а следната ќе се одржи следната недела во Женева.
Сибиха оцени дека преговорите „напредуваат“, пофалувајќи го лидерството на американскиот претседател Доналд Трамп. Тој експлицитно изјави дека „нереално е да се заврши оваа војна без Трамп“. И покрај ова, тој предупреди дека Русија не покажува „никакви знаци на подготвеност за сериозни преговори“.
„Паралелно, мора да продолжиме да вршиме притисок врз Русија и, мора да признаеме, сè уште имаме инструменти на влијание“, рече Сибиха.
Украинскиот министер откри дека сè уште има несогласување за три точки во мировниот план, кој содржи 20 точки. „Имаме изводливи предлози, па затоа во следната рунда навистина се надеваме дека нема да слушаме дополнителни историски предавања. Сега е време за акција, за дела и за конкретни, решителни чекори“, нагласи тој.
На неговите зборови се надоврза и францускиот министер за надворешни работи Жан-Ноел Баро, кој рече дека војната мора да заврши.
„Јасно е дека треба да ја запреме оваа војна, а со нашите сојузници и пријатели сè уште имаме механизми за да го постигнеме тоа“, рече тој.
Тој откри дека Франција и Обединетото Кралство „отишле многу далеку“ за да ги блокираат бродовите на руската „флота во сенка“, додека „користеле воени средства“.
Баро, исто така, ја нагласи важноста на претстојниот, 20-ти пакет санкции на Европската Унија, кој се очекува да биде усвоен на 24 февруари, на четвртата годишнина од почетокот на тоталната агресија. Тој, исто така, ја спомена улогата на таканаречената Коалиција на волјата во обезбедувањето идни безбедносни гаранции за Украина.
фото/Depositphotos

