Свет
(Видео) Пит бул нападна дете во Австралија: шестгодишното момче доби тешки повреди на лицето
Шестгодишниот Данте Скордас во петокот си играл со својата двегодишна сестра во Рокхемптон, Квинсленд, кога бил нападнат од пит бул. Итно бил пренесен во болница, каде што, поради тешки повреди, добил 30 конци. Татко му Ендрју вели дека тоа било многу тешко искуство за момчето.
„Беше многу трауматично. Многу трауматично, особено за него“, рекол таткото, пренесува „Дејли мејл“.
Ендрју Скордас, кој бил присутен за време на нападот, вели дека сè се случило многу бргу и дека кучето само го нападнало момчето додека си играло со сестра си.
„Се свртев и тоа ме касна. Тато мораше да го повлече кучето од мене“, вели шестгодишното дете.
Момчето завршило со голема отворена рана на левиот образ, која била сè до увото.
Втората поголема повреда била на десната страна на лицето и се протегала од образот до брадата. Семејството вели дека операцијата траела три часа и дека Данте за малку ќе умрел од загуба на крв за време на нападот. Питбулот престојувал кај соседот. Односно, тие не биле негови сопственици, туку само го чувале. Истрагата за околностите на инцидентот е во тек.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Бебето кое исчезна од породилиштето во Виена е пронајдено мртво во корпа за ѓубре, уапсена мајката
Бебето кое исчезна вчера од болница во Виена утрово е пронајдено мртво во корпа за отпадоци во близина на болницата, пишуваат австриските медиуми.
Како што соопштија истражителите, доенчето било завиткано во најлонска кеса, а мајката (29) на еднонеделното бебе е уапсена.
Вчера медицинската сестра забележала дека бебето не е во собата, а не била ниту мајката, па била повикана полиција која веднаш почнала интензивна потрага.
Ги проверувале сите автомобили, дури и ранците на велосипедистите, а во потрагата учествувале и кучиња трагачи. Во текот на вечерта мајката била сослушана во полиција. Што им кажала се’ уште не е познато.
Сослушан е и наводниот татко на детето, чие татковство мајката не сакала да го признае, велат од полицијата. Тој не е осомничен за кривичното дело.
Свет
Министерство за одбрана на Русија: Сите бојни глави на ракетата „Орешник“ стигнаа до целта
Руското Министерство за одбрана соопшти дека сите бојни глави на балистичката ракета со среден дострел „Орешник“ стигнале до украинскиот воено-индустриски комплекс во Днепро (поранешен Днепропетровск).
„На 21 ноември 2024 година, како одговор на употребата на американско и британско оружје со долг дострел против објекти на територијата на Руската Федерација, вооружените сили извршија комбиниран напад врз еден од објектите на воено-индустрискиот комплекс. Нападот беше успешно искористен со ненуклеарна хиперсонична опрема“, се наведува во соопштението.
Рускиот претседател Владимир Путин во четвртокот вечерта објави дека Украина употребила западно оружје со долг дострел против руската држава поради што регионалниот конфликт доби елементи на глобален.
Тој исто така рече дека еден од најновите руски ракетни системи со среден дострел, балистичката ракета „Орешник“, бил тестиран во борбени услови.
Свет
Песков: Русија покажа способност да одговори на акциите на Западот
Портпаролот на рускиот претседател Дмитриј Песков денеска изјави дека Русија покажала способност да одговори на акциите на Западот со употреба на балистички ракети и оцени дека американската администрација во заминување продолжува да го следи патот на ескалација на конфликтот во Украина.
„Гледаме дека администрацијата во заминување на американскиот претседател Џозеф Бајден претпочита да оди понатаму по патот на ескалацијата и тоа го прави со прилично непромислена ескалација“, им рече Песков на новинарите.
Според неговите зборови, рускиот претседател Владимир Путин бил и останува отворен за контакти во врска со решавањето на украинскиот конфликт и транзицијата кон мирен пат.