Свет
Вонредна состојба на Еквадор: озлогласен нарко бос избега, во затворите избија немири, чувари се држат за заложници
Еквадор прогласи вонредна состојба кога еден од најопасните криминалци во земјата исчезна од својата ќелија, додека во затворите ширум земјата избија немири во кои затворските чувари беа совладани и земени како заложници.
Илјадници војници и полицајци трагаат по Адолфо Масијас, познат како Фито, осудениот водач на моќната нарко банда Лос Чонерос.
44-годишниот нарко бос исчезна во неделата од затворот во пристанишниот град Гвајакил каде ја отслужуваше казната. Наскоро требало да биде префрлен во објект со максимална безбедност во истиот град. Еквадорскиот претседател Даниел Нобоа вчера прогласи вонредна состојба од 60 дена.
„Помина времето кога осудените за трговија со дрога, атентати и организиран криминал и кажуваа на владата што да прави“, рече тој. Нобоа (35), кој беше избран во ноември со ветување дека ќе го сузбие насилниот криминал, рече дека неговата влада им наредила на војската и полицијата да преземат акција.
„Нема да преговараме со терористите и нема да запреме додека не го вратиме мирот на Еквадорците“, рече тој. Во последниве години оваа јужноамериканска земја се соочи со бран на насилство, а владите беа немоќни во обидот да го спречат организираниот криминал, пишува Гардијан.
Затворските власти во Еквадор потврдија дека чуварите биле земени како заложници во пет затвори ширум земјата, без да дадат дополнителни детали. Непроверените снимки од социјалните мрежи наводно покажуваат маскирани членови на банда со нож како заложници ги држат гувернерите на затворот додека читаат изјави во кои бараат од претседателот Нобо „да внимава на нивните животи и безбедноста“.
„Ние сме татковци, глави на семејства, во многу случаи ги разбираме вашите постапки, но ве предупредуваме затоа што не се грижите за нас кои сме на боиштето, пред куршуми“, велат заложниците. Обвинителството на Еквадор објави дека двајца функционери се уапсени под сомнение дека му помогнале на Масијас да избега.
Масијас отслужува 34-годишна затворска казна од 2011 година, осуден за трговија со дрога, убиства и организиран криминал. Тој беше во затворот Гуајас 4, познат како Ла Регионален, во Гвајакил, пристанишен град. Лос Чонерос е една од еквадорските банди кои властите ги сметаат за одговорни за бранот насилство.
Безбедносните аналитичари велат дека бандата е поврзана со мексиканскиот картел Синалоа. Минатата година во Еквадор беше убиен претседателскиот кандидат Фернандо Вилависенсио. Пред неговата смрт, политичарот рече дека му се заканувале од бандата, но досега властите директно не го обвинија Масијас или неговата група дека стојат зад убиството.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Ројтерс: Иран блиску до договор со Кина за ракети кои наводно се способни да потопат носач на авиони
Иран е блиску до склучување договор со Кина за набавка на противбродски крстосувачки ракети CM-302, во момент кога САД распоредуваат значителни поморски сили во близина на иранскиот брег, објави „Ројтерс“, повикувајќи се на шест извори запознаени со преговорите.
Според извештајот, договорот е речиси финализиран, но датумот на испорака сè уште не е утврден. Станува збор за супeрсонични ракети со дострел од околу 290 километри, дизајнирани да избегнуваат бродска одбрана со лет на мала висина и голема брзина.
Експерти за вооружување оценуваат дека нивното воведување би ги засилило иранските напаѓачки способности и би претставувало сериозна закана за американските поморски сили во регионот. Поранешен израелски разузнавач изјавил дека таквата способност „целосно би ги променила правилата на игра“.
Преговорите со Кина започнале пред две години, но се забрзале по минатогодишниот конфликт меѓу Израел и Иран, наведуваат изворите. Во меѓувреме, САД распоредуваат носачи на авиони, вклучително и USS Abraham Lincoln и USS Gerald R. Ford, во близина на Иран.
Кинеското Министерство за надворешни работи соопштило дека не е запознаено со преговорите за продажба на ракети, додека Белата куќа не дала директен коментар. Американскиот претседател, Доналд Трамп, му дал рок на Иран за договор околу нуклеарната програма, во спротивно се заканил со „драстични мерки“.
Свет
Обилни дождови во Бразил: Најмалку 14 загинати, 440 раселени
Најмалку 14 лица загинале, а 440 се раселени откако обилни дождови го погодиле југоисточниот бразилски град Жуис де Фора, соопштија локалните власти.
Дождовите предизвикале поплави и свлечишта, а наставата во општинските училишта е прекината. Властите мобилизирале специјализирани тимови за помош и потрага по исчезнати лица. Градот, кој се наоѓа во сојузната држава Минас Жераис, прогласил состојба на катастрофа.
Локалните власти наведуваат дека ова е најврнежливиот февруари во историјата на градот, со двојно повеќе врнежи од очекуваното. Националниот институт за метеорологија издал предупредувања за обилни дождови во делови од 14 сојузни држави, вклучително и Рио де Женеиро.
Свет
Трамп сака до Денот на независноста да ја запре војната во Украина
Американскиот претседател, Доналд Трамп, се обидува да постигне договор за прекин на војната во Украина пред 4 јули, кога ќе биде домаќин на одбележувањето на 250-годишнината од американската независност, пренесува „Блумберг“, повикувајќи се на високи американски функционери.
За време на претседателската кампања, Трамп повеќепати ветуваше дека ќе ја заврши војната во рок од 24 часа по преземањето на функцијата. Сепак, околу 400 дена по почетокот на неговиот втор мандат, тристраните разговори не довеле до договор.
Трамп сега, според „Блумберг“, има цел војната да заврши во рок од четири месеци. Но, Кремљ денеска, на четвртата годишнина од почетокот на војната, порача дека борбите ќе продолжат сè додека не се остварат руските цели во Украина.

