Свет
Објавени над 600 страници од судењето за Епштајн, жртвата откри: „Имав секс и со друг принц, Клинтон двапати го посети островот“
Сведоштвата на Џефри Епштајн, Вирџинија Џуфре, Гислајн Максвел и жртвата Сара Ренсом беа објавени денеска во последната рунда незапечатени судски досиеја. Во изјавата објавена од судот денес, жената која го обвини принцот Ендрју, Вирџинија Џуфре, тврди дека имала секс со член на друго кралско семејство на југот на Франција кога имала 17 години, но не го знаела неговото име.
Џуфре во своето сведочење тврдеше дека двапати го видела Бил Клинтон на карипскиот остров на Џефри Епштајн. Други гости на островот биле Ал Гор и Хајди Клум, сведочела Џуфре.
Во својот исказ во 2016 година, Џуфре, која излезе во јавноста со нејзините обвинувања против принцот Ендру во 2011 година, рече дека тој не е единствениот член на кралско семејство кому му била нудена. Таа тврди дека Епштајн ја запознал и со друг принц, но дека таа не го знаела неговото име.
Исто така тврдеше дека имала секс со милијардерот на Викторија Сикрет Лес Векснер повеќе пати во Ново Мексико и Њујорк. Векснер беше близок пријател на Епштајн и влезна врата во њујоршкото општество, давајќи му работа во раните 1990-ти, па дури и му ги даваше клучевите од неговата вила во Њујорк.
Денеска беа објавени над 600 станици, што е последно во низата досиеја за осудениот педофил, кои почнаа да се објавуваат минатата недела.
Во својот исказ во септември 2016 година, Епштајн се повика на Петтиот амандман, одбивајќи да одговори на какви било прашања од страв да не се инкриминира.
Само сведочењето на Сара Ренсом е на повеќе од 400 страници. Таа претходно во мејловите тврдеше дека нејзина пријателка спиела со Бил Клинтон, Доналд Трамп и Ричард Бренсон и дека Епштајн ги снимал тие средби.
Сите мажи ги негираа нејзините тврдења, кои подоцна ги повлече поради страв за својата безбедност.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Албанија со торта во Брисел го прослави отворањето на последниот преговарачки кластер со ЕУ
Албанија со торта во Брисел го прослави отворањето на последниот од вкупно шест преговарачки кластери со ЕУ.
„Го отворивме последното кластер-поглавје од преговорите со Европската унија, поставувајќи апсолутен рекорд во процесите на европската интеграција со отворање на сите поглавја за само 14 месеци. Сега следува завршување на преговорите до 2027 година, согласно Заедничкиот план со Европската комисија“, соопшти премиерот на Албанија, Еди Рама.
Албанија е земјата што најбрзо напредува во пристапните преговори. Според новата методологија на пристапните преговори, 35 преговарачки поглавја се поделени во шест тематски единици, шест кластери. Преговорите повеќе не се отвораат во поединечни поглавја, туку во кластери, што не е случај со затворањето, каде што секое поединечно поглавје сè уште се затвора одделно.
По отворањето на сите кластери за преговори, следниот чекор е да се исполнат привремените критериуми во основниот кластер, кој ги опфаќа правдата и внатрешните работи, што е услов за затворање на другите поглавја од преговорите. Албанската влада си постави цел да ги заврши пристапните преговори до крајот на 2027 година.
Свет
Голема истрага во Истанбул откако починаа мајка и двете деца по престој во хотел, таткото се’ уште е на интензивна нега
Oна што требаше да изгледа како одмор од соништата заврши со голема трагедија. Мајката и двете мали деца од Германија починаа во Истанбул, таткото е на интензивна нега. Полицијата истражува во сите правци.
Прво стануваше збор за расипани полнети школки, популарна улична храна во турската метропола, во меѓувреме некои медиуми пишуваат и за нелегални инсектициди што се користат во хотелот каде што престојувало четиричленото семејство од Хамбург. Оваа теорија е поткрепена и од фактот дека неколку други гости на истиот хотел моментално се на лекување, пишува Дојче Веле.
Германските медиуми ја пренесуваат изјавата на локален лекар, кој наведува дека хотелот бил дезинфициран од штетници.
Во меѓувреме, властите го евакуираа погодениот хотел во населбата Фатих, според државната новинска агенција Анадолу во саботата навечер, и ја запечатија зградата. Гостите се преместени. Според официјалните податоци од петокот, во Истанбул не е откриено невообичаено зголемување на случаите на труење со храна.
Уапсени осум осомничени
Според извештаите на медиумите, во меѓувреме се уапсени единаесет осомничени: веќе во петокот, четворица продавачи на улична храна, во саботата уште тројца осомничени, меѓу кои еден одговорен во хотелот, пекар од хотелската област, а денес уште двајца вработени во хотелот кои треба да бидат изведени пред истражен судија.
Татко, мајка, шестгодишен син и тригодишна ќерка, семејство од турско потекло од Хамбург, отпатуваа во Истанбул пред една недела. Во среда, според агенцијата Анадолу, семејството беше примено во болница под сомнение за труење со храна поради гадење и повраќање и накратко беше отпуштено.
Откако состојбата се влоши, целото семејство повторно беше пренесено во болница во текот на ноќта. Набргу потоа, двете деца починаа, а потоа во петокот почина и мајката. Таткото е сè уште на интензивна нега – нема нови информации за неговата состојба.
Неостварен сон
Таткото на починатата жена изјави за новинската агенција Анадолу дека се надева на добри вести за својот зет. Семејството доаѓало во Турција на одмор секоја година. Ова лето, тие го уредиле и реновирале таванот во семејниот стан во нивниот роден град Болдавин: „Тие планирале да се преселат тука. Ова беше нивниот сон.“
Со над 19 милиони туристи годишно, Истанбул е една од најпосетуваните метрополи во светот. Туристичката канцеларија зборува за тоа како градот целосно се опоравил по терористичките напади и политичките немири во последните години. Според германските медиуми, хигиенските стандарди во рестораните се зголемени во последните години.
Свет
Шефот на Би-Би-Си: Трамп нема основа за тужба
Британската Би-Би-Си ќе се спротивстави на секоја правна постапка што ќе ја покрене Доналд Трамп против неа, изјави директорот на јавниот радиодифузен сервис, додавајќи дека нема основа за тужба за клевета поради начинот на кој е монтиран еден од говорите на американскиот претседател.
Трамп пред три дена изјави дека веројатно ќе ја тужи Би-Би-Си оваа недела за износ до пет милијарди долари отштета откако радиодифузерот неприродно спои два дела од говорот на Трамп, оставајќи впечаток дека американскиот претседател отворено повикува на немирите што се случија во Капитол во јануари 2021 година.
Генералниот директор на Би-Би-Си, Самир Шах, испрати лично писмо до Трамп за да се извини за монтажата, соопшти радиодифузерот, но додаде дека тој силно негира дека има каква било основа за тужба за клевета. Трамп им кажа на новинарите дека ќе бара помеѓу 1 милијарда и 5 милијарди долари.
„Мислам дека морам да го направам тоа. И тие дури и признаа дека измамиле“, рече тој.
Шах денес им кажа на вработените во Би-Би-Си во е-пошта дека има широко распространети шпекулации за можноста за судска постапка, вклучувајќи потенцијални трошоци или спогодби.
„Во сето ова, ние, секако, сме остро свесни за привилегијата на нашето финансирање и потребата да ги заштитиме нашите даночни обврзници, британската јавност“, рече тој.
„Сакам да бидам многу јасен со вас: нашата позиција не се променила. Нема основа за тужба за клевета и ние сме решени да се бориме против тоа“, рече Шах.

