Македонија
Мицкоски: Системот е девастиран и уништен, тоа се виде во М-НАВ, каде што членови на ДУИ упаднаа и го загрозија објектот од стратешко значење
Тоа само ја покажува девастираноста на системот, уништениот систем, кој не фунционира. Она што се случуваше во Македонската навигација, каде што насилници и тепачи, членови на Демократската унија за интеграција, упаднаа во просториите и практично загрозија објект кој е од стратешко значење за Македонија, вели претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, од Кисела Вода, каде што беше на терен во рамките на активноста „Важно е! Од тебе зависат промените!“, при што од новинарите беше запрашан за коментар во врска со Кривичниот суд, кој денес треба да донесе одлука по жалбата на ОЈО за упадот во М-НАВ.
„Видовте како партизираното и октроирано судство ги ослободи истите тие и денеска повторно имаме партизирано и октроирано судство, кое треба повторно, оние што ги тепаат, а тоа се коалицијата СДСМ – ДУИ или ДУИ – СДСМ, повторно сега октроирани, партизирани судии и обвинители да ве обвинивуаат и да ви судат, кои доаѓаат од коалицијата СДСМ – ДУИ. Јас не верувам дека нешто може да се постигне. На Ковачевски и на другите им пречи активноста на Синдикатот и на претседателот на Синдикатот, а не им пречат насилниците и тепачите. Самото тоа е еден вид глупост, за мене“, рече Мицкоски.
Тој додаде дека она што треба да се случи е промена на следните парламентарни избори, голема победа на ВМРО-ДПМНЕ и да се стави крај на девастираниот систем, да почне системот полека, но сигурно да функционира, бидејќи граѓаните треба да ја вратат довербата во него.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сообраќајот се одвива во зимски услови, по наместа влажни коловози
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по наместа влажни коловози, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Делови од Центар и Чаир денеска без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска имаат планирани два зафати во водоводната мрежа и тоа:
· поради уличен дефект на ул.Адам Мицкиевиќ бб (пред ОУ „Киро Глигоров“), прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од следниве улици: Адам Мицкиевиќ-вклучително и основното училиште, дел од Козара и дел од Васил Ѓорѓов, општина Центар. Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 08:30 часот до завршување со санација на дефектот.
· поради уличен дефект ф-225м на ул.Отокар Кершовани бб , прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од следниве улици: Отокар Кершовани,вклучително Амбуланта „Бит Пазар“, Петре Георгиев и Чаирска, општина Чаир.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 08:00 часот до завршување со санација на дефектот.
Македонија
Променливо облачно со умерен до засилен ветер од југоисточен правец
Променливо облачно со умерен до засилен ветер од југоисточен правец. Попладне и во текот на ноќта ќе има локални врнежи од дожд, кои ќе бидат пообилни во југоисточните делови. На повисоките планини врнежите ќе бидат од снег.
Минималната температура ќе биде во интервал од 2 до 7, а максималната ќе достигне од 7 до 11 степени.
Во Скопје, променливо облачно со умерен, повремено засилен ветер од југоисточен правец. Кон крајот на денот, а особено во текот на ноќта ќе има повремени врнежи од дожд. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 10 степени.
Времето во наредните денови
Од денеска следува период на променливо облачно време со повремени локални врнежи од дожд со променлив интензитет. На повисоките планини врнежите ќе бидат од снег. Ќе дува слаб до умерен, а во текот на денешниот ден засилен ветер од југоисточен правец. Температурите ќе бидат во пораст.

