Свет
Зеленски: Нема да се согласиме на прекин на огнот со Русија
Украинскиот претседател Володимир Зеленски, собирајќи воена и политичка поддршка во балтичките земји во средата и четвртокот, силно ја отфрли идејата за прекин на огнот со Русија велејќи дека тоа само ќе ѝ користи на Москва со тоа што ќе ѝ даде време да ги обнови своите вооружени сили.
Русија има голем дефицит во беспилотни летала, артилерија и ракети, а Кремљ би ја искористил паузата во борбите за да ги врати резервите на ова оружје, рече Зеленски вчера за време на посетата на Естонија.
Зеленски додаде дека Москва во моментот е принудена да купува оружје од Иран и Северна Кореја за војната против Украина. Прекинот на огнот исто така ќе ѝ даде шанса на Русија да ги прераспореди и прегрупира своите сили, потенцијално ставајќи ги украинските трупи во неповолна положба во идните борби. Прекинот на непријателствата би можел да им овозможи на руските сили да нѐ совладаат и ние нема да го ризикуваме тоа, рече Зеленски сумирајќи ја својата позиција.
Зеленски ова го изјави по средбата со естонскиот претседател, Алар Карис. Тој слета во Талин во четвртокот како дел од турнејата во три балтички земји. Во средата беше во Литванија, а подоцна во четвртокот замина за Летонија, додека се обидува да собере меѓународна поддршка за својата земја, која речиси две години се брани од руската инвазија.
Но, има сѐ повеќе знаци на воен замор кај еден од главните поддржувачи на Киев, САД, како и во некои делови од Европа.
Поранешните советски републики Литванија, Естонија и Летонија се меѓу најцврстите поддржувачи на Украина обезбедувајќи му на Киев доследна воена, финансиска и хуманитарна поддршка.
Трите земји членки на ЕУ исто така се залагаат за построги санкции на ниво на ЕУ за Москва и повеќе испораки на оружје за Киев.
Зеленски во Талин ја продолжи својата кампања за брз влез на Украина во одбранбената алијанса на НАТО велејќи дека тоа не само што ќе биде најдобрата безбедносна гаранција за Украина туку и за балтичките земји и Полска, кои се граничат со Русија.
Зеленски ѝ се заблагодари на Естонија за „постојаната опиплива поддршка“ што ја обезбедуваат.
Естонија, земја со 1,2 милион жители, вети дека ќе ѝ даде на Украина 0,25 отсто од годишниот буџет за одбрана до 2027 година. Вкупната помош на Естонија од почетокот на војната тогаш ќе изнесува 1,2 милијарда евра.
Од Естонија, Зеленски се упати кон соседна Латвија, каде претседателот Едгарс Ринкевичс вети натамошна воена помош.
По средбата со Зеленски, Ринкевичс најави дека следниот пакет-помош ќе вклучува хаубици, артилериска муниција од 155 милиметри, системи за противтенковска и противвоздушна одбрана, ракетни фрлачи, теренски возила, рачни гранати, хеликоптери и друга опрема.
Латвија исто така сака да обучи 3.000 украински војници оваа година и да ја поддржи Украина со производство на беспилотни летала. „Владата, нашата земја и нашиот народ ќе продолжат да ѝ ја даваат на Украина сета потребна поддршка“, рече Ринкевичс.
Според него, Летонија обезбедила помош во вредност од 600 милиони евра, што е еднакво на 1 процент од БДП на земјата.
Зеленски ѝ се заблагодари на Летонија за нејзината „непоколеблива поддршка“.
„Силата на нашите војници, силата на нашите вооружени сили во голема мера ќе зависи од овој вид помош во иднина“, рече тој.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
(Видео) Вучиќ ѝ се јавил на Дијана Хрка за да ја замоли да го прекине штрајкот со глад, таа вели дека не се чувствува добро
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, утрово лично им се јавил на Дијана Хрка и Угљеша Мрдиќ, двајцата активисти кои веќе неколку дена штрајкуваат со глад во Собранието.
„Разговарав по телефон со Дијана Хрка и Угљеша Мрдиќ. Ги замолив да го прекинат штрајкот со глад и ја поканив госпоѓата Хрка во претседателството на состанок. Сите добри луѓе во Србија се загрижени за нивното здравје, се молам и се надевам дека ќе донесат одлука за прекин на штрајкот“, изјави Вучиќ.
View this post on Instagram
Дијана Хрка, мајката на Стефан Хрка, кој загина при пад на натстрешница на железничката станица во Нови Сад, штрајкува со глад веќе девет дена.
Во изјава за агенцијата ФоНет, Хрка потврди дека не се чувствува добро и дека не е во состојба да коментира за повикот на претседателот. „Не можам да зборувам за тоа сега. Моментално лежам и не сум баш добро“, изјави таа.
Претходно Хрка изјави дека нема да го прекине штрајкот со глад додека институциите не почнат да си ја работат својата работа.
Свет
Размена на тела во Газа: Израел предаде 15 Палестинци
Министерството за здравство на Газа денес објави дека нивни претставници ги примиле телата на 15 Палестинци од Израел, со посредство на Црвениот крст.
Со последното предавање на тела, од почетокот на прекинот на огнот во Газа, Израел предаде 315 тела на Палестинци, пренесува АП.
Израел ги врати телата на Палестинците откако еден ден претходно палестинското милитантно движење Хамас го врати телото на припадник на израелската армија, Хадар Голдин, кој беше убиен во 2014 година.
Според договорот за прекин на огнот во Газа што стапи на сила пред еден месец, а кој беше постигнат со посредство на Соединетите Американски Држави, Израел се обврза да врати во Газа 15 тела на убиени Палестинци, за телото на секој израелски заложник вратен од Хамас.
Фото: принтскрин
Свет
Оставки во врвот на Би-би-си поради спорниот документарец со говорот на Доналд Трамп
Главниот директор на Би-би-си, Тим Дејви, поднесе оставка, а кусо потоа тоа го направи и извршната директорка на „Би-би-си њуз“, Дебора Тернес, по жестоките критики за начинот на кој бил монтиран говорот на Доналд Трамп во документарецот.
Пред новинарите Тернес изјави дека Би-би-си не е институционално пристрасен, но дека презема лична одговорност за направените пропусти.
„Беше привилегија да водам тим од брилијантни новинари“, рече таа.
„Оставката ја поднесов затоа што одговорноста е моја, но Би-би-си останува најдоверлив извор на вести во светот“, додаде Тернес.
Поранешниот американски претседател Доналд Трамп на својата платформа „Тру соушал“ ги нарече новинарите на Би-би-си „корумпирани и нечесни луѓе“ тврдејќи дека биле „фатени како го менуваат неговиот совршен говор од 6 јануари“.
Трамп им се заблагодари на медиумите што го откриле скандалот и изјави дека се работи за „страшна работа за демократијата“.
Документарецот емитуван една недела пред минатогодишните избори во САД прикажал дел од говорот на Трамп од 6 јануари 2021 година, така што се добива впечаток дека тој ги повикал своите приврзаници „да се борат“ и да одат кон Капитол.
Во реалност, спорната фраза „ќе се бориме жестоко“ се појавува во сосема друг дел од говорот, а не непосредно пред повикот кон маршот, што предизвика обвинувања за манипулација.
Во својата порака до персоналот Тим Дејви наведе дека одлуката е целосно негова. Тој призна дека имало грешки и дека како главен директор мора да ја преземе конечната одговорност.
Иако не го наведе скандалот како единствена причина, рече дека дебатата за „Би-би-си њуз“ придонела кон неговата одлука.
Претседателот на корпорацијата, Самир Шах, го нарече ова тежок ден и ѝ се заблагодари на Тернес за нејзината работа.
Министерката за култура Лиза Нанди му се заблагодари на Дејви за „водството во време на големи промени“.
Конзервативната политичарка Кеми Баденок изјави дека е „исправно што Дејви и Тернес презеле одговорност“, но додаде дека „културата на Би-би-си сè уште не се променила“.
Либералниот демократ Ед Дејви побара „нова страница и враќање на довербата“ во јавниот сервис, а Најџел Фараж порача дека ова е „последната шанса за Би-би-си“ и дека е време за ново раководство од приватниот сектор.

