Македонија
(Видео) Почна постапката во СДСМ за избор на кандидати за пратеници
Паралелно со постапката за избор на кандидат за претседател на државата, СДСМ ја почна постапката и за утврдување кандидати за пратеници во македонското Собрание.
Портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска, на прес-конференција рече дека во тек е евидентирањето кандидати за пратеници во рамките на месните одбори во општинските организации на СДСМ. Потоа, како што објасни, постапката продолжува на ниво на локалните раководства, Извршниот одбор, Централниот одбор на СДСМ и секако највисокото тело, а тоа е Конгресот.
„Отворен е и јавен повик за самокандидирање кандидати за пратеници. СДСМ отвора можност за луѓе што не се дел од партијата, но ги делат социјалдемократските вредности“, изјави Кузеска.
Сите документи се достапни на интеренет-страницата на СДСМ.
На овој начин, вели таа, во една демократска и транспарентна постапка СДСМ ги избира најдобрите кандидати за пратеници во шесте изборни единици.
„Сите кандидати на СДСМ мора да ги исполнуваат највисоките критериуми, да уживаат висок углед и кредибилитет меѓу граѓаните, да ја имаат поддршката од сите етнички заедници. Мора да се обврзат на неуморна работа за граѓаните и европската иднина на државата и да го почитуваат етичкиот кодекс на СДСМ. Пратениците се избраници на народот, претставници на граѓаните, но и чувари на демократијата“, рече Кузеска.
Таа заклучи дека во изминатите 4 години се покажало колку е важна улогата на пратениците во македонското Собрание.
„Пратениците од мнозинството предводено од СДСМ работеа за граѓаните, носеа закони за финансиска поддршка вредна 2,6 милиона евра, за поголеми плати, пензии, намалување на давачките за народот, но и одлуки со кои се овозможи почеток на преговори со ЕУ со заштитен македонски идентитет. Од друга страна, ДПМНЕ и Левицата спроведуваа активна блокада и наместо за граѓаните, дејствуваа против интересот на државата. Дури ги блокираа и европската иднина на земјата и реформите на европскиот пат, што беше нотирано и во извештајот на Европската комисија. Тие два концепта сега повторно ќе се судрат на изборите оваа година и СДСМ ќе ги има победничките листи за пратеници, со кои ќе ја побара довербата од граѓаните“, рече Кузеска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Без вода денеска дел од Центар
Од ЈП Водовод и канализација – Скопје, известуваат дека денеска:
· поради поврзување од стара на нова водоводна мрежа со пречник од ф-200 мм на улицата Тодор Александров бб, од 08:30 часот до завршување на интервенцијата, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од делови од улиците: Тодор Александров, Партениј Зографски и Периша Савелиќ, општина Центар.
Македонија
Дел од Карпош денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека поради зафати во електродистрибутивната мрежа, денеска без електрична енергија ќе останат:
· од 10:00 до 12:00 часот, корисниците од дел од улицата Ловќенска, општина Карпош.
Македонија
Променливо облачно и студено со сончеви периоди, повремено ќе дува засилен северен ветер
Времето денеска ќе биде променливо облачно и студено со сончеви периоди. Ќе дува слаб до умерен, а наместа долж Повардарието и во источните делови повремено засилен ветер од северен правец (над 60 km/h).
Минималната температура ќе биде во интервал од -13 до -5, а максималната ќе достигне од -4 до 3 степени.
Во Скопје, променливо облачно и студено со сончеви периоди. Ќе дува слаб до умерен, претпладне во делови од котлината повремено засилен ветер од северен правец.
Минималната температура ќе се спушти до -9, а максималната ќе достигне до 2 степена.
Времето во наредните денови
Следува период на стабилно и суво време со студени утра и утрински температури кои насекаде ќе бидат негативни. Во вторник наместа дневните температури ќе се задржат негативни, а од среда ќе бидат во постепен пораст. Од средината на седмицата по котлините ќе има услови за појава на магла.

