Македонија
СДСМ: Вложуваме во здравството, нови капитални инвестиции и поголеми плати за лекарите

СДСМ континуирано вложува во унапредување и модернизација на здравството, со капитални инвестиции во објекти и опрема, како и со покачување на платите на здравствените работници, пишува партијата.
„Само изминатите неколку денови во употреба се пуштени голем број нови реновирани здравствени објекти, како и нова опрема ширум медицинските центри во државата. Скопската Клиника за хируршки болести „Св. Наум Охридски“, е модернизирана со набавка на нови апарати, во вредност од 1 милион евра, обезбедени од Владата предводена од СДСМ. Набавен е нов современ апарат за литотрипсија, нов апарат за мамографија со томосинтеза, и лапароскопски столб за изведување на минимално инвазивни хируршки процедури, кој веќе е ставен во функција во оваа Клиника. На Клиниката за ортопедија е пуштена во употреба комплетно реновираната современа хируршка сала. Со инвестиција од 15.000.000 денари, средства обезбедени од Фондот за здравствено осигурување и од донации, се овозможува Клиниката да има зголемен број на операции за 20% на годишно ниво, а со новата опрема за пациентите се обезбедува современа и комплетна грижа. Новата Клиника во Козле, од институт за белодробни заболувања прерасна во клиника каде се овозможува и специјалистичка нега на терцијално ниво. Набавени се голем број на нови апаратури во клиниката за гастроентерохепатологија со комплетно реновиран нов оддел, потоа одделот ендокринологија, Клиниката за токсикологија, како и Одделот за педијатрија во Општа Болница Гостивар. Граѓаните од Сарај за прв пат по 50 години добија модерен поликлинички центар, вреден 1,3 милиони евра. Од друга страна СДСМ ги покачи платите за здравствените работници и лекарите. Реформите и инвестициите во здравство се еден од најважните приоритети, а тој процес не застана ниту во време на најголемата светска здравствена и економска криза. СДСМ продолжува со унапредување на здравството, за подобри услови за лекување на граѓаните“, стои во соопштението.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
„Таравари не излезе од Владата поради грижа за правата на Албанците, одговорите нека ги побараат во обврските преземани за инвестицијата Ѓока“, реагира ВМРО-ДПМНЕ

„Алијанса на Албанците на Арбен Таравари треба да научи дека кога неосновано критикуваат и измислуваат, притоа ставаат зборови во уста кои не биле кажани од премиерот Мицкоски, ќе добијат аргументиран и издржан одговор“, реагира ВМРО-ДПМНЕ на соопштението на Алијансата за Албанците.
„А вистината зошто излегоа од Владата не се крие во грижата на Таравари за Албанците ниту пак борбата за некакво подобрување на нивните права.
Вистината е многу едноставна и болна.
Членовите и заинтересираните за вистината одговорите нека ги побараат во една инвестиција на Таравари што се вика Ѓока. Какви обврски превземал и какви услови прифатил. Тоа не е наш проблем. Оставаме сами да си ги решат“, се додава во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
Времето утре сончево и топло, за викендот локален пороен дожд и грмежи

Времето утре ќе биде претежно сончево и топло. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 6 до 14, а максималната ќе достигне од 27 до 36 степени.
Во Скопје, сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб ветер од јужен правец. Минималната температура ќе се спушти до 12, а максималната ќе достигне до 36 степени.
Времето во наредните денови
Во следните два дена ќе се задржи претежно сончево и топло време со постепен пораст на дневните температури. Во сабота попладне, во текот на ноќта и во недела претпладне ќе биде нестабилно со локален пороен дожд и грмежи. Ќе дува умерен, наместа засилен југозападен, а во недела северен ветер, кој ќе услови опаѓање на дневните температури. Потоа следува период на стабилно и потопло време.
Македонија
Шукова: Негрижата на ДПМНЕ и Арсовска го оставија во заборав булеварот Борис Трајковски

„Булеварот Борис Трајковски како витална сообраќајница за жителите на Кисела Вода и Драчево, е слика на целокупното 4 годишно владеење на ДПМНЕ и Данела Арсовска. Тоа е одраз на целосна незаинтересираност, темелна негрижа и хаос“, рече денеска Каја Шукова кандидатката за градоначалник на Град Скопје од СДСМ која беше на оваа сообраќајница која ги поврзува Кисела Вода и Драчево.
„Четири години ДПМНЕ и нивната избраничка Данела не мрднаа со прст за да ги довршат преостанатите 2,5 км од булеварот Борис Трајковски. Барем Орце Ѓоргиевски, додека пиеја кафиња со Данела Арсовска, да ја посетеше за еден од најгорливите проблеми во неговата општина. По 4 години од актуелната власт, булеварот Борис Трајковски остана ветен, недовршен и небезбеден за над 50.000 граѓани од овој дел на градот“, порача Шукова.
Притоа таа истакна дека ваквото неодговорно однесување наскоро ќе заврши најавувајќи негово целосно завршување.
„Не поради политички маркетинг, не поради пи-ар, туку поради тоа што ова е базична потреба на граѓаните од овој дел на Скопје, нешто што нужно им следи и што е обврска на секој кој ја добил довербата да управува со градот. Булевар како што доликува на Скопје, по сите стандарди, безбеден и ефикасен за надминување на сообраќајниот метеж“, рече Шукова.
Од Булеварот Борис Трајковски Шукова сподели дека нејзината визија за Скопје, е метропола со модерна сообраќајна инфраструктура, логично поврзана со современ јавен превоз, и сообраќајни решенија кои гарантираат ефикасност и безбедност за граѓаните.