Македонија
Дипломатскиот синдикат со осуда за изјавата на Османи: „Не е албанофобија, туку повик за професионализам“
Македонскиот дипломатски синдикат најостро ги осудува квалификациите упатени од министерот за надворешни работи Бујар Османи за наводна албанофобија или албанохистерија по повикот на Синдикатот за зачувување на професионалните дипломатски стандарди во Министерството.
Од Синдикатот велат дека тие се и ќе продолжат да бидат последниот бедем и механизам за зачувување на угледот и професионалните стандарди во дипломатската служба.
„Ве повикуваме да не употребувате несоодветна политичка реторика кога се работи за прашања што ги засегаат професионалните дипломати и нивните кариери. Би сакале да Ви укажеме дека бројот на членови на МДС континуирано се зголемува, а воедно во него членуваат дипломати од сите етнички заедни. Ова се должи на нашите континуирани принципиелни заложби за унапредување на статусот и правата на професионалните дипломати“, велат од Дипломатскиот синдикат.
Потсетуваат дека откако Османи ја презел функцијата, упатени се повеќе од педесеттина амбасадори и конзули, како и повеќе од двестотини дипломати, на мандат, а Синдикатот реагира исклучиво кога станува збор за прекршување на Законот за надворешните работи или за крајно спорни решенија.
Од тука повторно го поставија прашањето дали со предлогот за упатување генерален конзул во Њујорк се крши Законот за надворешните работи.
Македонскиот дипломатски синдикат вчера обвини дека министерот Бујар Османи за конзул во Њујорк испраќа штотуку вработен во МНР, кој нема дипломатско звање.
„Еклатантен пример за непочитување на внатрешните регулативи е упатувањето на г. Мухаби Синани на местото генерален конзул во Њујорк, истото она место на кое министерот Османи не успеа да ја упати во тоа време ТВ-презентерката Бесмира Ејупи. Имено, г. Синани, кој од неодамна е вработен во МНР од приватна фирма, не исполнува услови за упатување во странство. Тој минатата недела веќе ги има одбрането тезите за упатување, без притоа да има стекнато високо дипломатско звање, кое е законски услов за именување генерален конзул“, велат од Дипломатскиот синдикат.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Неколку скопски општини денеска без струја
Од ЕВН Македонија известуваат дека за денеска се планирани неколку прекини во снабдувањето со електрична енегија на корисниците од градот Скопје и неговата околина:
· од 06:00 – 10:00 часот, корисниците од ул. Пајак и ул. Наум Наумовски Борче. (Општина Центар)
· од 08:00 – 12:00 часот, дел од корисниците од ул.Пејо Јаворов (општина Кисела Вода)
· од 09:00-11:00 часот корисниците од улиците со бр. 406 и бр, 408 во с. Марино. (Општина Илинден)
· од 09:00-15:00 часот корисниците од улица со бр. 101 во нас. Волково. (Општина Ѓорче Петров)
· од 09:00-15:00 часот корисниците од улиците Индира Ганди, Брсјачка Буна, Овчеполска, Пелагонија, Демирхисарска, Сландол, Хаџи Јован Шишков,Злетовска, Тиквешка и ул.Нов Живот. (Општина Шуто Оризари)
Македонија
Претежно облачно, попладне и кон крајот на денот повремен дожд
Променливо облачно, попладне и во текот на ноќта ќе има повремени локални врнежи од дожд, а на повисоките планини врнежи од дожд и снег. Ќе дува умерен, а долж Повардарието повремено засилен ветер од југоисточен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од 1 до 6, а максималната ќе достигне од 6 до 12 степени.
Во Скопје, претежно облачно, попладне и кон крајот на денот ќе има повремен дожд. Ќе дува слаб до умерен, а во делови од котлината повремено засилен ветер од југоисточен правец.
Минималната температура ќе се спушти до 3, а максималната ќе достигне до 11 степени.
Времето во наредните денови
Продолжува период на променливо облачно време со повремени врнежи од дожд, кои локално ќе бидат пообилни. На повисоките планини врнежите од дожд ќе преминуваат во врнежи од снег. Ќе дува умерен, повремено засилен јужен ветер што ќе услови до недела релативно високи температури. Од недела попладне ќе започне да дува северен ветер и температурите ќе бидат во опаѓање.
Македонија
Магла на неколку патни правци, слаб снег на Попова Шапка
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по претежно влажни коловози. Слаби врнежи од снег на Попова Шапка без задржување на коловоз. Намалена видливост поради појава на магла има на планинските премини Плетвар до 100 метри, Стража до 80 метри и кај Крушево до 30 метри, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.

