Македонија
Стоилковски: Обезбедувањето што не го спречи упадот во М-НАВ во истиот период добило нов годишен договор

Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски, објави дека фирмата за обезбедување во М-НАВ, која не ги спречи упадот и насилството во контролната кула, во истиот период од истите директори добила нов годишен договор.
Стоилковски вели дека наместо веднаш, по инцидентот во стратешки државен објект, по ваков напад, да биде прекинат договорот со обезбедување и да биде отворен предмет за улогата на обезбедувањето во нападот, државата има нов договор со истата фирма.
„Кичевската ‘2сс’, е првата фирма за обезбедување, која добива тендер за М-НАВ, а само неколку дена пред бандитизмот на ДУИ во контролната кула има нов договор со старите, сега сменети директори“, рече Стоилковски.
Тој прашува која и колкава е улогата на фирмата во нападот врз стратешкиот објект на државата, зошто не е раскинат договорот, зошто обезбедувањето не реагирало, како и чија е оваа компанија што обезбедува ваков стратешки објект.
„Според сведоштва на присутни, јавно е кажано дека токму ова обезбедување ги отворило двете порти (рампи), а еден обезбедувач, дури и се стрчал да ја отвори вратата од џипот со кој дошле напаѓачите? Почитувани, поминаа две недели, СДС и ДУИ се обидуваат случајот да исчезне од фокусот и да заврши како сите други бандитизми во државата. Ова по дефиниција е меѓународен инцидент со можни животозагрозувачки последици. Компанија што е блиска до ДУИ и на која во време на обезбедувањето на контролата кула ѝ се случува насилство врз контролорите на летање на смена, не е логично да продолжи со обврските“, рече Стоилковски.
Додаде дека обезбедувањето, можен учесник во напад врз контролната кула, добива нов тендер со М-НАВ. Состојбата е пресериозна за да се остави на бандитизмот, рече тој.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Локални избори: На полноќ завршува јавниот увид во избирачкиот список

На полноќ завршува увидот во Избирачкиот список, којшто граѓаните од 23 август можат да го проверат и да поднесат барања за запишување, дополнување или бришење податоци.
Барањата се поднесуваат писмено до ДИК, по електронска пошта или преку месните канцеларии, а решенијата се носат во рок од 24 часа.
Заклучно со 9 септември, увид извршиле вкупно 5729 граѓани, од кои 3397 мажи и 2332 жени. Осум лица поднеле барање за запишување во Избирачкиот список, 136 за бришење, а 59 за промена на податоците, најчесто поради промена на адреса или презиме.
Изборната кампања за Локалните избори почнува на 29 септември, а гласањето ќе се одржи на 19 октомври.
Македонија
Променливо облачно време, попладне со пороен дожд и грмежи

Времето денес ќе биде променливо облачно, попладне нестабилно со локален пороен дожд и грмежи. Наместа ќе има услови за изолирана појава на невреме со пообилен пороен дожд за кратко време (над 15л/м2) и засилен ветер (над 60км/ч).
Минималната температура ќе биде во интервал од 12 до 19, а максималната ќе достигне од 26 до 32 степена.
Во Скопје, променливо облачно, попладне нестабилно со пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Во делови од котлината процесите ќе бидат во форма на краткотрајно невреме. Минималната температура ќе се спушти до 16, а максималната ќе достигне до 31 степен.
Во петок ќе настапи преодно стабилизирање на времето, а во сабота ќе има изолирана појава на нестабилност. Во недела повторно на повеќе места ќе биде нестабилно со локален дожд и грмежи, наместа со поинтензивни процеси.
Македонија
Ветрот го сменил правецот од Дрисла, Скопје вечерва мириса на изгорено

Вечерва ветрот го смени правецот и дува од депонијата Дрисла во насока на Скопје поради што во делови од главниот град се чувствува силен непријатен мирис, информира директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов.
Соопшти дека и вечерва продолжуваат активностите за затрупување на депонијата Дрисла, а ќе бидат дополнително засилени рано наутро.
За утре се планирани и повеќе дополнителни активности на дивата депонија Вардариште, најави Ангелов.
Преходно денес беше соопштено дека пожарот на депонијата „Дрисла“ се гасне со затрупување на најкритичните делови.
Премиерот Христијан Мицкоски рече дека е потпален, а како причина за тоа ги наведе физичките процеси на распаѓање на отпадот, кога се ослободува метан – штетен гас кој е лесно запалив, поради што Мицкоски вели дека е доволен само еден отпушок за да се предизвика пожар.
Граѓаните од главниот град вечерва се жалат на миризбата надвор која им предизвикува отежнато дишење. Ситуацијата, според мерните станици, особено е алармантна вечерва во Аеродром и во Ново Лисиче.