Македонија
Зајкова: Надежта и жедта за доброто, мирот и убавото никогаш не згаснува
Денес е Богојавление – Водици, празникот кој потсетува на денот кога Исус Христос се крштеваше во светите води на реката Јордан.
Благородната порака на овој празник е дека сè може одново да се измие, очисти, обнови и повторно да се роди и дека надежта и жедта за доброто, мирот и убавото никогаш не згаснува, рече лидерката на Либерално демократската партија Моника Зајкова од Бигорскиот манастир.

– Токму затоа, прославувајќи го овој голем празник, кога водата во реките тече и станува света, да биде силата која ќе не обедини како граѓани, како соседи, пријатели и соработници. Заедно да се сплотиме и да чекориме кон целта Македонија да оди напред. Да стане полноправна членка на европското семејство на народи. Да бидеме одговорни политичари, одговорни граѓани и да ги надминеме предизвиците што ги носи иднината за да обезбедиме мир, напредок и благосостојба за граѓаните, додаде Зајкова.
Таа денеска присуствуваше и на положувањето на светиот крст во водите на реката Радика.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Минчев: Подобрениот ПВР процес е основа за поквалитетни закони
Министерот за јавна администрација, Горан Минчев, денес се обрати на дводневната работилница „Зајакнување на капацитетите за подобро управување на Проценката на влијанието на регулативата (ПВР) во Република Северна Македонија“, организирана од страна на Министерството за јавна администрација со поддршка на СИГМА
На работилницата учествуваат државни службеници од сите ресорни министерства и релевантни институции, вклучително и координатори и заменици за ПВР, со цел да ги унапредат практичните и аналитичките вештини за управување со ПВР, како и да обезбедат повисок квалитет во подготовката на прописите.
Министерот Минчев во своето обраќање ја истакна важноста од континуираното јакнење на капацитетите на администрацијата и партнерството со меѓународните организации.
„Проценката на влијанието на регулативата претставува интегрален дел од подготовката на законите. Таа обезбедува почитување на начелата на добро владеење и ја поддржува определбата на Владата за квалитетни, образложени и на докази засновани политики. Во наредниот период ќе продолжиме интензивно да работиме на целосно почитување на постапката за ПВР, на јакнење на капацитетите на службениците, како и на подобрување на соработката меѓу министерствата, Владата и Собранието.“
Тој ја нагласи и значајната улога на СИГМА и Британската амбасада во унапредувањето на процесот.
„Нашата заедничка работа со СИГМА и Британската амбасада ни овозможува да ги примениме најдобрите европски практики и да изградиме стабилен систем за донесување политики засновани на докази.“
Најавувајќи конкретни мерки, министерот информираше дека од почетокот на следната година мислењата на Министерството за јавна администрација по Извештаите за ПВР ќе бидат јавно достапни на ЕНЕР, со што ќе се зголеми транспарентноста и довербата во законодавниот процес.
Работилницата, преку интерактивни сесии и практични вежби, има за цел да обезбеди сеопфатен преглед на актуелната методологија за ПВР, да идентификува клучни предизвици, како и да отвори дијалог за можни подобрувања, вклучително и проширување на опфатот на ПВР и унапредување на механизмите за контрола на квалитетот.
Министерството за јавна администрација останува посветено на унапредување на ПВР како едно од темелните средства за подобрување на квалитетот на законите, јакнење на институционалната одговорност и унапредување на доброто владеење.
Македонија
(Видео) Филипче: Нападот врз Инфомакас е почетокот, ВМРО-ДПМНЕ се обидува да ја скрие вистината за мигрантите
-Синоќа се случи инцидент. Повиците за насилство, претставници и симпатизери на власта резултираа со најголемиот медиумски инцидент после упадот во А1 телевизија во 2010 година, со физички напад во живо врз новинарите на Инфомакс, додека траеше програмата. Според информациите што ги добивме, напаѓачот е член на владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ. Злоупотребата на власта и на моќта синоќа ја видовме на дело, рече претседателот на СДСМ, Венко Филипче, на денешната прес-конференција.
Тој посочи дека со ова јасно се гледа дека слободата на граѓаните и слободата на медиумите е загрозена и дека српското сценарио на ВМРО-ДПМНЕ започна синоќа со нападот на новинарите од Инфомакс.
Причините за ваквите напади, потенцираше Филипче, се поврзани и со прашањата за мигрантите:
„Повеќе денови наназад предупредуваме дека премиерот Мицкоски договорил преземање мигранти во Македонија. И како што гледате, нема одговор! Одговорот е јасен: Мигранти во јуни во Македонија“ посочи Филипче.
Токму поради ова, како што рече, власта се обидува да се дефокусира јавноста од проблемот со мигрантите.
„Синоќешниот напад врз новинар и медиум е само почеток на заплашувањето. ВМРО-ДПМНЕ не може да дозволи пред избори народот да дознае дека ја издале Македонија,“ рече претседателот на СДСМ.
Македонија
Во прекин сообраќајот на граничниот премин Богородица, на Меџитлија прекинот е само за моторни возила
Сообраќајот на ГП Евзони (ГП Богородица) е во прекин и според најава се очекува да остане затворен за секаков вид на сообраќај до 19:00 часот.
Сообраќајот на ГП Меџитлија (НИКИ) е во прекин само за товарни возила.
Додека сообраќајот на ГП Дојран се одвива нормално.
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози.
Од 15.11.2025 година започна законската обврска за задолжително поседување на зимска опрема во возилата, без оглед на моменталната временска состојба. Оваа обврска ќе трае до 15.03.2026 година. Повеќе информации може да прочитате на овој линк.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.

