Македонија
(Видео) Стоилковски: Како ќе наплати Лукаревска 12,2 милиони евра криминален поврат на ДДВ, ако сопственикот на ХАНТОНОС не постои?
Продолжуваме со изнесување на вистината за криминалот тежок над 22 милиони евра, пари од УЈП извлечени преку поврат на ДДВ. Лукаревска не ја говори вистината дека спречила злоупотреби преку поврат на ДДВ. Вчера презентиравме дека УЈП на фирмата АКТИКО, потоа продадена со сменето име ОКИТНА искористила поврат од 11 милиони евра, а потоа УЈП открива дека воопшто нема деловни книги до коишто може да дојде, а лицето газда на фирмата воопшто не постои! И за тоа има документи од УЈП во самото УЈП, рече на денешната прес конференција портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ Наум Стоилковски.
– И сега дозволете да одговорам на Лукаревска и на соопштението на УЈП, прво за Лукаревска, ОКИТНА не е фирма за нафтени деривати, туку со дејност Трговија на големо со текстил и тоа го пишува во документ токму од УЈП. Второ ОКИТНА не должи неплатен данок, туку напросто кажано УЈП си ги бара парите назад затоа што УЈП овозможило поврат на ДДВ преку криминален начин. И тоа повратот на ДДВ е даден додека фирмата не била продадена и додека не го сменила името. Ќе цитирам документ од УЈП, „Е констатирано дека даночниот обврзник КОРИСТЕЛ право на одбивка на данок“. Значи уште еднаш, Лукаревска или не знае или намерно не ја говори вистината. И затоа денеска Лукаревска нека одговори, од кого мисли да наплати 11 милиони евра од ОКИТНА кога сопственикот на којшто му е даден поврат на ДДВ ја продава фирмата на државјанин на Косово, а тоа лице едноставно не постои, не бил во Македонија воопшто?, рече Стоилковски.
Тој додаде дека сега го отвораат вториот криминален случај на поврат на ДДВ, повторно речиси над 11 милиони евра.
Фирмата ХАНТОНОС е отворена јануари 2022 година од Васе Панајотов од струмички Секирник, а продадена на 25 ноември 2022 година на Агим Имери од Косовска Митровица којшто го менува името во ХАНТ ОСОЈ со ново седиште во Скопје. И оваа нова фирма ХАНТОНОС (како и АКТИКО/ОКИТНА) за кусо време тргува, увезува роба за 57 милиони евра, а никој не прашува од каде парите, и за тоа користи поврат на ДДВ од над 10 милиони евра. Продадена, како ХАНТ ОСОЈ до март 2023 година тргува за 7 милиони евра и побарува 1,2 милиони евра. И во овие година дена има една специфична набавка, пријавен увоз од странство за 5,4 милиони евра и користи поврат од 820.000 евра, рече Стоилковски.
Кога доаѓа време за наплата на данок во 2023 година, УЈП сфаќа дека фирмата не плаќа, па потоа да не успее да го најде сопственикот, за којшто МВР и посочува дека лицето Агим Имери од Косовска Митровица на кого му е продадена фирмата воопшто немал влез во Македонија во периодот кога наводно ја купил и работел со фирмата. И УЈП потоа разбира дека нема деловни книги, нема сметководство, а фирмата должи данок. Вкупно што УЈП сега бара е 12 милиони 226 илјади евра, односно всушност парите кои се дадени како ослободување од ДДВ.
– И сега Лукаревска и УЈП фирмата ја става на листа должници, па повторно мора да одговорат јавно, од кого ќе наплатат 12,2 милиони евра, колку што и дале поврат на ДДВ? Од кого, кога исто како и со фирмата од вчера, сопственикот го нема, не постои, не влегол во Македонија воопшто за да раководи фирмата или да ја купи? Васе Панајотов ја продал фирмата, Агим Имери не влегол во Македонија? Како ќе наплати Лукаревска 12,2 милиони евра криминален поврат на ДДВ, ако сопственикот на ХАНТОНОС не постои?, рече портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ.
Тој побара Лукаревска да ѝ одговори на јавноста, за увоз од странство што го нагласи, а станува збор за пријавениот увоз од 5,4 милиони евра на фирмата ХАНТОНОС и искористен поврат од 820.000 евра. Дали УЈП од Царина има добиено одговор дека таков увоз за ХАНТОНОС воопшто не се случил? Има уште многу прашања, но Лукаревска нека почне со одговарање на овие, но овој пат со користење на вистина и факти, додаде Стоилковски.
Ова е уште еден доказ дека Лукаревска не ја говори вистината кога вели дека спречила криминал со поврат на ДДВ, напротив во само два од многу случаи, со фирмите АКТИКО/ОКИТНА и ХАНТОНОС/ ХАНТ ОСОЈ, со стара позната разработена шема, над 22 милиони евра се искористени, односно постои криминално исплатен поврат на ДДВ, заклучи тој.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Во домот на судија од Апелација пронајдени соѕидани 350.000 евра
Во рамките на опсежна истрага на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција иницирана откако на 14 декември беше осомничен адвокат поради сомненија за кривично дело – Примање награда за противзаконито влијание, во континуитет интензивно се преземаат дејствија што резултираа со проширување на постапката и кон судија, осомничен за Противправно стекнување и прикривање имот за кој постојат сомненија дека е прибавен меѓу другото со дејствија на корупција и трговија со влијание. Според информациите, се работи за судијата Ѓоко Ристов од Апелацискиот суд во Скопје.
„Врз основа на наредба што јавниот обвинител ја побара и обезбеди од надлежниот суд денеска беше извршен детален претрес на локација во Неготино, во домот на родителите на сега осомничениот судија, каде соѕидани во простор во ѕидот до овој момент се пронајдени 350.000 евра за кои постои сомнение дека биле незаконски стекнати и прикриени. Претресите и другите истражни дејствија продолжуваат, а јавноста ќе биде известена за натамошниот тек на постапката“, велат од Обвинителството.
Станува збор за една од најопсежните истраги поради сомненија за висока корупција во нашата држава до сега, која е поткрепена со информации и известувања од Агенцијата за национална безбедност.
Од Обвинителството додаваат дека дејствијата координирани од јавниот обвинител ги преземаат припадници на Одделот за борба против организиран криминал при Министерството за внатрешни работи и Управата за финансиска полиција, чија посветеност и професионален интегритет придонесе за успешно разоткривање и обезбедување докази за еден од најсериозните и најсложените облици на криминал.
Македонија
Мицкоски: Безбеден град веќе спасува животи, прекршоците намалени од 100.000 дневно на 3.000
Системот „Безбеден град“, кој официјално треба да профункционира од 1 февруари, веќе дава резултати во тест-периодот, изјави премиерот Христијан Мицкоски. Бројот на сообраќајни прекршоци и незгоди е значително намален, а со тоа и бројот на повредени и загинати лица во сообраќајот.
„Во јануари имаме уште поохрабрувачки бројки од декември – тоа значи повеќе спасени животи, помалку сообраќајни незгоди, и побезбеден сообраќај“, рече Мицкоски.
Додека во првите денови биле регистрирани и повеќе од 100.000 прекршоци дневно, сега таа бројка е сведена на 2.000 до 3.000.
Мицкоски одговори и на прашањето за заштитата на личните податоци на граѓаните во рамки на проектот. Тој најави дека ќе бидат потребни дополнителни усогласувања и протоколи, особено во првите три до шест месеци од имплементацијата.
„Никој не бил перфектен при стартот на овој проект. Сосема логично е да се вршат прилагодувања во текот на првите месеци. Но, најважно е што веќе се гледаат резултати“, рече премиерот.
Македонија
Уставниот суд веќе ја потврди законитоста на одлуките за вонредната состојба, му одговори Пендаровски на премиерот Мицкоски
Поранешниот претседател Стево Пендаровски му возврати на премиерот Христијан Мицкоски поради неговата изјава дека има основани сомнежи за уставноста и законитоста на одлуките за вонредна состојба што беа донесени во времето на пандемијата.
„Навистина мислев да не му давам значење на господинот Мицкоски, затоа што ја разбирам неговата потреба катастрофалните резултати од своето досегашно владеење да ги покрива со коментари за работи кои не ги разбира“, наведува Пендаровски во писмена реакција, додавајќи дека „за жал, на експертот за енергетика претходно не му ги објасниле неговите големи правници“.
Тој потсетува дека Уставниот суд уште пред повеќе од пет години потврдил дека одлуките за вонредната состојба се во склад со Уставот и законите.
„Уредбите со законска сила ги носеше и ги имплементираше Владата. Дали таму имало злоупотреби, тоа државните институции, кои сега се под тотална контрола на Мицкоски, можат да го проверат кога сакаат, ако сакаат“, додава поранешниот претседател.
Тој истакна и дека сите одлуки за прогласување на вонредна состојба биле доставени до Собранието веднаш по завршувањето на секоја вонредна состојба.
„Мене ми е јасно дека и ова образложение нема да го спречи Мицковски да продолжи неосновано да обвинува и клевети, затоа што тоа е, за жал, единствениот начин на кој е научен да владее“, заклучува Пендаровски.
Изјавата на Пендаровски следи по денешниот коментар на премиерот Мицкоски, кој го повика Обвинителството да постапи по допрен глас поради наводите на хирургот Жан Митрев дека во времето на вонредната состојба, тогашната власт, предводена од СДСМ, односно премиерот Зоран Заев и тогашниот министер Венко Филипче сакале да ја преземат неговата приватна клиника. Мицкоски во таа пригода посочи дека „се случувале мафијашки упади“ и дека некои од уредбите што биле носени сè уште не се разгледани од страна на Собранието, со што, според него, има сомнежи и за одговорност на поранешниот претседател Пендаровски.

