Македонија
(Видео) Ковачки: Откако сопругите на Муслиу и Битиќи го добиле грантот, се обиделе да прикријат траги

„Ова е дел од Меморандумот кој го потпишал Конзорциумот на невладини составен од невладините на сопругите на вицепремиерот Битиќи и директорот на АР Еролд Муслиу, а врз основа на кој е добиен грантот од 620.000 евра. Ова се потписите на сопругите на Битиќи и Муслиу“, рече Драган Ковачки, пратеник и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.
„И Фатмир Битиќи и Еролд Муслиу знаат дека се фатени 100:0, и двајцата знаат дека е недозволиво додека тие се на високи државни позиции, нивните сопруги да земаат грант од 620.000 евра, процес во кој била вклучена и владата преку Националниот координатор за борба против тероризмот.
Денеска ќе обелодениме и дека откако го добиле грантот, тие се обиделе да ги прикријат траги. Имено, само 5 дена по добивањето на парите, сопругата на Битиќи се брише од овластени лица на нејзината невладина организација, со промена евидентирана во Централен регистар.
Тоа што сопругата на Битиќи се избришала од овластено лице 5 дена по добивање на грантот не го менува фактот дека Битиќи е вицепремиер на седница на влада кога е донесена одлуката Националниот комитет да склучи меморандум со Конзорциумот на кој му се дава странски грант во време кога неговата сопруга сеуште е претседател на НВО.
Трговијата на влијание се случила со одлука на владата. За случајот досега одмолче ДКСК, ЈО, вицепремиерката за добро владеење и премиерот Ковачевски.
До кога ќе молчи Стево Пендаровски кој лично го има поставено Директорот на Агенција за разузнавање и кој самиот тврди дека е најинформираниот во државата. Го информираа ли Пендаровски за начинот на кој се богатат неговите пулени“, прашува Драган Ковачки, пратеник и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Почна реконструкцијата и изградбата на шест спортски терени во Гостивар

Општина Гостивар започна со реконструкција и изградба на 6 спортски терени, од кои 4 се спортски терени, еден парк со спортски терен и едно спортско игралиште, на различни населени места во градот.
Од нив, 3 постоечки терени ќе бидат реновирани и опремени со модерна опрема и тартан подлога, додека 3 нови терени ќе се изградат од почеток, според најсовремените стандарди за безбедност, квалитет и функционалност.
„Нашата цел е јасна: да создадеме простори каде што младите ќе поминуваат квалитетно време, ќе се занимаваат со спорт и ќе растат здрави. Овие инвестиции се инвестиции за иднината на нашите генерации,“ – истакна градоначалникот на Општина Гостивар, Валбон Лимани.
Македонија
Злоупотреби со регистрација на половни возила: 11 осомничени, меѓу нив и вработена во МВР

Секторот за внатрешни работи Куманово, во соработка со Одделот за внатрешна контрола и криминалистички истраги при МВР, поднесе кривични пријави против 11 лица поради повеќе кривични дела поврзани со плаќање давачки за увоз и регистрација на половни моторни возила.
Меѓу пријавените е и 43-годишна вработена во МВР – Одделение за управни работи Куманово, осомничена за „злоупотреба на службена положба и овластување“. Пријавен е и 29-годишен контролор во станица за технички прегледи поради „фалсификување исправа“ и „употреба на исправа со невистинита содржина“. Останатите лица се сомничат за „прикривање на стоки кои се предмет на криумчарење и царинска измама“ и „давање лажен исказ“.
Според МВР, во текот на 2024 година дел од пријавените договарале сопственици на возила со странски таблици, кои за половина од законските давачки за увоз, добивале регистрација без да ги платат потребните трошоци. Во електронскиот систем биле внесувани податоци за возила без платени царини, такси и надоместоци за регистрација.
Пријавениот контролор во станица за технички прегледи изготвувал и фалсификувани електронски табели налик на оние што ги издава Бирото за метрологија за хомологација на возила.
Од МВР информираат дека се преземаат мерки за понатамошно расчистување на случајот.
Македонија
Касами: Тетово ќе биде пример за соживот и меѓуетничка хармонија

Во Општина Тетово денеска се одржа седница на Општинскиот совет за превенција, на која беа избрани членовите на Локалниот совет за превенција. На овој состанок присуствуваа претставници од државните институции, верските заедници и други релевантни организации.
Градоначалникот на Општина Тетово, Биљал Касами, во своето обраќање потенцира дека овој совет е клучен за превенција на појави кои ја загрозуваат општествената кохезија.
„Како град и како мултиетничка и мултиконфесионална држава, имаме обврска да испраќаме обединувачки пораки и да ја зајакнеме културата на соживот. Само на тој начин ќе обезбедиме стабилност и посигурна иднина за нашите граѓани,“ истакна Касами.
Тој додаде дека Општина Тетово, во тесна соработка со полицијата, обвинителството, социјалните центри, училиштата и верските лидери, ќе преземе конкретни чекори за граѓаните да живеат во мир, хармонија и заемна почит.
„Нашиот заеднички ангажман е гаранција дека граѓаните на Тетово ќе се чувствуваат заштитени, почитувани и еднакви, без разлика на нивната етничка или верска припадност. Само преку соработка можеме да изградиме поправедно и посилно општество,“ нагласи градоначалникот Касами.