Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: ЈО и ДКСК да истражат дали Муслиу и Битиќи ги искористиле функциите за сопругите да земат грант од 620.000 евра

Четврти ден ниту трага, ниту глас од ЈО, ниту ДКСК за доделениот грант од 620.000 евра со помош на владата на Ковачевски за сопругите на директорот на Агенција за разузнавање Еролд Муслиу и вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи, велат од ВМРО-ДПМНЕ преку соопштение.
„Четврти ден ЈО и ДКСК остануваат при очи слепи, а при уши глуви и не отвораат истрага да истражат дали Муслиу и Битиќи извршиле трговија на влијание, односно ја злоупотребиле функцијата се со цел нивните сопруги да добијат грант од 620.000 евра.
Со склучување на меморандум помеѓу конзорциум на невладини организации и националниот координатор за борба со тероризмот, сопругите на Муслиу и Битиќи добиле грант од 620.000 евра на тема поврзана со тероризмот, чија работата е во домен на директорот за разузнавање, Муслиу.
Дополнително, откако го добиле грантот, тие се обиделе да ги прикријат траги, односно само 5 дена по добивањето на парите, сопругата на Битиќи се брише од овластени лица на нејзината невладина организација, со промена евидентирана во Централен регистар.
И оттука се поставува прашањето, зошто сопругата на Битиќи се избришала од овластено лица само 5 дена по добиениот грант од 620.000 евра?
И Муслиу и Битиќи се носителни на јавни функции и мора да се испита која е нивната вмешаност и дали функциите ги искористиле за полесно сопругите да го добијат овој грант од над пола милион евра?
Секогаш кога се фатени живи во криминал, владините функционери се бранат со закани за тужба и клевета. Но, ниту тоа нема да им помогне, бидејќи Битиќи како вицепремиер бил на седница на влада кога е донесена одлуката.
Четврти ден и Ковачевски молчи и збор не смее да изусти за овој скандал. Со што е уценет Ковачевски за сопругите на Муслиу и Битиќи со помош на неговата влада да добијат 620.000 евра?
Владата на СДС и ДУИ секој ден го користи за криминал повеќе.
Ден повеќе за владата на СДС и ДУИ, е ден повеќе за криминал, корупција и скандали.
Никогаш не било полошо. Затоа, важно е да ги поразиме!“, се вели во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
СДСМ: Осуда за скандалозната одлука за именување на училиште во Студеничани со името на Азем Морана

Социјалдемократскиот сојуз на Македонија најостро ја осудува, како што велат, скандалозната одлука на Владата за именување на општинското основно училиште во Општина Студеничани со името на Азем Морана, според СДСМ, познат балист и соработник на фашистичкиот окупатор за време и по Втората светска војна.
„Ова именување е историски неосновано и претставува директно понижување на антифашистичката борба на македонскиот и албанскиот народ. Тоа е навреда за сите борци од НОБ, за жртвите од фашистичкиот терор, за вредностите врз кои е изградена нашата држава, слободна, демократска и европска Македонија. Преку рехабилитација на фигури поврзани со балистичкото движење што ја прават ВМРО-ДПМНЕ и ВЛЕН се нарушуваат темелите на идеологијата врз која е изградена македонската државност: антифашизмот, народниот суверенитет и демократските вредности. Според десничарската матрица, тие свесно и систематски го бришат антифашизмот од колективната меморија заменувајќи ги партизанските имиња со имиња на балисти, соработници со фашистичкиот окупатор“, велат од СДСМ.
Од партијата додаваат дека бескомпромисната борба против фашизмот не е само дел од нашето историско наследство, туку е структурна вредност на нашиот уставен поредок, на нашиот идентитет и на нашата евроинтегративна определба.
„Срамно е една влада којашто тврди дека е за Европа да дозволува вакви опасни чекори. Наместо да ги едуцира младите за вистинските херои на слободата, таа ги учи да ги слават соработниците и поддржувачките на фашистичката идеологија. Тоа е образовно и морално злосторство за едно деморкатско општество коешто се стреми кон европските вредности“, велат од СДСМ.
Партијата ја повикува Владата итно да ја преиспита одлуката, водејќи се од почитта кон борците и да поднесе итна иницијатива до надлежните институции за нејзино укинување. Од СДСМ велат дека ќе побараат и отворена расправа во Собранието, како и поддршка од Сојузот на борците и од сите прогресивни сили во државата.
„Нема да дозволиме ВМРО-ДПМНЕ и ВЛЕН да ја поткопуваат идеологијата на антифашистичката борба и македонската историја. Македонија е изградена врз темелите на антифашизмот, а не врз ревизионизам и така мора да остане“, велат од СДСМ.
Македонија
ЦУК повторно ќе го тестира системот за масовни известувања на граѓаните

Во текот на попладневните часови граѓаните ќе добијат тест-СМС порака преку системот cell broadcasting, со цел проверка на техничките можности за испраќање масовни известувања и аларми во случаи на кризни состојби, соопшти Центарот за управување со кризи.
Од таму појаснуваат дека станува збор за систем кој овозможува итни пораки да бидат испратени до сите корисници на мобилни телефони што се наоѓаат во одредена географска област, без разлика на мобилниот оператор. Целта е навремено и ефикасно информирање на населението при пожари, поплави, земјотреси, опасни временски појави или други вонредни ситуации.
Од ЦУК велат дека воспоставувањето на овој систем е национална потреба и воедно законска обврска согласно регулативите на Европската Унија, кои бараат сите земји да располагаат со механизам за масовно информирање и алармирање на граѓаните во услови на криза.
Македонија
Алиу: За 45 дена над 1.250 нови вработувања во здравството

Во рок од само 45 дена и за рекордно време се реализирани над 1.250 вработувања во 85 јавни здравствени установи низ државата, како дел од стратешкиот процес на кадровско зајакнување на здравствениот систем.
До овој момент, во рамките на процесот се спроведени над 1.700 тестирања, изјави министерот за здравство.
„Ова е значајно и историско зајакнување на кадарот во рекордно време во здравствениот сектор – дополнителна мотивација, конечно решен статус на сите овие лица кои со години немаа сигурност, здравствено осигурување, формален работен однос и беа под континуиран стрес. Сега, со овој чекор, добија достоинствено место во системот“, рече Алиу.
Со оваа кадровска стабилизација, Министерството за здравство, како што рече, испраќа силна порака за континуирана грижа и вложување во човечкиот капитал, како предуслов за подобри здравствени услуги за сите граѓани.