Економија
Државниот пат Крива Паланка – ГП Деве Баир пуштен во употреба

Денеска официјално се пушти во употреба државниот пат А2 Крива Паланка – ГП Деве Баир. Инвестицијата е вредна 12,2 милиони евра, грант средства обезбедени од 2,4 милиони неповратни средства и заем од Европската банка за обнова и развој.
Покрај целосната рехабилитација, доградена е и трета лента до ГП Деве Баир. Овој државен пат е дел од европскиот Коридор 8.
„Реализацијата на патните правци, кои се дел од Коридорот 8 и Коридорот 10-д за нас се од посебно значење бидејќи инвестициите во овие два коридори се политички и економски влог во нашата европска иднина. Нашите постигнувања носат придобивки за нашите граѓани кои тоа го гледаат и го вреднуваат. Во последните пет години за модернизација на патната мрежа низ државата преку изградба и рехабилитација на патишта се имплементирани крупни инфраструктурни проекти кои порано беа само на хартија. Северна Македонија го менува својот лик и станува уште подостапна за инвеститорите кои сè повеќе ги препознаваат нашите можности и потенцијали. Ако минатата година беше година на нови можности, оваа година очекувам да биде година на европски можности кои ќе ни ја обезбедат нашата европска иднина на која посветено работиме, а така и ќе продолжиме“, посочи премиерот Ковачевски на денешниот настан.
„Подобрувањето на патната делница од Крива Паланка до границата со Бугарија ќе придонесе за економски развој на земјата и нејзина регионална интеграција преку зајакнување на поврзаноста со соседните земји и со пазарот на ЕУ. ЕУ останува силен партнер во сите инфраструктурни проекти кои придонесуваат за побрза економска интеграција на земјата“, изјави евроамбасадорот Гир.
Министерот Бочварски потенцираше дека овој патен правец е дел од вкупната инвестициона активност од две милијарди евра само во патната инфраструктура.
„Овие инвестиции ги реализираме за да создадеме услови за економски раст, олеснувајќи го транспортот на товар и патници и отворајќи нови можности за домашните компании. Верувам дека оваа патна врска веќе го олеснува транспортот и патувањето во овој дел од државата. Коридорот 8 има посебно економско и општествено значење и заедно со ЈП за државни патишта правиме сè за што поскоро да ја завршиме неговата доизградба“, изјави министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски.
„Преку проширувањето на патот со трета лента вршиме директно унапредување на сообраќајот, зголемувајќи го извозот на државата, со што генерираме бенефит за целата национална економија. Комплетирајќи ја целата делница која минува низ Коридорот 8. Новите патишта со себе носат нови инвестиции и можности за жителите за квалитетен живот и економска стабилност. Водени од ова активно, инвестираме во истокот и североистокот, градежната експанзија се гледа во секој сегмент. Инвестираме околу 115 милиони евра за подобрување на магистралните патишта, изградба на експресен пат од Страцин до Крива Паланка, изградба на железницата кон Деве Баир, проект кој се работи после подолги години на застој“, истакна министерот Николовски.
„Градежните работи за реконструкција и рехабилитација беа во вкупна должина од 13 км и вкупна издвоена вредност од 12,24 милиони евра, дел средства обезбедени преку ЕБОР и дел средства обезбедени преку грант од Европската комисија во висина од 2,4 милиони евра. Постоечката ширина на патот беше 6.50 м, а сега со проширувањето е 10.35 м. Реконструкцијата беше во рамки на проектот „Побезбедно патување и подобра поврзаност на граѓаните на Северна Македонија“, поддржан од Европската Унија и Програмата за инвестирање“, изјави директорот на ЈП за државни патишта, Рустеми.
„Со над 1,2 милијарди евра кои до денес се инвестирани во патишта, железници, управување со отпад и енергија, ЕБОР останува стратешки партнер на Северна Македонија, во градење на одржлива и позелена економија. Продолжуваме да работиме заедно со Владата и Европската Унија во подобрување на инфраструктурата, придонесувајќи кон економскиот успех на земјата и идните стремежи кон приклучување на ЕУ”, изјави Фатих Туркменоглу, директор на ЕБОР во Северна Македонија.
Градоначалникот на Крива Паланка, Митовски, истакна дека граѓаните веќе ги чувствуваат придобивките од инвестициите во патната мрежа со што дополнително се засилува економскиот развој на Општината и се обезбедува подобро меѓугранично поврзување.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Инвертер-клими за ранливите семејства – Министерството за енергетика објави оглас

Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини објави мерка која ги таргетира ранливите категории население.
Преку јавен оглас, што стапи во сила, Министерството, како што информираат од таму, почнува со распределба на енергетски ефикасни инвертер клима-уреди за 2025 година, со што ќе се подобри квалитетот на живеење и ќе се намалат трошоците за енергија во илјадници македонски домови.
„Мерката се реализира во согласност со Програмата за изменување и дополнување на Програмата за заштита на ранливите потрошувачи на енергија за 2025 година (‘Службен весник на РСМ’ бр. 161/25). Во согласност со јавниот оглас за поддршка на домаќинства што спаѓаат во категоријата ранливи потрошувачи на енергија, со цел унапредување на енергетската ефикасност и подобрување на квалитетот на живеење, домаќинствата што ги исполнуваат условите ќе стекнат право на купен и вграден инвертер клима-уред со моќност од 3,5 kW и енергетска класа од најмалку А+. Овие уреди не само што штедат електрична енергија туку обезбедуваат и висока ефикасност за греење и ладење – токму онаму каде што е најпотребно“.
Како што појаснуваат, рокот за пријавување е 60 дена од денот на објавувањето на огласот во дневен весник.
Повеќе информации, како и потребните обрасци за пријавување, се објавени на веб-страницата на Министерството: www.energy.gov.mk.
Економија
Народната банка со нова иницијатива: проширување на услугите што ќе може да се користат преку платежната сметка со основни функции

Гувернерот Трајко Славески истакна дека иницијативата на Народната банка за намалување на надоместоците за користење на платежните услуги веќе ги даде првите резултати и изрази задоволство од одлуките на банките за намалување на трошоците.
Славески, на денешната конференција за печатот, најави дека Народната банка ќе покрене иницијатива и за измени на сегашното законско решение за платежната сметка со основни функции, со кои ќе се овозможи нејзино помасовно користење од страна на граѓаните за извршување на плаќањата кај сите банки. Со измените на Законот за платежни услуги и платни системи, се предлага отстранување на дел од постојните ограничувања и значително проширување на услугите што граѓаните ќе можат да ги користат преку платежната сметка со основни функции.
Најзначајните новини се: можност за дозволено пречекорување, можност да се поседува платежна сметка со основни функции дури и ако потрошувачот има други сметки, како и проширен сет бесплатни или евтини услуги, којшто покрај интерните, ќе ги вклучи и меѓубанкарските електронски трансфери, издавањето дебитна картичка и до четири подигнувања готовина месечно од банкоматите на други банки во износ до 2.000 денари по трансакција. Во овој сет влегуваат и други услуги коишто и досега можеа да ги користат граѓаните, односно уплатите и подигнувањата готовина на банкоматите и шалтерите на банката, користењето на електронското и мобилното банкарство, како и плаќањата со платежна картичка на физичките продажни места и во интернет-трговијата.
„Предлагаме цената на услугите коишто ќе може да се користат преку платежната сметка со основни функции да биде поврзана со износот на минималната бруто-плата во земјава и да биде утврдена најмногу на 0,1% од неа, па согласно важечката минимална бруто-плата за 2025 година, таа би изнесувала 36 денари на месечно ниво. За граѓаните коишто ѝ припаѓаат на групата законски корисници на права, односно т.н. ранливи категории граѓани, овие услуги ќе бидат целосно бесплатни“, истакна Славески.
Народната банка ќе работи со банките и на воспоставување национална мрежа на банкомати за подобар пристап до готовина низ целата земја. Оваа идеја би се остварила најдоцна до крајот на наредната 2026 година.
Покрај ова, Народната банка ќе предложи и приспособен пакет за микротрговци – најчесто семејни бизниси коишто имаат ограничени ресурси, со цел да се поттикне финансиската вклученост и дигитализацијата на плаќањата. Се очекува дека поповолните услови за користење на платежните услуги ќе бидат достапни за граѓаните и за микротрговците по донесувањето на законските измени, односно дека ќе бидат во примена од почетокот на 2026 година.
Економија
Затворени четири субјекти: триесет отсто од контролираните се со неправилности за фискализација, објави УЈП

Во периодот од 28 јули до 3 август 2025 година Управата за јавни приходи (УЈП) спроведе вкупно 214 теренски контроли за фискализација, насочени кон различни типови деловни субјекти, меѓу кои: ресторани, кафе-барови, шанкови на плажа, слаткарници, колонијали, продавници за облека и накит, хотел, автопревозници, паркинзи и други трговски објекти за продажба на мало.
Контролите беа реализирани во државата во повеќе градови, меѓу кои и туристичките места, каде што во летниот период има зголемена фреквенција на туристи. Од 214 контролирани субјекти, кај 30,8 %, односно кај 66 од контролираните се утврдени неправилности во согласност со Законот за регистрирање на готовинскиот промет.
За утврдените неправилности донесени се 66 прекршочни санкции – глоби, кои ќе бидат одмерени во согласност со големината на субјектот.
За четири, односно три субјекти од Охрид и еден од Струга, поради повторено неиздавање фискални сметки во рок од две години, изречена е мерка за привремена забрана за вршење дејност (запечатување).
„Анализата на спроведените контроли и утврдените неправилности по градови е следна: • Во Скопје извршени се 14 контроли и при истите утврдени се 4 неправилности; • Во Струга, Охрид и Битола извршени се 126 контроли, а утврдени се 29 неправилности од кои 11 неправилности во Струга и 18 во Охрид • Во Прилеп извршени се 7 контроли, a утврдени се 3 неправилности; • Во Тетово, Гостивар извршени се 32 контроли, а утврдени се 14 неправилности од кој 13 во Тетово и една во Гостивар • Во Штип, Неготино, Демир Капија, Кавадарци Велес и Куманово извршени се 35 контроли, а утврдени се 16 неправилности, по една неправилност во Неготино и Кавадарци, 2 во Демир Капија, 3 во Штип, 4 во Велес и 5 неправилности во Куманово“.
УЈП апелира до сите даночни обврзници да постапуваат совесно и согласно законските прописи, со цел да придонесат кон зајакнување на даночната усогласеност и унапредување на даночната дисциплина во државата.
„Управата за јавни приходи врз основа на извршените контроли согласно Закон за регистрирање на готовински плаќања, ќе врши вкрстени проверки со цел да ја провери веродостојноста на искажаните приходи кај даночните обврзници. Издавањето фискални сметки и користењето мобилни фискални апарати не претставуваат само законска обврска – туку и клучен чекор кон правично, транспарентно и одговорно деловно опкружување. Управата за јавни приходи останува цврсто посветена на доследна примена на законите и обезбедување еднаков третман за сите даночни обврзници“.