Македонија
(Видео) Спасовски со тимот: Со љубов кон татковината го трансформиравме МВР во „МВР за граѓаните”
Вечерва, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски во Клубот на пратеници се сретна со соработниците и поширокото раководство на МВР.
„Нема ништо поубаво од тоа да сте со својот тим од МВР, со чувство на длабока благодарност и искрено задоволство за сè што заедно постигнавме во текот на мојот мандат како министер за внатрешни работи на Република Северна Македонија”, рече Спасовски.
![]()
Притоа, тој се осврна на мандатот како министер за внатрешни работи.
„Секој завршеток на мандат е време за рефлексија и оценување на постигнувањата. Со гордост можам да кажам дека, заедно со мојот тим, успеавме да постигнеме значаен напредок во областа на безбедноста на граѓаните и државата. Нашата работа беше предизвик, но исто така и можност да ја покажеме нашата посветеност, професионализам и љубов кон нашата татковина. Со заеднички напори, се справувавме со предизвиците и работевме на создавање на посигурно и стабилно општество за сите граѓани”, истакна Спасовски.
![]()
Спасовски се заблагодари до секој еден којшто е дел од неговиот тим.
„Секој еден од вас ја има мојата лична благодарност за вашата поддршка, труд и посветеност. Вашите идеи, вашиот ентузијазам и вашата способност да се справите со тешки ситуации беа круцијални за нашите успеси. Нашата работа беше доказ за тоа дека кога поединци со различни вештини и искуства се обединуваат со заедничка цел, може да се остварат големи работи. Во иднина, се надевам дека секој од вас ќе продолжи со истиот елан и посветеност кон работата, со цел унапредување на нашето општество”, истакна Спасовски, додавајќи дека успешно се реализираше „МВР за Граѓаните”.
![]()
„Мојот мандат како министер за внатрешни работи може да завршува, но мојата верба во вас и во она што можеме да го постигнеме заедно останува непоколеблива. Ви благодарам што бевте дел од овој трансформативен период за институцијата и ви посакувам сè најдобро во вашите идни подвизи. Заедно, создадовме „МВР за Граѓаните”, институција каде се почитува законот, која ги заштитува граѓаните и создава подобра иднина за Република Северна Македонија. Благодарам за сè од срце”, рече Спасовски.
![]()
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Студено утро со измерени -5 степени во Берово
Најстудено изутринава е во Берово, каде се измерени – 5 степени, по што следуваат Битола и Струмица, -4, Скопје-Петровец и Штип, – 3, Демир Капија, Велес и Куманово, – 2. Во Тетово, Скопје-Зајчев Рид, Кавадарци, Гевгелија, Прилеп, Mаврови Анови и Претор температура од – 1, Крива Паланка, Попова Шапка, 0, Охрид, 1, Виница и Kрушево 2, информира Управата за хидрометоролошки работи (УХМР).
Времето денеска ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Претпладне по одделни котлини ќе има појава на магла. Ќе дува слаб ветер од југоисточен правец. Максималната температура ќе биде во интервал од 6 до 13 степени.
Во Скопје, променливо облачно и тивко со појава на магла. Максималната температура ќе достигне до 7 степени.
УХМР најави дека до вторник ќе се задржи стабилно и претежно тивко време. По одделни котлини ќе има појава на магла и зголемена облачност. Од вторник кон крајот на денот и во следните денови ќе има повремени локални врнежи од дожд. На планините и на повисоките места врнежите ќе бидат од снег.
Македонија
Ќе се менува проводник на далновод во Прилеп, градот неколку часа ќе биде без струја
Прилеп и приградските населби утре претпладне, од 6:30 до 11 часот, ќе останат без напојување со електрична енергија.
Како што информираат од АД МЕПСО, исклучувањето се врши поради планирани активности на електропреносната мрежа, кои опфаќаат демонтажа на старо проводно јаже од 110 киловлти за далноводот ТС Битола 1- ТС Прилеп 1 и монтажа на нов проводник. На замената ќе работат стручните екипи на АД МЕПСО.
Согласно со планираната динамика, работите ќе траат најмногу четири и пол часа, по што напојувањето со електрична енергија во Прилеп ќе биде повторно воспоставено.
Од АД „МЕПСО“ до корисниците апелираат за разбирање, имајќи предвид дека станува збор за планирани зафати од значење за сигурно и стабилно функционирање на електропреносниот систем.
Македонија
Дедо Мраз од Лапонија ќе дојде со волшебен воз на Железничка во Скопје
Специјална новогодишна театарска претстава за деца „Дедо Мраз дојде со воз“ ќе се одржува од денеска 30 декември на Железничката станица во Скопје, со почеток од 19 часот. Претставата ја организираат Училиштето за театар „Од игра до претстава“, Македонски железници Инфраструктура и Македонски железници АД Транспорт.
Публиката ќе може да го следи големото доаѓање на Дедо Мраз од Лапонија, со неговиот волшебен воз во центарот на Скопје, преку приказна која се раскажува на различни локации: музејската постановка на Македонски железници, театарска претстава во салон и посета не волшебниот воз и подарок од Дедо Мраз за секој посетител во вагонот.
– Како куриозитет годинава во соработка со МЖ Транспорт, го имаме и легендарниот воз „Шпанец“, неодамна реставриран, во кој се пренесува новогодишната волшебна магија и со која посетителите ќе може да патуваат низ Скопје и да другаруваат со ликови од претставата. Претставата ги следи патешествијата со кои се соочува Дедо Мраз пред да стигне на Железничката станица во Скопје и неговото доаѓање е неизвесно, па му треба помош од неговите Елени, Џуџиња, Снешко, но најмногу од неговите обожаватели, децата, се вели во соопштението од „Од игра до претстава“, ЈП Македонски Железници – Инфраструктура Македонски Железници АД Транспорт.
Автор и продуцент на проектот е Миодраг Костиќ, а текстот и режијата на Игор Ивковиќ. Реставратор и автор на музејската изложба користена во проектот е дело на авторот Ванчо Милошевски.
Во претставата играат актерите: Дарко Вељиќ, Андреј Серафимовски, Тодор Стојковски, Симона Петрушева, Ведра Димова, Александар Спироски. Вклучени се и 40-тина учениците од училиштето за театар „Од игра до претстава“.
Визуелното обликување на проектот е доверено на Бранкица Јордановска, во соработка со Горан Сачкарски. Музиката е авторско дело на Драган Илиевски, а монтажата е на Андреј Златаноски.
За потребите на претставата, ќе бидат користени: локомотива создадена во 1942 година, серија 33 и вагон што е изработен во 50-те години на 20 век и бил во употреба до крајот на 70-те години, а сега реставриран по урнекот на „ОРИЕНТ ЕКСПРЕС“, како и од неодамна реставрираниот воз „шпанец“ серија 712/714.

Билети може да се купат на билетарницата на Железничка станица – Скопје, секој работен ден од 12 до 19 часот. Резервација на [email protected] и на телефонскиот број 075 295 905.

