Свет
Патник во Мексико ја отворил вратата од авионот и одел по крилото, другите патници велат: Не спаси
Во Мексико е уапсен маж откако ја отворил вратата за итен излез и одел по крилото на авионот, пишува Би-Би-Си.
Човекот се одлучил на тој потег откако авионот за Гватемала Сити чекал со часови на пистата, а за патниците немало клима, ниту вода.
Мексиканскиот аеродром соопшти дека мажот не е повреден и подоцна е предаден на полицијата. Меѓутоа, останатите патници испратиле заедничко соопштение во кое тврдат дека мажот имал нивна поддршка во својот план.
Инцидентот се случи минатиот четврток околу 11:30 часот, три часа откако летот на Аеромексико требаше да полета од Мексико Сити.
Летот бил одложен поради проблем со одржување на авионот, според извештајот за инцидентот. На крајот, патниците биле префрлени во друг авион и полетале за Гватемала.
Се уште не е познато дали мажот останува во притвор или дали би можел да се соочи со какво било обвинение.
Патниците го видоа овој инцидент во поинаква светлина.
„Сите патници на летот од Мексико Сити до Гватемала наведуваат дека патникот во авионот ја отворил вратата за итен излез за заштита на сите патници и со наша поддршка бидејќи доцнењето на летот и недостатокот на воздух во авионот биле опасни по здравјето. на патниците“, се вели во соопштението од другите патници.
„Ни ги спаси животите“, напишаа со својот потпис, а изјавата ја објавија на социјалните мрежи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Берлин: На Украина итно ѝ е потребна поголема помош за одбрана
Германската влада соопшти дека на Украина итно ѝ е потребна поголема помош во одбраната. Берлин обезбедува дополнителна материјална помош за Киев за зимата.
Ситуацијата во Украина е многу напната поради континуираните напади на Русија и на Киев итно му е потребна помош од партнерите во одбраната, изјави портпарол на германската влада.
„Континуираните напади на Русија ја ставаат Украина под огромен притисок и ова е уште една причина поддржувачите на Украина да ѝ помогнат на земјата да се одбрани“, изјави владиниот портпарол на редовната владина прес-конференција во Берлин.
Во екот на тековните руски напади врз украинската инфраструктура, германската влада објави дека ќе испрати и дополнителна зимска помош за земјата во вредност од 40 милиони евра.
Германскиот министер за надворешни работи Јохан Вадефул изјави дека Германија „помага да се одржат домовите топли и осветлени и да се осигури дека Русија нема да успее да го скрши моралот на Украинците кои ја бранат својата татковина со гаѓање на инсталации за гас и електрична енергија“.
Средствата, според неговата изјава, ќе бидат искористени за хуманитарни мерки: поправка на системи за греење и оштетени домови, како и снабдување со генератори, ќебиња и хигиенски производи.
Во исто време, сепак, има намалувања на хуманитарната помош: во 2024 година, придонесот на Германија за хуманитарна помош беше над 400 милиони евра, но за оваа година е значително намален.
Свет
Зголемени тензии меѓу Пекинг и Токио – Кина го блокира јапонскиот извоз на морска храна
Кина денес го известила Токио дека повторно ќе го забрани увозот на јапонски морски плодови, јавуваат медиумите. Одлуката доаѓа во момент на растечка дипломатска тензија меѓу двете земји, пренесе Ројтерс.
Причина за заострувањето беше изјавата на новата јапонска премиерка Санае Такаичи, која рече дека кинески напад на Тајван би претставувал закана за Јапонија. Пекинг побара повлекување на изјавата и ги предупреди своите граѓани да не патуваат во Јапонија. Поради тоа, Кинезите масовно откажуваат резервации, што може да му наштети на јапонското стопанство.
Кина пред неколку месеци делумно ги ублажи ограничувањата за увоз на јапонска морска храна, воведени поради испуштањето пречистена вода од нуклеарката „Фукушима“ во океанот. Тогаш дозволи увоз од 37 префектури, а го забрани од 10 други.
Според извори на агенцијата Кјодо, повторната забрана е образложена со потреба од понатамошно следење на водата од нуклеарката. Кинеското министерство за трговија и царината не одговориле на барањата за коментар.
За јапонските извозници ова е тежок удар: Кина некогаш купувала над една петтина од вкупниот јапонски извоз на морски плодови. Околу 700 јапонски компании поднеле барање повторно да извезуваат во Кина, но досега се одобрени само три.
Свет
Европската комисија предлага воен шенген
Европската комисија денес го предложи новиот правилник за воена мобилност, со кој земјите членки ќе имаат рок од само три дена во време на мир, а уште пократок рок во вонредни ситуации – за да одобрат премин на војници и воена опрема преку своите граници.
Високата претставничка Каја Калас изјави дека е клучно војската и опремата да можат брзо да се преместуваат таму каде што се потребни. Комисијата најавува создавање „воен Шенген“ до 2027 година, а за инфраструктура со двојна намена во следниот буџетски период (2028–2034) предлага 17,65 милијарди евра.
Комесарот за транспорт Апостолос Цицикостас изјави дека за подобрување на воената мобилност се потребни околу 100 милијарди евра, и дека се идентификувани над 500 инфраструктурни проекти за побрзо движење на воена опрема низ ЕУ. Станува збор за проширување на тунели, зајакнување мостови, железнички траси, како и капацитети во пристаништа и аеродроми. Проектите треба да завршат до крајот на деценијата.
Дел од средствата ќе бидат од националните буџети, дел од кохезиските фондови и кредитите преку инструментот SAFE.
Комисијата предлага и отстранување на регулаторните пречки: усогласени правила за воена мобилност во ЕУ, поедноставени царински процедури и максимален рок за одобрение од три дена. Предвиден е и посебен итен механизам за забрзано движење на војска во рамки на ЕУ или НАТО.
Паралелно со ова, беше претставен и план за трансформација на европската одбранбена индустрија, со четири приоритети: инвестиции во одбранбени компании, забрзан развој на нови технологии, поголем пристап до одбранбени капацитети и поттикнување на потребните вештини во секторот.

