Економија
„Основната каматна стапка се задржува на нивото од 6,30 отсто“, одржана редовна седница на Комитетот за оперативна монетарна политика
На 30 јануари 2024 година се одржа редовна седница на Комитетот за оперативна монетарна политика на Народната банка, на која беа разгледани најновите податоци и информации за глобалната и за домашната економија и најновите случувања на меѓународните и на домашните финансиски пазари во контекст на поставеноста на монетарната политика.
На седницата на Комитетот беше одлучено каматните стапки да останат исти. Така, каматната стапка на благајничките записи останува на нивото од 6,30 %, а каматните стапки на депозитите преку ноќ и на 7 дена на нивоата од 4,20 и 4,25 %, соодветно. Понудата на благајнички записи на редовната аукција е исто така непроменета и изнесува 10 милијарди денари. На седницата беше оценето дека тековното ниво на каматните стапки е соодветно на условите во економијата и заедно со досегашните промени кај задолжителната резерва и со преземените макропрудентни мерки, ќе придонесат за натамошно забавување на инфлацијата и за задржување на стабилноста на девизниот курс, известуваат од Народната банка.
Во услови на поволен девизен пазар главниот акцент при носењето на одлуката за задржување на тековната поставеност на монетарната политика беше ставен на потребата од стабилизирање на инфлациските очекувања и инфлацијата на потрајна основа, а имајќи ги предвид ризиците. Имено, домашната инфлација во декември 2023 година изнесува 3,6 % на годишно ниво при значително намален притисок од цените на храната и енергијата, но и пониски ценовни притисоци од помалку променливите категории, во согласност и со преземените монетарни мерки. Во услови на слични движења на инфлацијата кај нас и во еврозоната разликата во годишните стапки е мала. Поумерени се и инфлациските очекувања на потрошувачите искажани во декемвриските анкети на Европската комисија. Просечната домашна стапка на инфлација се сведе на 9,4 % во 2023 година во согласност со очекуваната стапка од 9,5 %. Сепак, нивото сè уште е над историскиот просек, а ризиците во однос на идната динамика на цените и натаму постојат за што придонесуваат неизвесноста од движењето на цените на светските берзи, но и одредени домашни фактори. Оттука, беше оценето дека е потребна натамошна претпазливост при водењето на политиките, вклучително и на политиките што влијаат врз побарувачката во економијата. Во однос на политиката на Европската централна банка (ЕЦБ), на последната седница во јануари повторно беше донесена одлука за задржување на основните каматни стапки на истото ниво.
Состојбата на девизниот пазар е стабилна и движењата се поволни. Нивото на девизните резерви на крајот на декември изнесува 4.538,5 милиони евра, што според меѓународните стандарди и показателите што се следат,е соодветно ниво за задржување на стабилноста на курсот на домашната валута. Во текот на изминатата година девизните резерви забележаа раст, кој ги надмина очекувањата и главно е резултат на релативно високите интервенции на Народната банка за нето-откуп на вишокот девизни средства од банкарскиот систем. Поволните поместувања на девизниот пазар се резултат на намалените притисоци од енергетската криза, а со тоа и помалата побарувачка од страна на фирмите, зголемената понуда на девизи од физичките лица како сигнал за доверба во домашната валута, како и општо добрата девизна ликвидност на банките. Во однос на последните расположливи податоци од надворешниот сектор за периодот октомври – ноември 2023 година, тие засега упатуваат на малку понизок трговски дефицит за последниот квартал од годината од очекувањата според октомвриската проекција, а поповолни се остварувањата и на менувачкиот пазар заклучно со декември 2023 година, соопшти Народната банка.
Во третиот квартал од 2023 година реалниот раст на БДП изнесува 1,2 % на годишна основа, што е во согласност со октомврискиот циклус проекции (раст од 1,1 %). Високофреквентните податоци за периодот октомври – ноември 2023 година засега се во склад со очекувањата за забрзување на растот на економската активност во последниот квартал од годината. Така, во овој период се забележува реален раст на индустриското производство, прометот во вкупната трговија и градежништвото по падот во претходниот квартал, а кај реалниот промет во угостителството се забележува забрзување на годишниот раст. Во однос на ризиците за растот, тие и за следниот период се претежно надолни и се поврзан, пред сè ,со зголемените геополитички тензии.
Во монетарниот сектор, според податоците заклучно со декември 2023 година, депозитниот потенцијал на банките расте малку посилно од очекувањата со стапка од 9,1 %, а кредитната поддршка на приватниот сектор и натаму расте, но поумерено и изнесува 5,1 %.
Општо земено, клучните макроекономски показатели упатуваат на остварувања што се во согласност со очекувањата. Сепак, условите за водење на монетарната политика сè уште се неизвесни и налагаат натамошно внимателно следење на динамиката и факторите на инфлацијата и инфлациските очекувања и претпазливост во водењето на макроекономските политики, кои влијаат врз побарувачката во економијата. Народната банка и натаму е подготвена да ги употреби сите неопходни инструменти и да презема соодветни мерки со кои ќе се придонесе за задржување на стабилноста на девизниот курс, стабилизирање на инфлациските очекувања и за ценовна стабилност на среден рок, се додава во соопштението на НБ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Угостителите во Македонија за една година ги поскапеа цените за 3,4 проценти
Цените на угостителските услуги во јануари 2026 година се зголемени за 0,2 проценти во однос на претходниот месец.
Во споредба со истиот месец од минатата година, цените се повисоки за 3,4 проценти, сопшти Државниот завод за статистика.
На годишно ниво, односно во 2025 година во однос на 2024 година, цените на угостителските услуги се зголемени за 4,8 проценти.
Во јануари 2026 година, во однос на декември 2025 година, цените по групи се зголемени за: 0,3 проценти кај храна, 0,2 проценти кај алкохолни пијалаци. Кај групите Безалкохолни пијалаци и ноќевања не се забележани промени на цените.
Економија
Македонија добива можност да учи AI од Google, Microsoft, Amazon и IBM
AIatWork од денес овозможува 14-дневен целосно бесплатен пристап до својата платформа, со цел вештачката интелигенција да стане разбирлива, применлива и достапна за поширок круг корисници во Македонија.
Со бесплатниот 14-дневен пристап, корисниците добиваат можност практично да ја испробаат платформата и да користат водечки AI модели како ChatGPT, Gemini и Claude, над 50 практични AI алатки за пишување, анализа, дизајн и автоматизација, како и онлајн курсеви во живо, водени од AI практичари со искуство во глобални технолошки гиганти како Google, Microsoft, IBM и други.

Во Македонија вештачката интелигенција сè уште често се доживува како нешто нејасно и тешко совладливо за луѓето без ИТ позадина. Исто така AI често се поистоветува со една алатка, наместо да се разбере како поширок сет на практични решенија што веќе се користат во секојдневната работа низ светот. Голем дел од популацијата би сакала да знае да користи AI, но не знае кои алатки се навистина релевантни и како AI реално може да им помогне во работата.
Токму тука AIatWork се појавува како практичен одговор, нудејќи јасна насока за практична употреба на AI во секојдневната работа.
Во видеото што е дел од објавата, тимот на AIatWork објаснува дека изминатите месеци биле посветени на унапредување на корисничкото искуство и поддршката на платформата, со јасна цел: секој нов корисник уште од првиот момент да знае точно од каде да започне со изучување на вештините и алатките на иднината.
Само овој месец, на платформата се одржуваат 12 активни AI курсеви, во соработка со експерти и компании како Boeing, Google и Salesforce.
Во време кога AI станува составен дел од работата ширум светот, за земји како Македонија таа претставува можност за побрза дигитална трансформација и зголемена конкурентност. Бесплатниот пристап им овозможува на корисниците самите да проверат како AI може да им помогне во секојдневната работа, без ризик и без обврска.
Прашањето повеќе не е дали AI ќе стане дел од работата, туку дали ќе бидете подготвени кога тоа ќе се случи.
Пробајте AIatWork бесплатно – 14 дена, без обврска.
(ПР)
Економија
Владата предложи покачување на платите за администрацијата до 40 отсто, со почетно зголемување од 8 проценти од април
Премиерот Христијан Мицкоски, изјави дека денешната средба со Синдикатот на УПОЗ била конструктивна и дека на маса е предлог за зголемување на платите на административните службеници за 40 проценти во наредниот период.
Во интервју за Дневникот на МРТ, Мицкоски рече дека Владата ги презентирала условите и правилата под кои е подготвена да го реализира процесот на покачување на платите и дека сега се очекува одговор од синдикатите дали го прифаќаат предлогот.
„Денеска имавме состанок со УПОЗ. Ние дадовме понуда, истата онаа понуда за која јас зборував во јавноста. Ги поставивме условите и правилата под кои сме подготвени да го движиме овој процес напред“, изјави Мицкоски.
Тој посочи дека претставниците на УПОЗ и КСС најавиле дека ќе се консултираат со своите раководства и дека во текот на утрешниот ден ќе ја соопштат нивната одлука. Доколку се постигне согласност, според најавите, договорот би бил финализиран во недела, а од понеделник би започнала изработка на примерок на индивидуален синдикален договор.
Мицкоски појасни дека исплатата на зголемените плати би започнала во април, за мартовската плата, со осумпроцентно зголемување на збирот од постојната плата и минималната плата. Истиот модел би се применувал и во 2027 и во 2028 година.
„Тоа значи дека за околу две години и два до три месеци, административните службеници ќе имаат најмалку 40 проценти повисоки плати во споредба со сегашното ниво“, истакна премиерот.

