Македонија
Синдикат на Филхармонија: Вработените се изложени на закани и мобинг од директорот

Вработените во Македонска филхармонија се жалат дека во изминатиот период се соочуваат со низа проблеми во реализирање на своите работни обврски, поради, како што велат, проблематичното однесување и постапки на в.д. директорот Даниел Лазаровски.
„Откако беше назначен на оваа позиција наместо да работи на креирање услови за работа, Лазаровски со своите постапки ги урива темелите на кои е изградена институцијата, наместо да ги мотивира, тој ги деградира вработените, наместо да ги зацврстува меѓучовечките односи во институцијата, тој работи на нивно растурање“, велат од синдикатот на Филхармонија во допис до медиумите.
Вработените во оваа институција тврдат дека постојано се изложени на закани и мобинг од страна на в.д. директорот, а ситуацијата, според нив, кулминирала минатата недела на состанокот на Синдикатот на Филхармонија.
„Директорот буквално упадна на состанокот и покрај укажувањата од страна на претседателот на синдикатот дека не смее да присуствува доколку не е поканет, тој одби да си замине“, велат вработените.
Додаваат дека „Во член 16 од Статутот на СКРМ е предвидено дека „членството може да мирува ако членот се стекне со функциіа која може да биде во судир со интересите на СКРМ“. Имајќи ја предвид оваа одредба од законот, како и фактот дека на 12 септември 2023 година Лазаровски беше назначен за в.д директор на Филармонија, неговото членство во синдикалната организација на Филхармонија беше ставено во мирување. Исто така врз основа на член 195 од Законот за работни односи, работодавачот не смее да има надзор врз основањето и дејствувањето на синдикатите, Со своето присуство на состанокот, в.д. директорот на Филхармонија ги прекрши одредбите од законот, направи упад и повреда на правата на вработените за слободно и самостојно синдикално здружување и дејствување, како и обид за вршење притисок во слободното изразување на членовите на синдикатот, право кое им припаѓа на вработените врз основа на Устав, закон и колективниот договор“.
Најавија дека ќе поднесат и соодветни пријави.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
СДСМ: Мицкоски да каже за парите од осомничени од Кочани кои завршиле во ВМРО-ДПМНЕ, да не се секира за нашата стратегија

„Кога наместо да деде одговор на конкретно поставено прашање во врска со донации кои неговата партија ги добивала од сега осомничен за трагедијата во Кочани, Мицкоски би требало да одговори на тоа прашање наместо да се секира за нашата стратегија“, велат од СДСМ.
„За нас најважна е вистината и разобличувањето на обидот на ВМРО-ДПМНЕ и Христијан Мицкоски да ја затскријат вистината за трагедијата во Кочани, но и обидот да ги сокријат нивните партиски функционери од одговорност.
Дополнително, апелираме до Христијан Мицкоски да не се секира за нашата стратегија премногу. Се оптеретува, и тоа е очигледно. А никој не сака премиер кој наместо да е оптеретен со подобрување на животот на граѓаните е оптеретен со СДСМ.
Еве и еден бесплатен совет до Мицкоски – најлоша комуникациска стратегија е стратегијата на лажење, манипулација и бегање од одговори. Реалноста Мицкоски не се поврзува со твоите пораки.
На пример, се уште никој не може да ги почувствува ефектите од четвртата најдобра економија во светот.
Никој се уште не може да ги почувствува придобивките од наводното зголемување на платата.
Сите ги чувствуваат ефектите од рекордните задолжувања, инфлацијата и безочното трошење на пари за папаја, манго, бејби биф, приватни авиони и скапи хотели. Парите на граѓаните се потрошени на луксуз за функционерите на ВМРО-ДПМНЕ додека граѓаните живеат во најсиромашната и економски најслабата држава во Европската Унија.
Никој ги нема видено туристите за кои Мицкоски зборува дека биле за 20% повеќе. Дотолку што Охрид се соочува со најлошата туристичка сезона со години.
Мицкоски, нека не те лажат дека ти поминуваат пораките. Никој не го чувствува тоа што го зборуваш.
Уште еднаш да повториме, нема поголем предавник на Македонската идеја од врховизмот. Врховизмот е авторитарност“, соопшти СДСМ.
Македонија
„СДС го штити насилникот во Кочани од своите редови, тој и понатаму продолжува да биде нивен коалиционен партнер“, велат од ВМРО-ДПМНЕ

„СДС штити насилство. Осудата која ја изразија е само декларативна и колку да ја замачкаат јавноста и она што сите го видовме. Советникот на Филипче повреди жена, а ова е данокот на омразата и злоупотребите кои СДС ги прави во Кочани и злоупотребите со трагичните судбини на жртвите од пожарот во Пулс“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Од ВМРО-ДПМНЕ бараат СДСМ да го исклучи од Советот, а Венко Филипче јавно да се огради од својот советник.
„Советникот на Филипче повреди вработена во општина Кочани. И тоа е голем инцидент. Жално е на какви ниски гранки падна СДС“, додаваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
МЕПСО и КОСТТ потпишаа меморандум за соработка за изградба на нова интерконекција Тетово-Призрен

Во Скопје денеска, првите луѓе на електропреносните оператори на С.Македонија и на Косово, доц.д-р Бурим Љатифи од АД МЕПСО и Шабан Незири од КОСТТ, потпишаа меморандум за соработка за зајакнување на прекуграничната соработка и развој на електропреносната мрежа.
Особен акцент Меморандумот става на стратешкиот проект за изградба на нов 400 kV интерконективен далекувод од Тетово до Призрен кој е во согласност со целите на ЕУ за енергетска транзиција до 2050 година и е номиниран како кандидат за зголемување на преносните капацитети преку европската планирачка платформа на ENTSO-E.
Во моментов, Северна Македонија и Косово имаат само една интерконекција, но според анализите на ENTSO-E, во регионот на Југоисточна Европа, потребно е значително зголемување на преносните капацитети, барем двојно, а во некои случаи и повеќе.
Проектот вклучува и дополнителни инвестиции во домашната преносна мрежа, како изградба на нова 400/110 kV трансформаторска станица во Тетово и нови 400 kV далекуводи од Тетово кон Охрид и кон Скопје.
„Потпишувањето на меморандумот е значаен чекор во зајакнување на нашата регионална соработка и развој на електропреносната мрежа. Проектот за 400 kV далекувод Тетово- Призрен не само што ќе го зголему капацитетот и сигурноста на системот, туку ќе овозможи и поголема размена на електрична енергија, поттикнувајќи нови инвестиции во ОИЕ“, рече Љатифи.
Во однос на придобивките, и Љатифи и Незири се согласија дека проектот за двете држави и регионот ќе креира регионална преносна инфраструктура со повисок капацитет, поголема прекугранична размена на електрична енергија, зајакнување на енергетскиот коридор Исток-Запад, подобрена сигурност и флексибилност на системот и поттик за нови инвестиции во ОИЕ.
„Овој меморандум ја потврдува соработката меѓу Косово и Северна Македонија и нашата заедничка посветеност кон создавање модерна и сигурна енергетска инфраструктура. Со овој проект ја јакнеме енергетската поврзаност во регионот и придонесуваме кон постигнување на енергетските цели на Западен Балкан“, додаде Незири.
Во моментов проектот е во фаза на планирање и техничка подготовка, а почеток на изградбата ќе зависи од обезбедување на финансиски средства и од потребните усогласувања со сите засегнати страни.