Македонија
Над 1.700 повици на бројот за итни случаи 112 за едно деноноќие
Центарот за управување со кризи (ЦУК) информира дека во последното деноноќие имало вкупно 1.752 повици на Единствениот број за итни случаи 112, од коишто „реални“ повици биле 49,77%, а 50,23% биле за други потреби на граѓаните што не биле итни. Кон Полиција биле упатени 58,01%, кон Итната медицинска помош 35,06%, а кон пожарникарите 5,63% од реалните повици кон 112 во ЦУК. Збирот повици што биле за комбинирано решавање од „реалните“ повици во ЦУК, 1,30% со другите 50,23% што се именувани како „неитни повици“, биле вкупно 883 на број и биле предмет на примање, селективна обработка во ЦУК, а и на директно координирање за нивно решавање со други институции од Системот за управување со кризи, согласно природата на пријавените итни случаи.
Пожарите и другите итни случаи се пријавуваат на Единствениот повикувачки број за итни случаи 112 во ЦУК.
ЦУК информира дека пожари на шуми и на вегетација на отворено, според извештаите на Регионалните центри за управување со кризи во државата се уште има, така што и во последното деноноќие имало повторно дваесетина, за запалена нискостеблеста шума и друга вегетација, а пожарникарите гаснеле и отпадоци, ѓубришта и запалени контејнери на отворено на територијата на државата. Помалите противпожарни интервенции на отворено во одредени случаи и не ги бројат.
Регионалниот ЦУК Скопје, известува дека во 22:15 часот на Единствениот повикувачки број за итни случаи 112 известило за пожар кај месноста „Рамно“ во насока кон с. Брест. Веднаш биле известени пожарникарите од БППЗ на Град Скопје, но теренот бил недостапен, и од РЦУК Скопје биле известени од ЈП „Национални шуми“, подружница „Караџица“ во Скопје.
Пожарникарите од БППЗ на Град Скопје, од 16:35 до 17:15 часот, со 3 пожарникари и 1 ПП возило гаснеле запалено стрниште на површина од 1 декар покрај автопатот Скопје – Петровец кај с. Јурумлери (Општина Гази Баба).
Регионалниот ЦУК Битола, известува дека пожарникарите од ТППЕ Битола во текот на изминатото деноноќие имала и 2 помали интервенции, а од ТППЕ Прилеп од 14:55 до 15:30 часот, со 2 пожарникари и 1 ПП возило гаснеле запалена ниска вегетација на ул. „Славеј Планина“ и од 17:00 до 20:45 часот со 3 пожарникари со 1 ПП возило гаснеле запалена ниска вегетација кај месноста Штавица и имале и една интервенција поради запалено патничко возило.
Регионалниот ЦУК Струмица, известува дека ТППЕ Струмица имала две интервенции поради запалена ниска вегетација кај с. Василево, кај с. Добрејци и една интервенција заради запалена ниска вегетација и ѓубре кај с. Дукатино.
ТППЕ Валандово, од 17:00 до 19:00 часот, со 3 пожарникари и 1 ПП возило гаснеле запалена ниска вегетација, капини и дел од овоштарник на површина од околу 2 хектари кај месноста Чапарица.
Регионалниот ЦУК Велес, информира дека ЈП „Национални шуми“, подружниуца „Бабуна“ од Велес, од 13:30 до 15:12 часот, со 2 вработени, како и 4 лица од месно население, гаснеле запалена ниска вегетација кај с. Богомила.
ТППЕ Кавадарци, од 11:45 до 12:45 часот, со 3 пожарникари и 1 ПП возило гаснеле запалена ниска вегетација на површина од 0,5 декар на влезот во с. Сирково.
ТППЕ Неготино, од 17:20 до 20:00 часот, со 8 пожарникари и 2 ПП возила гаснеле запалена ниска вегетација и трска кон излезот од Неготино.
Регионалниот ЦУК Штип, известува дека ТППЕ Штип, во текот на денот имала две оддлни интервенции врз запалена ниска вегетација и тоа во близина на акумулацијата „Мантово“ и во близина на Бања „Кежовица“. Во двата случаја интервенирале со по 3 пожарникари и 1 ПП возило.
ТППЕ Пробиштип, имала една интервенција врз запалена ниска вегетација во атарот на с.Неокази со 2 пожарникари и 1 ПП возило.
ТППЕ Кочани, имала една помала интервенција.
Регионалниот ЦУК Куманово, известува дека ТППЕ Куманово, од 14:15 до 16:45 часот, со 3 пожарникари и 1 ПП возило гаснеле опожарена викендица во с.Габреш. Имала и една интервенција поради запалена ниска вегетација во с.Скачковце.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Милионските криминали во Државна лотарија се случувале под покровителство на СДС и ДУИ
Милионските криминали во Државна лотарија кои што ги направија Прпарим Бајрами и Артан Груби, а беа одобрени од СДС денес излегуваат на виделина, истакнуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Овие криминали што денес извештајот на Државниот завод за ревизија ги утврди, како што појаснуваат, се случувале токму во времето на СДС и ДУИ.
„Бегалецот Прпарим Бајрами партнерот во криминал на бегалецот Артан Груби ја злоупотребил службената положба во износ од близу 2 милиони евра, пари на граѓаните, се додека СДС и Филипче молчеа и им го овозможуваа овој криминал.
На сите ни е јасно за каков криминален круг станува збор и зошто Бајрами и Груби се во бегство и зошто толку ги заштитуваше судството и обвинителството бирано од Зајас и Муртино“.
Според ВМРО-ДПМНЕ сега кога веќе Коцевски не е државен јавен обвинител и нема кој да ги заштити, СДС во страв и паника, додаваат од партијата на власт, отвораат теми како мигранти, шират лажни вести, хистерија и паника меѓу граѓаните.
„Воедно го повикуваме т.н “антикорупцискиот тим“ на СДС да го истражи и овој коруптивен случај, наместо да молчи пред фактите“.
Македонија
СДСМ: Резолуцијата не беше предадена во Собранието затоа што ДПМНЕ не сакаше да прифати да се разговара, тие се закануваа со тужби
Резолуцијата на СДСМ не беше предадена во Собранието затоа што ДПМНЕ не сакаше да прифати ниту да се разговара, ниту да се поднесе.
Наместо да разговараме тие се закануваа со тужби, велат од СДСМ.
„Не сакаа да се отвори дискусија во македонското Собрание, меѓу претставниците на народот – пратениците на кои граѓаните им дале мандат да ги застапуваат пред највисокиот орган на државата.
Наместо тоа, прво предложија темата да се префрли на општините, кои немаат никаква надлежност за вакво национално прашање. Не сакаа јавна расправа затоа што немаат аргументи против вистината.
Од самиот почеток бевме транспарентни и конструктивни“.
Граѓаните, додаваат од опозициската партија, ја видоа нашата Резолуција, јавно ја објавивме и со денови повикувавме заеднички да ја поднесеме и да ја потпишеме.
„Токму тоа им пречеше. Нашиот последен обид беше денес во Собранието.
Не ни дозволија да зборуваме за нашата предлог-Резолуција, премиерот и министрите побегнаа од пратеничките прашања, побеганаа од вистината и од дебата за Резолуцијата.
Поради тоа, во знак на протест, нашите пратеници ја напуштија седницата. Нема да учествуваме во предавството.
СДСМ нема да им биде прекривка за најголемото предавство на Македонија, пари за мигранти.
Нека си ја потпишат предавничката политика сами, заедно со колаборантите од ЗНАМ – за пари.
Со денови зборуваме за ова. Цел ден дефокус со вести, што јасно го покажавме преку нашата акција „Разоткривање“. Прават сè само за да ја сокријат вистината.
А вистината е следна: не сакаат да ја потпишат Резолуцијата, сакаат своја контра-резолуција. На граѓаните сега им е кристално јасно зошто“.
Имаме избори, истакнуваат од СДСМ и како што велат, имаме мигранти за пари.
„Почитувани граѓани, сите сите вие сега сте сведоци на предавството на Македонија, мигранти за пари.
Заедо ќе се бориме“.
Македонија
Лимани во Битола: Преку инвестиции во детската и социјалната заштита придонесуваме за подобрување на квалитетот на живот на нашите граѓани
Министерот за социјална политика, демографија и млади Фатмир Лимани во рамки на денешната посета на Битола оствари средба со градоначалникот на Општина Битола, Тони Коњановски, беше на увид на новите простории на детската градинка „Пчеличка“, во состав на ЈОУДГ „Мајски Цвет“ – Битола и новиот Дневен центар за активно стареење и се сретна со вработените во Центарот за социјални работи, Битола.
На средбата со градоначалникот на Општина Битола се разговараше за реализираните проекти, оние кои се во тек и идни проекти согласно потребите на граѓаните од оваа општина.
Преку адаптација на простор и целосно опремување во рамки на Домот за доенчиња и мали деца во Битола, се обезбедија нови згрижувачки капацитети за деца од предучилишна возраст, објект кој денеска функционира како детска градинка „Пчеличка“ под ЈОУДГ „Мајски Цвет“, информираат од министерството.
Капацитетот на новиот простор е за околу 70 деца, а со отворањето на оваа детска градинка, се задоволува дел од потребата од згрижување на дечињата во градинките. Наскоро се очекува отворање на уште една нова детска градинка, со која значително се подобрува состојбата со листата на чекање за упис во детските градинки.
Соговорниците уште еднаш потврдија дека соработката на централната и локалната власт значително придонесува за подобрување на квалитетот на живот на нашите граѓани и изразија подготвеност за продлабочување на истата.
Лимани го посети и просторот каде што наскоро ќе започне со работа Дневниот центар за активно стареење, со капацитет на 20 стари лица кои на дневна основа ќе имаат можност да го посетуваат и да бидат вклучени во програмата за активно стареење, под водство на Црвениот Крст- Битола.
При посетата се потврдија заедничките заложби и грижа за нашите повозрасни граѓани и значењето од отворањето на ваквите центри.
Црвениот Крст – Битола седум години наназад е давател на услугата лична асистенција за општините Битола, Могила и Новаци. Оваа услуга е дел од лепезата услуги кои се реализираат преку трипартитни договори на Министерството за социјална политика, демографија и млади, општините и провајдерите, а во насока на приближување на социјалните услуги до граѓаните, во нивното место на живеење.
Посетата на Битола беше заокружена со посета на вработените во Центарот за социјална работа -Битола. Непосредните средби и разговори со вработените придонесуваат за подобрување на квалитетот на услугите кон граѓаните, како и подобрување на условите за работа и вреднување на трудот на социјалните служби. Тоа се заложбите на министерството, со кои се добиваат двојни придобивки – вложување во човечките ресурси кои ги адресираат предизвиците на граѓаните и задоволни граѓани.

