Македонија
Утре масовни протести на студентите пред Министерството за образование
Студентите утре на масовни протести пред Министерството за образование и наука.
Студентски отпор најави дека ќе им се приклучи на Универзитетското собрание (УСС) УКИМ во 14 часот.
„Само обединети и заедно можеме да се избориме за нашите студентски права. Колеги, се гледаме во понеделник од 14:00 пред МОН. Понесете со вас пароли, свирчиња и многу енергија. Време е да го слушнат студентскиот крик!“, велат од Студентски отпор.
Претходно, кажаа дека и покрај најавите на МОН дека стипендиите за месец октомври и останатите ќе бидат исплатени на 1 февруари како краен рок, сепак трансакциските сметки на студентите останале празни.
„Средства кои денес ги немаме, а сме приморани да ги користиме за покривање на трошоците за запишување на семестар и останати тековни трошоци за студирање. Исто така веќе две години го пробиваат сите рокови за започнување на реконструкцијата на студентските домови кои се со субстандардни услови, а многу пати досега беше ветено дека ќе се започне реконструкцијата во најбрз можен рок“, стои во повикот на Студентски отпор.
УСС УКИМ во петокот го најавија протестот под мотото „Студентите обединети“.
„Револтирани и обесправени студенти, време е да ги кренеме своите гласови и обединето да излеземе против неправдите врз нас и против неефикасното работење на Министерството за образование! Универзитетското студентско собрание на УКИМ, ве повикува вам, останатите Универзитетски собранија и сите останати студентски организации, да ни се придружите и достоинствено да излеземе на протест каде ќе ги искажеме горливите маки. Проблемите се многу. Сплотени, ние сме уште повеќе“, напишаа од УСС УКИМ.
Засега, нема официјална информација дали на овој протест од 14 часот ќе дојде и организацијата Студентска револуција, кои својот протест пред МОН го најавија од 12 часот. И тие рекоа дека излегуваат оти нема ниту една исплатена рата од студентските стипендии за учебната 2023/2024 година од МОН.
„Според досегашното искуство и според следењето на целиот процес поврзан со поднесените апликации за стипендија, имаме легитимна причина да веруваме дека апликациите се уште се непроверени и очекуваме понатамошно одолговлекување на процесот. Затоа, како студенти го упатуваме овој предупредувачки апел до министерот и сите надлежни за спроведување на програмата на владата – да не си поигруваат со трпението на студентите, бидејќи доколку институционалниот пат ни е попречен и ние сме обесправени, правдата ќе ја бараме на улица, преку масовни протести“, соопштија од Студентска револуција.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ОЈО ГОКК: Се разменуваат информации со српското обвинителство за да се утврди евентуална поврзаност на двата случаи и потеклото на марихуаната
Во рамките на опсежната акција што се спроведува изминатиот период, а во која до сега се запленети над 40 тони марихуана од повеќе правни лица на територијата на државата, обвинителството ја информира јавноста дека континуирано презема активности во соработка со Министерството за внатрешни работи и Комисијата за одобрување на одгледување на канабис за медицински цели, во рамките на Министерството за здравство.
Постапувањето се одвива во континуирана координација со Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, како и со други јавни обвинителства со месна и стварна надлежност, кои постапуваат по предмети за кривични дела утврдени во Законот за контрола на опојни дроги.
Во насока на целосно утврдување на фактите и околностите, предметниот обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција е во комуникација со Обвинителството за организиран криминал на Република Србија, со цел размена на информации од значење за постапката што ќе помогнат да се утврди евентуална поврзаност на двата случаи и потеклото на марихуаната. Воедно, јавниот обвинител од ОЈО ГОКК презема и други дејствија согласно своите законски надлежности, вклучително и сослушување лица во својство на сведоци, со цел прибирање докази и факти релевантни за постапката.
Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, заедно со надлежните институции, продолжува со преземање на дејствија за целосно расчистување на случајот, за што јавноста ќе биде навремено информирана.
Македонија
Министри и градоначалници на средби со високи претставници на УНЕСКО во Париз, ќе се разговара за статусот на Охрид
Делегација на Владата во состав: заменик-претседателот на Владата и министер за транспорт, Александар Николоски, министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски; министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, министерот за животна средина и просторно планирање, Муамет Хоџа, градоначалникот на Општина Охрид, Кирил Пецаков и градоначалникот на Општина Струга, Менди Ќира, денес и утре престојува во дводневна работна посета на Париз.
Во рамки на посетата, делегацијата ќе оствари средби со Калед Ел-Енани, генерален директор на УНЕСКО, како и со други високи претставници на УНЕСКО.
„На средбите ќе бидат потенцирани цврстите заложби на Владата за зачувување на статусот на природното и културното наследство на Охридскиот Регион. Исто така, ќе биде истакнато дека државата воспоставува систем за заштита кој гарантира зачувување на интегритетот и автентичноста на Охридскиот Регион како исклучителна универзална вредност“, соопштија од Владата.
Во него се додава дека делегацијата ќе се осврне и на мерките што Владата ги презема, како и на фактот дека преку надлежните институции се вложуваат максимални напори за спроведување на препораките од реактивните мисии (2020 и 2024) и Стратегискиот план за рехабилитација.
Во рамки на посетата, денеска е планирана средба со Ернесто Отоне, помошник генерален директор на УНЕСКО задолжен за култура, потоа со Конгкер Мохамад Талха, претседател на 43. сесија на Генералната конференција на УНЕСКО, а утре делегацијата ќе се сретне со Насер бин Хамад Ал Хинзаб, претседател на Извршниот одбор на УНЕСКО.
Македонија
Герасимовски: Почна реконструкцијата на улицата „Мирослав Крлежа“, Дебар Маало добива уредена пешачка и резиденцијална зона
Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, присуствуваше на почетокот на градежните активности за реконструкција и пренамена на улицата „Мирослав Крлежа“ во пешачка и резиденцијална зона.
„Станува збор за проект што се реализира на барање и по мерка на жителите. Ова е зафат што долго време беше најавуван и ветуван, но денес конечно се реализира на терен. Овој дел од Дебар Маало, добива нов лик, уреден, безбеден и функционален јавен простор“, рече градоначалникот Горан Герасимовски.

Проектот има за цел уредување на јавниот простор и воведување организиран резидентен паркинг. Реконструкцијата се изведува на вкупна површина од околу 6.000 квадратни метри, на потегот од „Партизански одреди“ до улицата „Никола Тримпаре“.
Во рамки на зафатот се предвидува инсталирање ново улично осветлување, поставување клупи и канти за отпад, како и целосна реконструкција на коловозот и тротоарите со поставување гранитни и травертин плочи.
На дел од улицата се поставува нова водоводна и атмосферска мрежа, додека фекалната канализација е веќе изведена, а каблите на ЕВН се спуштени под земја.

Проектот е изработен во соработка со Архитектонскиот факултет и вклучува уредување на зелените површини, замена на исушените дрвја со нови садници и поставување ниско зеленило, соопшти Општината.
Проектот се финансира со 70% средства од Светска банка, додека преостанатите 30% се покриени од буџетот на општина Центар.

