Македонија
Македонците во дијаспората ги мачи криминалот, корупцијата и лошите услови во Македонија, рече Николовски од Швајцарија
Македонците во дијаспората ги мачи криминалот, корупцијата и лошите услови во Македонија, вели потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николовски кој е во дводневна посета на Швајцарија заедно со лидерот на партијата Христијан Мицкоски и членот на ИК на ВМРО-ДПМНЕ, Драган Ковачки.
„Имавме средби со претставниците на задграничните комитети од повеќе држави на кои што поразговаравме организациски во пресрет на претстојните претседателски и парламентарни избори. Проблемите кои што ги мачат се истите оние кои што се и дома. Без разлика дали зборуваме за високото ниво на криминал и корупција кое што владее во Македонија или лошата состојба во економијата, состојбите во образованието кои што се далеку од добри, дрогата која што царува на македонските улици помеѓу македонските деца, тоа е нешто што ги загрижува и нашите луѓе, тука во Швајцарија. Така што маките се исти, дилемите се исти, проблемите се исти, решенијата се битни. А, ние презентиравме дел од нашите гледишта кои што ќе бидат дел од нашата програма во следниот период, а се надевам после осми мај и дел од работата на владата“, истакна Николовски.
Потенцира дека не смееме да дозволиме повеќе Македонија да е држава во која економијата тоне, а корупцијата цвета.
„Мора да направиме една убава успешна приказна пред се со директен удар на корупцијата со воспоставување на функционален систем на владеење на правото и со кревање на економијата за да можеме да имаме еден попристоен живот, да бидат луѓето горди што се Македонци, што потекнуваат од Македонија и да има една економска благосостојба да сите имаат еден подобар живот“, вели тој.
Николовски кажа дека е потребно владата да формира едно координативно тело во кое би влегле министрите за внатрешни работи, Министерот за труд и социјала, за надворешни работи како координатор, за здравство и за образование со цел на едно место да се даваат одговори на сите прашања кои ги имаат нашите луѓе од дијаспората.
„Тука гледаме на дело како изгледа двојното понижување на Македонецот, Заев и Димитров го понижија со потпишувањето на срамниот Преспански договор кога се промени името на Македонија и сега втор пат го понижуваат со тоа што мора да вадат нови пасоши со новото понижувачко име, во услови кога имаат важечки документи. Значи ние практично си ги отфрламе нашите луѓе им велиме не може да се вратите дома во Македонија затоа што немате важечки документи со новото понижувачко име на државата. Тоа е двојно понижување кое СДС му го направи на македонскиот народ и против кое ќе се бориме против 8 мај“, заклучи потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сообраќајот низ државата се одвива во зимски услови, по наместа влажни коловози
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по наместа влажни коловози, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Претежно облачно со повремени врнежи од дожд, на планините снег
Облачно, со повремени врнежи од дожд кои ќе бидат поинтензивни во југоисточните делови (над 15 l/m²), а на планините од снег. Поради продор на постуден воздух вренежите од дожд ќе преминуваат во снег и на некои од повисоките места. Ќе дува слаб до умерен ветер претежно од југоисточен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 0 до 6, а максималната ќе достигне од 5 до 11 степени.
Во Скопје, претежно облачно со повремени врнежи од дожд. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до 3, а максималната ќе достигне до 8 степени.
Времето во наредните денови
Денеска ќе се задржи променливо облачно време наместа со повремен дожд, во југозападните делови над 15 l/m², а на повисоките места врнежите од дожд ќе преминуваат во врнежи од снег. Нови врнежи ќе има и во текот на седмицата кога ќе настапи заладување со повремени врнежи од дожд, а на планините и во некои од повисоките места од снег. Од денеска ќе има појава на магла по одредени котлини. Ќе дува умерен, повремено засилен ветер.
Македонија
Почувствуван земјотрес во Тетово и околината
Телеметриската сеизмолошка мрежа на Република Северна Македонија одржувана од Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, вчера вечер во 23 часот и 9 минути регистрира земјотрес чиј епицентар потекнува од територијата на Република Косово, на околу 46 км северозападно од Скопје, со Рихтерова локална магнитуда, ML3.0
Според досегашните податоци со кои располага опсерваторијата, земјотресот е почувствуван во Тетово и околината со интензитет од III степени според Европската макросеизмичка скала.

