Македонија
Скопјани со најголеми, а крушевчани со најмали можности за здравствена заштита во земјава, според Центарот за граѓански комуникации

Центарот за граѓански комуникации го објави истражувањето за степенот на здравствена заштита на жителите во 30-те здравствени центри во земјава.
Истражувањето покажа дека највисоки можности за здравствена заштита имаат жителите на главниот град Скопје, додека најмалку можности за соодветна здравствена заштита имаат жителите на Крушево.
„Има огромни разлики во можностите, односно степенот на здравствена заштита што можат да ја добијат жителите на 30-те градови во земјава. Подобро стојат големите, а полошо помалите градови. Но, меѓу големите градови најлошо стојат Кичево и Кочани, а меѓу малите градови најдобро стојат Виница и Делчево. Покрај Скопје, на врвот на листата се и Битола и Штип, додека на дното, покрај Крушево се и Македонски Брод, Валандово и Крива Паланка“, се наведува во нивното истражување.
Истражувањето, кое вклучува 22 индикатори, ги зема предвид човечките и просторните медицински капацитети што им стојат на располагање на жителите на овие региони како што се болници, здравствени домови, служби за заштита на жени, претшколски и школски деца, лекарски, специјалистички и друг здравствен кадар, но и општата и стапката на смртност на доенчиња.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Претежно сончево и многу топло, максималната температура до 42 степени

Времето денеска ќе биде претежно сончево и многу топло. Ќе дува слаб до умерен ветер од променлив правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од 13 до 22, а максималната ќе достигне од 36 до 42 степена.
Во Скопје, сончево и многу топло со слаб до умерен ветер од северозападен правец. Минималната температура ќе се спушти до 21, а максималната ќе достигне до 41 степен.
Времето во наредните денови
Во петок и во сабота ќе се задржи сончево и многу топло време со мала до умерена локална облачност и со температура која наместа ќе достигне и 43°C. Во недела ќе има локална појава на нестабилност со пороен дожд и грмежи, а температурата ќе биде во опаѓање.
Македонија
Нема подолги задржувања за влез и излез од државата

Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози, извести АМСМ.
Денеска во временски период од 09:00 до 14:00 часот поради обезбедување на велосипедска трка, сообраќајот од центар на град Куманово по улицата 3-та МУБ, обиколница за Свети Николе, магистрален пат Куманово – Крива Паланка и по регионален пат Куманово граничен премин Пелинце до Меморијален центар АСНОМ во село Пелинце ќе биде во прекин.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е зголемен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
Македонија
(Видео) Акција во мотел во Тетово: Приведено лице за проституција, повреден е полицаец

Полициски службеници од СВР Тетово спречија трагичен крај на млада девојка и истовремено приведеа маж под сомнение за посредување во проституција.
Интервенцијата се случила околу 14:35 часот, по пријава од лице со иницијали Л.К., кое пријавило недоразбирање со женско лице кое не сакало да го напушти мотелот. Кога полицијата пристигнала на терен, било утврдено дека девојката стоела на работ од прозорецот во собата, заканувајќи се дека ќе скокне или ќе се повреди.
По наредба на јавен обвинител, полицајците ја отвориле вратата со сила и успеале да ја спречат девојката во нејзината намера. Таа веднаш била пренесена во Клиничката болница во Тетово за лекарска помош.
Во акцијата, еден полициски службеник се здобил со полесни повреди.
Полицијата во меѓувреме го лишила од слобода Л.К. под сомнение за посредување во проституција. По целосно документирање на случајот, ќе следуваат соодветни поднесоци.