Македонија
Јетон Шаќири пред протестот на студентите: На вашата сметка ги имате средствата за стипендија, не дозволувајте да ве манипулираат
Министерот за образование Јетон Шаќири преку социјалните мрежи ги информираше студентите кои ги исполниле условите за продолжување и ретроактивното плаќање со спогодба, дека се исплатени средствата за стипендија.
„Додека го читате овој пост на вашата сметка ги имате средствата за стипендија сите вие студенти кои ги исполнивте условите за продолжување и ретроактивното плаќање со спогодба. Искрено сакам да изразам благодарност до сите сектори низ кои се одвива процесот на стипендиите додека не стигнат до вас“, напиша Шаќири.
Министерот апелираше до студентите да не дозволат да бидат изманипулирани.
„Ве повикувам да ја искористите концентрацијата и енергијата за поголем успех на испитите кои ги имате оваа недела, апелирам да не дозволите да бидете манипулирани од дезинформации и злонамерни повици“, вели Шаќири.
Тој додаде дека посветено работи за студентите.
„Го зголемивме износот за студентскиот оброк, го зголемивме износот на стипендиите, разликата на стипендиите ја плативме и за претходниот период … докажавме дека работиме посветено за студентите“, додаде министерот.
Студентите претходно најавија дека масовно ќе излезат на протест пред МОН поради, како што кажаа, доцнењето на стипендиите.
„И покрај најавите на МОН дека стипендиите за месец Октомври и останатите ќе бидат исплатени на 1 Февруари како краен рок сепак денес нашите трансакциски сметки останаа празни. Средства кои денес ги немаме, а сме приморани да ги користиме за покривање на трошоците за запишување на семестар и останати тековни трошоци за студирање.
Исто така веќе две години го пробиваат сите рокови за започнување на реконструкцијата на студентските домови кои се со субстандардни услови, а многу пати досега беше ветено дека ќе се започне реконструкцијата во најбрз можен рок.
Поради таа причина и слични други, како што е доцнењето на финансиската помош за превоз и честото лажење на МОН, ние, студентите, најавуваме МАСОВЕН протест во понеделник пред МОН“, стои во нивниот повик за протест.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Филипче: Мора да има контрола на податоците од „Сејф сити“
Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Венко Филипче, во одговор на новинарско прашање потенцираше дека СДСМ не е против системот „Сејф сити“ од аспект на безбедноста, туку во сегашното решение постојат други сериозни и суштински прашања кои мора да се прецизираат .
„Еден таков закон кој се однесува на проектот „Сејф сити“ во којшто се регулира еден дел од сообраќајот, со којшто се намалува ризикот од несреќи, сообраќајќи , апсолутно во тој дел го поддржуваме. Меѓутоа, има важни работи за коишто треба да се зборува“, рече Филипче.
Во тој контекст, Филипче укажа дека треба да се има предвид економската состојба и стандардот на граѓаните, но и начинот на кој ќе се располага со податоците од граѓаните.
„Во сегашниот контекст, тоа е економската состојба во државата, стандардот на граѓаните, мора да се зборува за висината на казните. И второ, исто важна работа, што и кој ги контролира огромната количина на податоци коишто системот ‘Safe City’ ги собира“, рече Филипче.
Притоа, Филипче рече дека ВМРО-ДПМНЕ има историја во злоупотреба на податоци и службите за безбедност и затоа е важно да има дискусија во Собранието за овие прашања.
„Станува збор за влада на ВМРО-ДПМНЕ, која има историја на злоупотреба на служби за безбедност, пратење и прислушкување на огромен број на граѓани. Не сме комотни да туку така тој дел помине без дискусија. Се сомневаме дека можат тие податоци да ги злоупотребуваат за нивни тесни, партиски цели. Така што, ќе се дебатира во Собранието за овие две работи“, посочи Филипче.
Македонија
Поради дефект без парно делови од Центар, Аеродром и Кисела Вода
Поради лоцирање на дефект на дистрибутивната мрежа во моментов има прекин во испораката на топлинска енергија кај потрошувачите од Центар, Аеродром, Ново Лисиче, Кисела Вода и Автокоманда, соопшти ЕСМ.
Екипите на ЕСМ Дистрибуција на топлина се на терен со цел точно лоцирање на дефектот и изолирање на истиот, со цел воспоставување на нормална испорака на топлинска енергија.
За дополнителни информации, потрошувачите можат да се јават во Центарот за грижа за потрошувачи на телефонските броеви (02) 3076 200 и 075 400 100.
Македонија
Левица: Центарот за социјални работи во Тетово дувло на криминал и корупција
Скандалот во Центарот за социјални работи во Тетово со незаконски исплатени социјални пензии и додатоци за туѓа нега ја разоткрива длабоката системска корупција и злоупотреба во институцијата која треба да им служи на најранливите. Социјални пензии добивале лица кои што воопшто не исполнуваат услови за тоа, додека лица на кои што им е од суштинска важност да добијат социјална пензија или надоместок за туѓа нега се одбивани, велат од Левица.
„Според досега изнесените податоци неколку вработени во Центарот, меѓу кои и еден раководител исплаќале социјални пензии, туѓа нега и други социјални надоместоци и тоа ретроактивно, на лица кои не исполнувале услови за тоа, со што го оштетиле Буџетот за неколку стотици илјади евра.
Дополнително загрижува фактот што, и покрај тоа што Јавното обвинителство покренало постапка против овиелица, по признание на вина за несовесно работење во службата тие биле задолжени да платат по 18.000 денари по што продолжиле со работа во Центарот за социјални работи во Тетово. Ова испраќа опасна порака дека злоупотребата на јавните пари и газењето на социјалната правда поминуваат без реални последици.
Јавно прашуваме зошто Министерството за социјална политика и министерот Лимани молчат за овој скандал?
Исто така прашуваме како е можно лица кои самите признале дека несовесно работеле и го оштетиле буџетот да бидат сѐ уште вработени во Центарот?
Кого штити Министерството и дали Владата на ДПМНЕ знae воопшто на кои и на колку лица неосновано им биле испраќани социјални надоместоци?
Ова е уште еден доказ дека државата за некого е мајка, за некого маќеа!“, се вели во соопштението на политичката партија.

