Македонија
Џафери најави целосна поддршка за уставните измени кога ќе има услови за нивно гласање

Техничкиот премиер, Талат Џафери, имаше средба со амбасадорите на земјите-членки на Европската Унија во државата и амбасадорот на Европската Унија во Скопје.
Ова е прва заедничка средба на Џафери со амбасадорите и можност лично да ги информира за програмата на Владата во претстојниот период во насока на обезбедување континуитет на владините политики, и активностите врзани за организирање на претстојните претседателски и избори за пратеници во Собранието.
Во своето обраќање пред присутните, меѓу другото, премиерот истакна: „Првата јасна порака што сакам да ви ја пренесам на овој состанок е дека сум одлучен, Владата што ја предводам да одговори на законската обврска да спроведе фер и демократски изборен процес, согласно највисоките европски стандарди и практики“.
Во тој контекст, претседателот на Владата, Џафери, рече дека обврска за фер и демократски избори, покрај Владата и државните институции, имаат и сите политички субјекти во земјава, односно, истите треба да покажат зрелост и одговорност, како што и приличи на земја членка на НАТО, со отпочнати преговори со ЕУ и движечка сила на евроатлантската ориентација на регионот, а тој лично, ќе се заложи за атмосфера на конструктивност.
„Важно е на изборите на 8 мај – и по нив, во предвидените законски рокови, да биде избран новиот претседател на државата и да биде формирана новата Влада, со полн легитимитет, за да нема застој на нашиот започнат пат“, нагласи Џафери.
Во контекст на владината програма, премиерот истакна дека Владата има јасен фокус кон европските интеграции и недвосмислена про-европска ориентација, што ќе значи континуитет во евроатлантските политики и на домашен и на надворешен план. Во таа насока, како претседател на Владата, ќе дава целосна поддршка на Собранието, штом се создадат неопходните услови за тоа, да бидат изгласани предложените измени на Уставот, кои се единствениот услов од Преговарачката рамка со Европската Унија и од кои зависи одржувањето на втората меѓувладина конференција со ЕУ, со тоа и формалното отворање на преговарачкиот процес на Северна Македонија со ЕУ.
Во дискусијата, амбасадорите на земјите-членки на ЕУ во Скопје, покрај честитките за изборот на премиерот Џафери и за новиот владин состав, изразија силна поддршка за определбите на премиерот и на Владата за спроведување фер и демократски претседателски и парламентарни избори, како и за најавениот континуитет во политиките и соработката на домашен и надворешен план, согласно европската агенда.
Беа разменети мислења за продолжување на реформската агенда на Владата во претстојниот период, следните чекори врзани за изборниот процес, процесот на уставни измени и владините економски политики.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Крадци корнат бисти од гробишта – по Бутел, бронзена биста украдена и во Ѓорче

Нов случај со кражба на бронзена биста од гробишта бил регистриран во полицијата во текот на вчерашниот ден.
Скопјанка пријавила попладнето дека од гробиштата во Ѓорче Петров со употреба на физичка сила била одземена една бронзена биста.
Само два дена претходно, истото се случи и на гробиштата во Бутел. Тогаш од МВР информираа дека со употреба на физичка сила и подесен алат биле одземени три бронзени бисти.
„Макфакс“ претходно објави и дека во текот на минатата седмица беше откорнатата плоча од споменикот на децата бегалци во паркот „Жена борец“ во Скопје. Украден е релјефот од бакар, мотив на мајка со три деца, прицврстен на постаментот, отстранети се и бронзените букви од натписот „Татковината – копнеж на прогонетите“
Од МВР велат дека се работи на расчистување на случаите.
Македонија
Дрво падна кај Млечен, оштетени три автомобили, скинати кабли од бандера

Дрво попладнево падна на улицата Анкарска кај популано именуваниот реон „Млечен ресторан“.
Паднатото дрво има оштетено три автомобили.
Од Центарот за управување со кризи, информираа дека полицијата е на лице место и настанот е пријавен во ЈП ,,Паркови и зеленило” за да го отстранат паднатото дрво од улицата.
Исто така, дрвото, при паѓањето, има скинато кабли од бандера.
Известени се надлежните институции за санација на скинатите и откачени кабли.
Фото: Илустрација
Македонија
Села му одговори на Таравари: Без доверба и чест нема ниту куќа, ниту врата

Едниот од лидерите на поделената Алијанса за Албанците, Зијадин Села, преку социјалните мрежи му одговори на неговиот поранешен сопартиец, Арбен Таравари за можноста за повторна соработка.
„Според албанската традиција и обичајното право, домот не е едноставно место каде што живееш, туку тоа е име и идентитет! Дали вратата или куќата е голема или мала го прави сопственикот на куќата. Честа, довербата, дадениот и одржан збор и мажественоста се атрибутите кои овој сопственик мора да ги има. А кога ги нема, тоа не се нарекува ниту куќа, ниту врата, а камоли голема“, се вели во објавата на Села.
Таравари претходно вчера рече дека кој сака е добредојден да им се придружи. Одговарајќи на новинарско прашање дали е можно повторно спојување со лидерот на другото крило од Алијанса за Албанците, Зијадин Села, тој изјави: „Јас кажав дека нашата куќа, нашата фамилија е голема, за сите вратите се отворени, така што, кој сака нека повели, добредојден е“.

„Јас кажав дека нашата куќа, нашата фамилија е голема, за сите вратите се отворени, така што, кој сака нека повели, добредојден е“ – Арбен Таравари
Алијансата за Албанците на Таравари одлучи на локалните избори да излезе со посебни листи за општински советници.