Регион
(Видео) Повторно хаос во албанскиот парламент, седницата заврши предвреме поради немири

Денешната пленарна седница на Собранието на Албанија заврши порано од планираното, поради немирите кои настанаа за време на говорите на пратениците.
Имено, како што наведува порталот „Њузбомб Албанија“, претседателката на собранието Линдита Николи седницата ја затворила за 15 минути и 40 секунди поради хаосот и вревата предизвикана од исклучените опозиционери, кои оневозможиле седницата да продолжи непречено.
Како што понатаму се наведува, протести се одржуваат пред собранието, по што на седницата влегле пратеници од опозицијата и предизвикале тензии. Пред говорниците се обратил шефот на пратеничката група на ДП Газмент Барди, а според албанските медиуми, Барди се обидел да фрли непознат предмет кон премиерот Еди Рама.
Иако седницата заврши порано, пратениците од опозицијата и нивните симпатизери продолжуваат со протестите пред Собранието.
„Со незаконска наредба на пратениците од опозицијата им беше забранет влез во парламентот. Дури и против пратеници кои немаа дисциплинска мерка. Незамисливо е пратениците да мора да ги кинат кошулите и оделата за да влезат во пленарната сала“, рече Барди пред толпата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
Драма во Црна Гора: две жени од Србија извлечени на брегот од силните морски струи и ветер

Две српски државјанки беа спасени денес во водите на Јадранското Море, откако силни морски струи ги одвлекоа далеку од брегот.
Како што соопшти Управата за поморска безбедност и управување со пристаништата во Црна Гора, двете жени од Србија биле однесени од брегот кај Сутоморе од силните морски струи и ветер.
Управата изјави дека центарот за поморски операции добил повик за помош утрово во 8:33 часот, по што спасувачкиот брод со екипажот испловил кон областа Сутоморе.
„На лице место пронашле две српски државјанки кои биле во морето. Тие веднаш биле извлечени од водата и безбедно транспортирани со брод на Управата за поморска безбедност и управување со пристаништата до брегот, каде што ги пречекала екипата за итни случаи“, се додава во соопштението.
Управата истакна дека акцијата била завршена брзо и ефикасно, а спасувачката екипа била поддржана од брод од Секторот за гранична полиција со екипаж.
Регион
Вештак открива детали за момчето-убиец од Белград: „Сакал да биде психопат“

Вишиот суд во Белград на 5 јуни ја продолжи кривичната постапка против родителите на момчето (Коста К.) кое уби 10 лица во основното училиште „Владислав Рибникар“ во мај минатата година. На судењето присуствуваше судскиот експерт за невропсихијатрија д-р Анета Лакиќ, која ги презентираше наодите од психијатриското и психолошкото испитување на момчето, објавува Блиц.
Според неа, момчето не покажало знаци на каење, иако било свесно за сериозноста на своите постапки. Тој изјавил дека немало да го стори тоа што го сторил доколку знаел какви ќе бидат последиците, но не изразил никакви чувства на вина. Вештакот истакнал дека момчето систематски се обидува да ја минимизира сериозноста на кривичното дело и користи одбранбени механизми за да избегне непријатни прашања – на пример, го прекинува разговорот и го бара својот лекар.
Според наодите, момчето било свесно дека поради неговата возраст нема да биде кривично одговорно. Веднаш по извршувањето на кривичното дело, знаело кого да повика и како да се однесува. Тој исто така изјавил дека се чувствува безбедно бидејќи, како што рекол, е „заштитен од одмаздата на оние чии деца ги убил“.
„Кога нешто во разговорот го вознемирува и прави да се чувствува непријатно, тој совршено добро знае како да прекине, веднаш станува и вели: ‘Сакам да го посетам мојот лекар’. Тој го прави ова за да се заштити“, заклучи Лакиќ.
За време на вештачењето, исто така беше споменато дека пред да го изврши злосторството, момчето пребарувало на интернет информации за доживотни и смртни казни, и наводно очекувало да заврши во затворска установа каде што ќе има мир и ќе чита книги.
Вештакот исто така изјави дека момчето изјавило дека „некое време сакал да стане ‘психопат’, инспириран од случаите на момчиња убијци од САД, но дека подоцна се откажал од тоа“.
Зборувајќи за неговите семејни односи, тој изјави дека бил најблизок со неговата баба и чичко, додека остатокот од неговото семејство го опиша како „проколнат“. Д-р Лакиќ додаде дека момчето давало лажни информации за своето здравје, како на пример дека има астма и дека неговиот дедо починал, што го користел за да избегнува училиште.
Кога адвокатот ја прашал зошто не разговарала со родителите на обвинетиот, вештакот објаснил дека таков разговор би можел да ги компромитира наодите бидејќи целта била да се процени перцепцијата и расудувањето на момчето во времето на кривичното дело.
Судската постапка против родителите на момчето продолжува.
Регион
(Фото) Аеродромот во Загреб затворен за сообраќај – мал авион слета надвор од пистата

Аеродромот „Фрањо Туѓман“ во Загреб денеска попладне беше затворен за сообраќај поради инцидент со приватен авион кој се излизгал од пистата, пишува Индекс.
Инцидентот се случил околу 15:21 часот, при слетување на приватен авион од типот Cessna 525.
Леталото проклизнало и завршило на тревната површина покрај пистата.
Според информации од авиокомпанијата, авионот бил празен и во инцидентот нема повредени.
Во моментот се преземаат мерки за отстранување на леталото од пистата, а аеродромот останува затворен до понатамошно известување.
Од Аеродромот „Фрањо Туѓман“ се извинија на патниците за доцнењата на пристигнувачките и поаѓачките летови и најавија дека јавноста ќе биде навремено информирана кога сообраќајот повторно ќе биде воспоставен.