Свет
Кралот Чарлс има рак
На кралот Чарлс му е дијагностициран облик на рак, соопшти Бакингемската палата.
Тие не прецизираа за каков вид на рак се работи.
Бакингемската палата објави дека кралот денеска почнал со редовни третмани. Тие додадоа дека кралот „останува целосно позитивен во однос на неговото лечење и со нетрпение очекува да се врати на целосна јавна должност што е можно поскоро“.
„Неговото височество одлучи да ја сподели својата дијагноза за да спречи шпекулации и со надеж дека ќе помогне во разбирањето на јавноста за оние ширум светот погодени од рак“, истакнаа тие.
Кралот утрово отпатува во Лондон за да започне со лекување. Тој ќе ги одложи јавните настапи, како што го советувале неговите лекари.
Се очекува и другите членови на кралското семејство да му помагаат во неговите должности. Иако извесно време нема да се појавува во јавноста, 75-годишникот ќе продолжи да ја извршува уставната улога на шеф на државата.
Кралот лично ги известил двата сина за неговата дијагноза. Принцот Хари, кој живее во САД, разговарал со својот татко и во наредните денови ќе отпатува за Велика Британија за да го види.
Инаку, Чарлс последен пат беше виден во јавноста вчера, на миса во Сандрингем. Пред повеќе од една недела тој беше опериран на простатата во приватна болница во Лондон. Кралот одлучил да излезе во јавноста за лекувањето на простатата со цел да поттикне повеќе мажи да се проверат, објави тогаш палатата.
Набргу по објавувањето на веста дека кралот е болен, се огласи британскиот премиер Риши Сунак.
„Му посакувам на неговото височество целосно и брзо закрепнување. Не се сомневам дека брзо ќе се врати во полна сила и знам дека целата земја ќе му посака најдобро“, рече тој.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Трамп објави повеќе номинации за челните позиции во неговата идна администрација
Новоизбраниот претседател на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп, најави нова серија назначувања во неговата претстојна администрација.
Поранешниот финансиски менаџер на тајкунот Џорџ Сорос, Скот Бесант ќе биде министер за финансии. Бесант води хеџ фонд и се спротивставува на буџетските дефицити. Пред неколку месеци тој за медиумите изјави дека одлучил да се приклучи на кампањата на Трамп делумно за да се бори против растечкиот национален долг на САД. Неговите ставови вклучуваат намалување на владините програми и други јавни трошоци.
Лори Чавез-Де Ремер е номинирана од Трамп за министерка за труд. Таа го загуби своето поранешно место во Орегон Хаус претходно овој месец, но ужива силна поддршка од синдикатот во нејзиниот округ. Се верува дека за време на новиот мандат на Доналд Трамп, министерството ќе биде повеќе бизнис-ориентирано, со оглед на плановите што ги најави идниот претседател за намалување на бирократијата.
Поранешниот играч на Националната фудбалска лига и помошник во Белата куќа Скот Тарнер ќе биде секретар за урбанистичко планирање.
Алекс Вонг се очекува да стане заменик советник за национална безбедност. Тој е поранешен функционер на Стејт департментот и поранешен специјален пратеник за Северна Кореја за време на првата администрација на новоизбраниот претседател. Себастијан Горка, друг член на тимот во тоа време, ќе биде директор за контратероризам во Белата куќа. Горка одреден период беше заменик помошник на претседателот.
Поранешниот конгресмен Дејв Велдон е номиниран да служи како директор на Центрите за контрола на болести, кој презеде водечка улога за време на пандемијата. Тој е лекар и ветеран на армијата, а на функцијата ќе има буџет од повеќе од 17 милијарди долари наменети за превенција од разни заразни болести. Центрите даваат и препораки за употреба на различни видови вакцини.
Трамп направи уште една номинација во областа на здравствената заштита. Лекарот за семејна медицина и соработник на Фокс њуз, Џенет Нешејват, беше избрана за главен лекар, повторно покажувајќи ја предноста на телевизиската личност како лице на новата администрација.
„Д-р Нешејват е жесток застапник и силен комуникатор за превентивната медицина и јавното здравје. Таа е посветена да обезбеди Американците да имаат пристап до прифатлива, квалитетна здравствена заштита и верува во зајакнувањето на поединците да преземат одговорност за сопственото здравје за да живеат подолг и поздрав живот. “, рече Трамп.
Свет
САД очекуваат илјадници севернокорејски војници да се приклучат во борбите во Украина
Соединетите Американски Држави очекуваат илјадници севернокорејски војници наскоро да се приклучат на борбите во Украина. Ова го изјави американскиот министер за одбрана Лојд Остин кој е во посета на Фиџи.
Според него, околу 10.000 Севернокорејци се во руската област Курск, каде што се интегрирани во руските борбени формации, пренесе АФП.
Остин рече дека засега нема посебни докази дека тие се активно вклучени во борбите. Според јужнокорејските власти, Русија му обезбедила на Пјонгјанг нафта, проектили и економска помош во замена за воено распоредување на комунистичката држава.
Во исто време, украинската армија ги негираше информациите за присуство на севернокорејски војници во регионот на Харков.
Оттаму изјавија дека лицето што ја проширило информацијата не е овластен портпарол на војската во областа и ги повикаа медиумите и луѓето да бараат информации од официјални извори.
Регион
Голем протест на пензионерите во Атина
Во Атина се одржаа големи протестни демонстрации на пензионерите. Сакаат добро здравство и повисоки пензии.
„Сакаме достоинствени пензии“, скандираа пред парламентот стотици грчки пензионери кои на протестот пристигнаа од целата земја. На дел од плакатите беа испишани нивните барања – пристојни пензии, бесплатни лекови и ниски цени, барем за основните потреби.
Демонстрантите за медиумите изјавија дека сакаат и да се отстранат голем дел од пензиските одбитоци и да се плати голем попуст за струја, како и во другите европски земји.
Големиот проблем со кој се соочуваат пензионерите се недостатоците во здравствениот систем – немање доволно специјалисти во државните болници и скапите лекови. И грчките пензионери побараа бесплатни празнични ваучери за сите пензионери.
Пензионерите на протестите скандираа „Стоп за војната во Украина и Газа, не убивајте млади луѓе“.
Голем број млади се приклучија во поддршка на протестот на пензионерите.