Свет
Британскиот премиер: Бев шокиран од веста дека кралот Чарлс има рак
Британскиот премиер, Риши Сунак, рече дека е шокиран од веста дека на кралот Чарлс му бил дијагностициран рак и се надева дека монархот брзо ќе закрепне бидејќи болеста е рано откриена.
Бакингемската палата во понеделникот објави дека 75-годишниот Чарлс, кој дојде на тронот по смртта на неговата мајка, кралицата Елизабета Втора, ќе ги одложи јавните ангажмани откако му беше дијагностициран облик на рак.
Неговиот помлад син, принцот Хари, кој е отуѓен од кралското семејство, наскоро би требало да пристигне во Британија. Неговиот постар брат, престолонаследникот Вилијам, се очекува да преземе некои должности како монарх.
Сунак изјави за радио Би-Би-Си дека е шокиран и тажен од веста. „Сите наши мисли се со него и неговото семејство. Знаете, за среќа, ова беше рано откриено“, рече тој.
Чарлс планира да продолжи да врши голем дел од неговата приватна работа како монарх, што ја вклучува неговата неделна аудиенција со премиерот. Сунак рече дека е во редовен контакт со кралот.
„Секако дека ќе продолжи нормално, продолжуваме со се“, рече тој.
Чарлс ја помина ноќта дома во понеделникот, откако започна третман за „еден облик на рак“, соопшти Бакингемската палата.
Освен потврдата дека не се работи за рак на простата, од палатата не откриваат други детали.
Дијагнозата на кралот доминираше во британскиот печат во вторникот. „Шок на нацијата кога почнува третманот“, беше насловот на таблоидот „Сан“. Тоа е последниот удар за Чарлс за една и пол година на тронот.
На почетокот на минатата година, Хари ја објави својата автобиографија „Резервата“, во која ги прозва татко му и постариот брат. Кралот се соочи и со обвинувања против неговиот брат принцот Ендру во врска со покојниот сексуален престапник Џефри Епштајн.
Се очекува Хари да се врати во Велика Британија од Калифорнија каде живее со сопругата Меган и двете деца, откако се повлече од кралските должности во 2020 година.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
10.000 полски војници ќе ја чуваат критичната инфраструктура на земјата
Полска ќе распореди 10.000 војници за заштита на критичната инфраструктура, вклучително и железниците, изјави министерот за одбрана Владислав Кошињак-Камиш, објави Ројтерс.
Соопштението доаѓа по експлозијата на железничката пруга за време на викендот, за која Варшава ја обвинува Москва.
Претстојните божиќни празници може да бидат сметани од непријателите на Полска како добро време за саботажи, ги предупреди новинарите началникот на полскиот Генералштаб, Вислав Кукула.
Претходно денес, министерот за надворешни работи го објави затворањето на рускиот конзулат во Гдањск и предупреди дека одговорот на саботажата на железничките линии нема да биде само дипломатски.
Свет
Берлин: На Украина итно ѝ е потребна поголема помош за одбрана
Германската влада соопшти дека на Украина итно ѝ е потребна поголема помош во одбраната. Берлин обезбедува дополнителна материјална помош за Киев за зимата.
Ситуацијата во Украина е многу напната поради континуираните напади на Русија и на Киев итно му е потребна помош од партнерите во одбраната, изјави портпарол на германската влада.
„Континуираните напади на Русија ја ставаат Украина под огромен притисок и ова е уште една причина поддржувачите на Украина да ѝ помогнат на земјата да се одбрани“, изјави владиниот портпарол на редовната владина прес-конференција во Берлин.
Во екот на тековните руски напади врз украинската инфраструктура, германската влада објави дека ќе испрати и дополнителна зимска помош за земјата во вредност од 40 милиони евра.
Германскиот министер за надворешни работи Јохан Вадефул изјави дека Германија „помага да се одржат домовите топли и осветлени и да се осигури дека Русија нема да успее да го скрши моралот на Украинците кои ја бранат својата татковина со гаѓање на инсталации за гас и електрична енергија“.
Средствата, според неговата изјава, ќе бидат искористени за хуманитарни мерки: поправка на системи за греење и оштетени домови, како и снабдување со генератори, ќебиња и хигиенски производи.
Во исто време, сепак, има намалувања на хуманитарната помош: во 2024 година, придонесот на Германија за хуманитарна помош беше над 400 милиони евра, но за оваа година е значително намален.
Свет
Зголемени тензии меѓу Пекинг и Токио – Кина го блокира јапонскиот извоз на морска храна
Кина денес го известила Токио дека повторно ќе го забрани увозот на јапонски морски плодови, јавуваат медиумите. Одлуката доаѓа во момент на растечка дипломатска тензија меѓу двете земји, пренесе Ројтерс.
Причина за заострувањето беше изјавата на новата јапонска премиерка Санае Такаичи, која рече дека кинески напад на Тајван би претставувал закана за Јапонија. Пекинг побара повлекување на изјавата и ги предупреди своите граѓани да не патуваат во Јапонија. Поради тоа, Кинезите масовно откажуваат резервации, што може да му наштети на јапонското стопанство.
Кина пред неколку месеци делумно ги ублажи ограничувањата за увоз на јапонска морска храна, воведени поради испуштањето пречистена вода од нуклеарката „Фукушима“ во океанот. Тогаш дозволи увоз од 37 префектури, а го забрани од 10 други.
Според извори на агенцијата Кјодо, повторната забрана е образложена со потреба од понатамошно следење на водата од нуклеарката. Кинеското министерство за трговија и царината не одговориле на барањата за коментар.
За јапонските извозници ова е тежок удар: Кина некогаш купувала над една петтина од вкупниот јапонски извоз на морски плодови. Околу 700 јапонски компании поднеле барање повторно да извезуваат во Кина, но досега се одобрени само три.

