Македонија
Од шест милион за грантови, Дрин Ахмети од Фондот за иновации добил пет – Јанушев повика на истрага

Пет милиони, од вкупно 6-те милиони денари државни пари за грантови од ФИТР завршиле кај две фирми на Дрин Ахмети, внук на Али Ахмети, познатиот талентиран бизнисмен кој ја презема Соравиа без вложен денар, изјави пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Игор Јанушев.
“Тор индустрис, фирма во целосна сопственост на Дрин Ахмети, добила околу 32.000 евра за проектот насловен како „3D modeling and scanning of infrastructure design“, а втората негова фирма Еверест ЏД добива 50.000 евра за проектот „Data management Efficiency System“. Вкупно 82.000 евра од ФИТР управуван од кадарот на ДУИ – Фестим Халили, за внукот на неговиот партиски шеф, Дрин Ахмети. Ако за двата проекти се доделени 5 милиони денари, а вкупно биле предвидени 6, нејасно е дали воопшто некоја друга компанија добила пари од ФИТР за проекти по овој јавен конкурс“, рече Јанушев.
Опозициската партија ја повика антикорупциската комисија да отвори предмет за Дрин Ахмети, а владата итно да го разреши директорот на Фондот за иновации и технолошки развој, Фестим Халили, како и сите членови на Управниот одбор и Комитетот за одобрување на инвестиции.
Воедно, го повикуваат Јавното Обвинителство да отвори постапка по однос на Дрин Ахмети и добивањето пари од ФИТР, особено ако се земе во предвид фактот што го констатира и ДКСК, а тоа е промената на роковите за проектот и неизвршениот надзор за сработеното, а предвидено во проектот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
На Богородица се чека околу 30 минути на македонска страна

Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по наместа влажни коловози, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е зголемен. На граничниот премин Богородица задржувањето од македонска страна е околу 30 минути. На останатите гранични премини нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Дел од Аеродром и Карпош денеска без струја

Од ЕВН Македонија АД известуваат дека поради технички зафати во електродистрибутивната мрежа денеска, без електрична енергија ќе останат:
· од 09:00 до 14:00 часот, корисниците во околината на објектот ЕКВИЛИБРИУМ на улица Руди Чајевац, општина Аеродром;
· од 09:00 до 16:00 часот, корисниците од дел од улица Ванчо Мицков, општина Карпош;
· од 10:30 до 14:00 часот, корисниците од дел од улица Кнез Трпимир и населбата Трнодол, општина Карпош.
Македонија
Сончево и топло, попладне пороен дожд, грмежи и засилен ветер

Времето денеска ќе биде сончево и топло со мала до умерена облачност. Попладне ќе има развој на нестабилна облачност со пороен дожд, грмежи и засилен ветер, локално во форма на невреме со услови за појава на град. Минималната температура ќе биде во интервал од 11 до 21, а максималната ќе достигне од 27 до 35 степени.
Во Скопје, сончево и топло со мала до умерена облачност. Попладне во делови од котлината ќе има услови за развој на нестабилна облачност со пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 18, а максималната ќе достигне до 35 степени.
Времето во наредните денови
Во деновите од викендот времето ќе биде стабилно и малку посвежо и ќе дува умерен, повремено засилен северен ветер. Од понеделник ќе продолжи период на стабилно, претежно сончево и топло време со пораст на температурите.