Свет
Кралот Чарлс првпат се огласи откога беше објавено дека има рак
Кралот Чарлс Трети, кој боледува од тешка болест, нема да извршува одредени службени должности, кои во негово име ќе ги преземаат високи членови на британското кралско семејство, а некои ангажмани ќе се вршат на начин што ќе биде приспособен на неговата здравствена состојба. И покрај тоа што направи пауза од јавните обврски, тој даде јавна изјава упатена до Гренада по повод 50-тата година од независноста на земјата.
Кралот Чарлс првпат го објави ова откога беше објавено дека има рак.
„Во текот на овие изминати пет децении со најдлабокa восхит гледав како ја изградивте вашата нација и го изградивте посебното место на Гренада во светот и како клучен член на нашето семејство на Комонвелтот.
Заедно ја изградивте Гренада како пример за демократија, човекови права и владеење на правото. Заедно се соочивте со најкритичните предизвици на климатските промени и губењето на биолошката разновидност нудејќи му на светот пример за лидерство, издржливост и иновација. Заедно им дадовте живот на зборовите од вашата национална химна: „Стремете се, градете, напредувајте!“
Мојата сопруга и јас имаме посебни спомени од нашата посета на вашиот прекрасен остров на зачините пред пет години и топлото и трогателно добредојде што ни го приредивте.
Секогаш кога сум сретнал жители од Гренада каде и да било во светот, бев изненаден од вашата издржливост, силата на вашата заедница и вашата колективна решеност да направите позитивна разлика.
Можете да бидете најмногу горди на гренадскиот дух. Без разлика дали преку извонредниот придонес на уметниците, музичарите и авторите од Гренада или триумфите на вашите спортисти, кои постигнаа неверојатен успех.
Можам само да кажам колку ми е жал што не можам да бидам со вас за да ја одбележам оваа важна пресвртница. Моите мисли се со сите во Гренада, Каријаку и Петит Мартиник и со сите оние во дијаспората – еден народ, едно семејство, додека го славите сето она што сте го постигнале и сето она што го носи вашата иднина. Моето семејство ми се придружува во испраќањето срдечни честитки до сите вас“, се вели во пораката.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Политико: Бугарија ја разгледува можноста да бара ослободување од санкциите на САД против „Лукоил“
Бугарија ја истражува можноста да побара ослободување од новите санкции на Соединетите Американски Држави против двете најголеми руски нафтени компании, Роснефт и Лукоил, објави Политико, пренесе бнр.бг.
Рафинеријата за нафта во Бургас, во сопственост на Лукоил, снабдува 80 отсто од горивото во земјата.
Според изданието, бугарската влада испратила барање до Вашингтон со цел да ја разбере можната реакција на американската администрација во случај на барање за ослободување од санкциите откако ќе стапат во сила на 21 ноември. Изданието се повикува на извори кои побарале анонимност.
Бугарските власти се загрижени за опасноста санкциите да доведат до затворање на рафинеријата во Бургас, што пак би можело да предизвика недостиг на гориво и последователни протести во земјата, коментира изданието.
Министерството за енергетика одби да даде коментар за Политико. Претседателската институција, исто така, не одговори.
Свет
Слаб одѕив на светските лидери за климатскиот самит во Бразил, САД без претставник
На климатскиот самит што следната недела ќе се одржи во бразилскиот град Белем, досега учество потврдиле 57 шефови на држави и влади, што е значително помал број во споредба со минатогодишниот COP29 во Азербејџан, на кој присуствуваа 75 лидери, јави Хина.
САД нема да испратат претставници поради повлекувањето од Парискиот договор, додека Кина ќе ја претставува потпретседателот Динг Сјуејсианг. Присуство потврдиле францускиот претседател Емануел Макрон, германскиот канцелар Фридрих Мерц, британскиот премиер Кир Стармер, како и лидерите на Колумбија и Либерија.
Самитот, кој ќе се одржи на 6 и 7 ноември, е подготвителен настан пред конференцијата COP30 (10–21 ноември). Бразилскиот претседател Лула да Силва инсистираше конференцијата да се одржи во Амазонија, симболично нагласувајќи ја нејзината улога во борбата против климатските промени.
Организаторите наведуваат дека ограничениот хотелски капацитет и високите трошоци во Белем создаваат логистички предизвик за очекуваните 50.000 учесници.
Регион
Грција затвора 204 пошти
Грција затвора 204 филијали на државната пошта ЕЛТА, што претставува околу 45 проценти од вкупната мрежа. Компанијата го оправдува потегот со низок обем на работа и финансиски загуби, додека локалните жители и опозицијата жестоко реагираат.
Пензионерите од руралните средини, кои преку пошта ги примаат пензиите и лековите, предупредуваат дека ќе останат без основни услуги.
Во повеќе градови се одржуваат протести пред поштенските канцеларии, а клиентите ќе бидат пренасочени кон приватни курирски компании.
Поради растечкото незадоволство, во вторник е закажана вонредна седница на парламентот, на иницијатива на опозицијата.

