Македонија
АСОМ до Пендаровски: Не дозволувајте вашиот потпис да загрози 10.000 животи
По вчерашното изгласување на предлог измените на Законот за игри на среќа, од Асоцијацијата на спортски обложувалници на Македонија (АСОМ), уште еднаш, преку писмено соопштение, го искажуваат револтот за ова, како што велат, бескрајно самоволие на власта и насилно протнување на законот со европско знаменце.
„Во оваа прилика, сакаме и уште еднаш јавно да се обратиме до претседателот Стево Пендаровски, кој и самиот побара на законските измени за игрите на среќа да не се брза со процедурата со европско знаменце без претходно да се поведе сеопфатна и стручна дебата со цел да се дојде до балансирано решение во интерес и на вработените и на граѓаните.
Претседателе, дали сега, кога Вие сте последниот чекор до спроведување на овој контроверзен закон, ќе ги потпишете овие измени? Дали кога сте ставени пред свршен чин, ќе дозволите ваквиот закон, за кој е повеќе од очигледно дека не постои јасна европска директива, да помине без никаква јавна расправа ниту дискусија“, прашуваат од АСОМ.
„Целата јавност слушна дека и самиот рековте дека треба да се соочат сите аргументи низ стручна дебата и да се дојде до вистинско и балансирано решение, меѓутоа ние, членките од АСОМ и од АПИС кои претставуваме 95% од пазарот за игри на среќа, немавме ниту една прилика аргументирано да го дадеме нашиот коментар.
Претседателе, Вие и самиот сте европски ориентиран политичар, па оттука прашуваме: дали треба да се потпише закон кој нема никаква врска со европското законодавство и за кој класично се злоупотреби европското знаменце, само за да се протурка по брза постапка за нечии крајно сомнителни и контроверзни бизнис интереси? Овој закон не беше ставен ниту на ЕНЕР, ниту имаше јавна расправа, што сериозно го поткопува интегритетот на ЕУ и нејзините вредности.
Всушност, потпишувањето на измените на Законот ќе ја затвори целата индустрија за игри на среќа, принудувајќи 10.000 луѓе да останат без работа. Вкупно, директно и индиректно ќе бидат погодени 54.000 луѓе, а многу сродни бизниси и компании сериозно ќе настрадаат.
Дали сакате да ги носите на совест овие илјадници семејства? По овие измени, утре, некоја мајка веќе нема да може да си дозволи роденден за своето дете; некое семејство веќе нема да биде во можност да го отплаќа својот кредит, а го зеле затоа што биле финансиски стабилни. Потпишувањето на овој закон ќе придонесе и стотици млади луѓе да го бараат своето чаре во странство.
Претседателе, имајте слух, луѓето се исплашени. Сите тие чесно го заработуваат својот леб во целосно легална индустрија, кај стабилни компании. Истите тие луѓе ниту еднаш не се посомневале дека ќе го изгубат своето работно место, и тоа не поради своја лична одговорност, туку поради некакви измени на закон.
Претседателе, повеќе десетици пати, на сите временски прилики и неприлики, излегуваме со нашите вработени пред Собранието за да го искажеме нашиот револт. Сега е на вас да бидете пред сè човек! Не дозволувајте судбината на 10.000 лица да биде во ваши раце. Оваа бројка од 10.000 луѓе не е само статистика; тие се мајки и татковци, браќа и сестри, чесни вработени, сите со свој придонес во нашето општество. Нивните основни средства за живот, нивните аспирации и планови за иднината, но на крајот и нивното достоинство, се сега доведени во прашање.
Зад секое работно место всушност стои цело семејство, кое сега се бори со несигурност. Па затоа, Претседателе, како чувар на нашата колективна благосостојба, денес уште еднаш апелираме на Вашата емпатија, повикувајќи Ве да бидете чувар на надежта, но и на отпорот против неправдата. Вашата одлука носи тежина на илјадници лични приказни и затоа не дозволувајте Вашиот потпис да ги загрози животите на оние кои веруваат во вашиот збор“, се наведува во соопштението на АСОМ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Ѓорѓиевски отпушти 500 вработени
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, објави дека се отпуштени 500 вработени од претпријатијата на Скопје затоа што се месеци, дури и години, не оделе на работа.
„500 лица до денес, се отстранети од работа од претпријатијата во градот Скопје. Тоа се лица кои се платени од парите на скопјани, но не оделе на работа со месеци, дури и години“, објави Ѓорѓиевски.
Тој најави дека секој кој чесно си ја работи работата, ќе биде награден, а оној што не работи ќе биде казнет.
„Тука, нема да има толеранција, а ќе има и одговорност! Секој оној што чесно си ја работи својата работа ќе биде награден, а оној што не работи – ќе биде санкциониран. Ред во Скопје, мора да има! Она што е платено со парите на граѓаните јас мора да го заштитам“, напиша Ѓорѓиевски на „Фејсбук“.
Македонија
Детали за кражбата на кабли во која е вмешан и полицаец: Направиле штета од 600.000 евра, а поради пожар граѓаните останале без струја
Основното јавно обвинителство Скопје објави детали за кражбата на кабли во кругот на фабриката „Железара“ во која е вмешан и полицаец. Крадците украле кабли вредни околу 440.000 евра, а направиле штета на трафостаница од околу 160.000 евра.
Во текот на досегашната постапка се обезбедија докази кои даваат основано сомнение дека сега осомничениот, инаку вработен во МВР како полициски службеник, бил соизвршител на трите лица против кои беше покренато обвинение пред 10-тина дена.
Сите тие се товарат дека заедно од објектот на „Полуконти –ИГМ“ и подземните тунели низ кои поминуваат кабли за напојување со електрична енергија одзеле повеќе километри високоенергетски и среднонапонски кабли во сопственост на оштетените правни лице АД ЕСМ – Електрани на РСМ – Подружница енергетика Скопје и МакСтил АД Скопје во вкупна вредност од околу 440 илјади евра.
Откако со апарат се уверувале дека каблите не се под напон, со батериска брусалка ги сечеле и ги складирале каблите до влезот од тунелите. Поради нивните дејствија, на 9 април настанал и пожар во трафостаницата ТС Југ со кој била предизвикана и дополнителна штета на јавните инсталации за чие санирање биле потребни повеќе од 100 илјади евра, а не се реализирало и планираното производство и дистрибуција на електрична енергија кон крајните корисници на електрична енергија за период на санација на дефектите во вредност околу 60 илјади евра.
Претходно од МВР соопштија дека на полицаецот му е определен 30-дневен притвор. Тројцата негови соизвршители против кои претходно беше покренато обвинение исто така се обезбедени со мерка притвор по предлог на обвинителството, поради опасноста од бегство, можноста за влијание врз сведоци и ризикот да го повторат делото.
Македонија
Сиљановска-Давкова прими делегација на Меѓупарламентарната група за пријателство од шведскиот парламент – Риксдаг
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова прими делегација на Меѓупарламентарната група за пријателство од шведскиот парламент – Риксдаг, предводена од Лота Џонсон Форнавре, во придружба на амбасадорот на Кралството Шведска, Oла Солстром.
Сиљановска-Давкова изрази задоволство од извонредната соработка со шведските пратеници, заснована на взаемна доверба и почит, нагласувајќи дека таквото партнерство претставува основа за натамошно зајакнување на вкупните билатерални односи меѓу двете држави.
Таа потсети дека Шведска е четвртиот најголем билатерален донатор на земјава и дека нејзината поддршка не се огледува само во развојната помош, туку и во улогата на фасилитатор на европските реформи.
Како поранешна членка на Надзорната група за соработка со шведскиот Риксдаг, Сиљановска-Давкова нагласи дека шведската парламентарна демократија отсекогаш била пример од кој можеме да учиме. Според неа, искуството стекнато преку таквата соработка претставува поттик за нови, отворени и конструктивни дијалози што ќе ја зајакнат политичката култура и институционалната зрелост во земјава.
Шведските пратеници изразија отвореност и решеност за продолжување на парламентарната соработката, размена на демократските искуства и помош и поддршка на македонскиот евроинтегративен процес.
Претседателката порача дека напредувањето кон ЕУ мора да се темели на мерит систем, а не на политички условувања и еднострани барања.

