Свет
„Путин го искористи Такер Карлсон“ – бурни реакции на првото интервју на рускиот лидер за западен медиум од почетокот на војната
Интервјуто на рускиот претседател Владимир Путин, што во Москва му го даде на американскиот новинар Такер Карлсон, предизвика многубројни реакции во светот. Првото интервју на рускиот претседател со западните медиуми од почетокот на војната во Украина во февруари 2022 година, кое беше објавено на полноќ на социјалната мрежа „Икс“ (поранешен „Твитер“), беше прегледано од повеќе од 30 милиони луѓе за само два часа по неговото објавување.
Владимир Путин во интервјуто зборува за старите и веќе споемнати причини за нападот на Украина, но и за трета светска војна.
Ова се клучните изјави на Путин:
– Причината за инвазијата е актуелната украинска влада;
– Го предупредив Бајден пред инвазијата дека прави голема грешка;
– ЦИА го саботира „Северен тек“;
– Напад на Полска или на Балтикот би го довел светот на работ на конфликт;
– Русија беше подготвена за договор, Украина се откажа поради убедувањето на Борис Џонсон.
„Политико“ го издвојува овој наслов: „Путин му кажа на Такер Карлсон дека војната во Украина може да заврши за неколку недели“.
Тие го истакнуваат прашањето на Карлсон за можноста за мир во Украина, на што Владимир Путин одговори:
„Ако навистина сакате да ја запрете војната, мора да престанете да ја снабдувате Украина со оружје“, рече Путин мислејќи на помошта од Западот за Киев и заклучи:
„Ќе биде готово за неколку недели. Тоа е тоа“.
„Во интервјуто за Такер Карлсон, Путин вели дека Русија не може да биде поразена во Украина“, е насловот на „Ал џезира“.
„Њујорк тајмс“ го издвои насловот: „Путин ги повикува САД да преговараат за Украина во интервју со Такер Карлсон“, а „Ролинг стоун“ смета дека Путин го избришал подот со Такер.
„Путин го искористи Такер Карлсон за да го избрише подот на Кремљ“, гласи насловот на познатиот магазин.
За „Индипендент“ и Би-би-си, важна вест е можноста за ослободување на затворениот американски новинар.
„Путин му рекол на Карлсон дека може да се постигне договор за ослободување на затворениот американски репортер Еван Гершковиќ“, пишува Би-би-си, а „Индипендент“ интервјуто го следеше во живо и во наслов „комбинира“ Украина, историја и затворениот новинар.
„Ројтерс“ го сумира интервјуто со зборовите „Путин нема да го нападне НАТО“.
„Путин му рекол на Такер Карлсон дека Русија нема интерес да ги нападне Полска или Латвија“, пишува „Ројтерс“.
Уште пред да биде објавено интервјуто, Карлсон доби низа критики затоа што отпатува во Москва за да го интервјуира рускиот лидер. Поранешната државна секретарка Хилари Клинтон го нарече ТВ-водителот „корисен идиот“.
Претходно, најавувајќи го интервјуто, Карлсон нагласи дека целта е да се слушне и другата страна, а не само западната пропаганда.
Такер Карлсон е десничарски телевизиски водител, кој имаше премиерно шоу на „Фокс њуз“ од 2016 година до неговото отпуштање во 2023 година.
Заминувањето на Карлсон дојде набргу откако „Фокс њуз“ се согласи да ѝ плати повеќе од 787 милиони долари на Dominion Voting Systems, која ја тужеше телевизиската станица за клевета и ширење лажни вести за украдени избори во 2020 година.
Граѓаните на Украина, кои беа интервјуирани од „Киев пост“, луто реагираа на интервјуто уште пред да биде објавено.
„Дали Такер Карлсон разбира дека пораката на ѓаволот го легитимира пеколот на земјата. И дали разбира дека тој самиот ќе гори во пеколот? Или мисли дека му оди добро?“, беше еден од коментарите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Иран размислува за нов главен град поради колапс на водата и пренатрупаноста
Иранскиот претседател Масуд Пезешкијан изјави дека преселувањето на главниот град од Техеран е неизбежно поради пренатрупаноста и недостигот од водни ресурси. На состанок во Казвин тој предупреди дека Техеран повеќе не може да издржи нова градба или пораст на населението, а преносот на вода од Персискиот залив би бил премногу скап.
Владата го идентификувала регионот Макран, во југоисточен Иран, како можната нова локација за главен град, но без прецизен рок.
Водната криза се влошува: нивото на водата е намалено за 43 проценти во однос на лани, а браната Амир Кабир има само 8 отсто од својот капацитет. Во Техеран веќе започнало намалување на притисокот на водата, а властите предупредуваат дека славините може целосно да пресушат.
Владата ги обвинува климатските промени и санкциите, но иранските водни експерти истакнуваат дека проблемот е резултат на децении погрешни политики, прекумерна изградба на брани без еколошки проценки, исцрпување на водоносниците и пропаѓање на инфраструктурата, кое довело до губење на 25 проценти од градската вода.
Свет
Киев и САД на консултации за можен мировен договор, Европјаните не се споменуваат во изменетата објава
Киев ќе одржи консултации со САД во Швајцарија за можните параметри на идниот мировен договор за завршување на руската агресија врз Украина, соопшти украински висок безбедносен функционер.
Секретарот на Советот за национална безбедност и одбрана, Рустем Умеров, на „Телеграм“ напиша дека започнуваат консултации меѓу високите претставници на Украина и САД, истакнувајќи ја „подготвеноста на американската страна за суштински разговори“.
Умеров ја измени објавата и го избриша делот во кој претходно стоеше дека разговорите ќе се одржат „со учество на европски партнери“.
Според соопштението од кабинетот на претседателот, Володимир Зеленски го одобрил составот на украинската делегација што ќе ги води разговорите, како и упатствата за преговорите. Во изјавата се наведува дека „Украина никогаш нема да биде пречка за мир“ и дека претставниците на државата ќе ги бранат „легитимните интереси на украинскиот народ и темелите на европската безбедност“.
Регион
„Фашизмот во Европа се буди“ – Вучиќ ужаснат по настапот на Томпсон и поздравот „За дом спремни“
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, денеска го отвори Меѓународниот саем на вино, храна, ракија и туризам „Винска визија Отворен Балкан“, каде што посети неколку штандови, дегустираше вина и одговараше на новинарски прашања.
На прашање дали ги поканил претставниците на Хрватска да учествуваат на саемот, Вучиќ изјави дека формално не припаѓаат на иницијативата Отворен Балкан, но дека би сакал да ги види како учесници.
„Не припаѓаат на Отворениот Балкан, но немам ништо против, би се израдувал и верувам дека ќе ги поканам,“ рече претседателот.
Коментирајќи го инцидентот во Осиек, каде што за време на концерт на Томпсон се слушнал поздравот „За дом спремни“, Вучиќ изрази загриженост.
„Ужаснат сум од буењето на фашизмот во современа Европа, но што да правите? Се надевам дека Европската унија ќе ги осуди антисрпските и антисемитските фашистички повици во срцето на Европа. Што се однесува до Србите, кај нас фашизмот никогаш немал поддршка и никогаш нема да има, тоа со гордост можам да го кажам,“ истакна Вучиќ, пренесе „Телеграф“.
Вучиќ повтори дека хрватските винари се добредојдени на „Винска визија“ и изрази надеж дека регионалната соработка во рамки на Отворен Балкан ќе придонесе за поголемо поврзување и промоција на гастрономијата и винската култура во регионот.

