Култура
За Костадиновска-Стојчевска, oбвинувањата за мобинг се упатени на погрешна адреса, Синдикатот на Филхармонијата остро реагира

На погрешна адреса упатуваат обвинување за мобинг и неправилно работење на Филхармонија. Има инстанци каде ова треба да се пријави, но не е решение собирање на потписи, кое што притоа е дискутабилно. Ова го истакна министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска, откако Синдикатот на Македонската Филхармонија поднесе петиција до Министерството за култура, со барање за итно разршување на директорот Даниел Лазаровски, тврдејќи дека вршел мобинг врз вработените.
Костадиновска-Стојчевска рече дека пред избори се гледа шанса за да покажат моќ пред својот надреден, како што беше и случајот со НУ Џез оркестарот.
Министерката додаде дека синдикатот на култура во Филхармонија ако има какви било сознанија за неправилности, има каде тоа да го пријави, а не со собирање на потписи, но и фалсификување на одредени потписи.
По нејзината изјава следеше реакција од Синдикатот. Од тука велат дека Костадиновска-Стојчевска преку својот коментар во медиумите се обидела да ја оспори петицијата потпишана од 100 вработени во институција за смена на в.д.директорот.
„Ова не е првпат министерката за култура да застане против вработените во Филхармонија, истото го стори и минатата година со Џез оркестарот, кога сакаше да го смести во објектот изграден наменски за потребите на нашата институција. И сега, повторно сака да ја изманипулира јавноста дека станува збор за сценарио, дека потписите биле фалсификувани и дека петицијата за смена на в.д. директорот е нелегитимна форма на официјална колективна молба“, се вели во реакцијата.
Од Синдикатот понатаму додаваат дека петицијата за смена на директорот ја доставиле на вистинската адреса, бидејќи директорите на Филхармонија ги именува и назначува токму министерството, кое го назначи и Даниел Лазаровски.
„Наместо да работите против најстарата институција во државата, сега е вистинско време да покажете на дело дека имате доблест да си ги признаете грешките, бидејќи токму вие, во септември, минатата година го назначивте сегашниот в.д. директор на нашата институција“, велат од Синдикатот до министерката.
Претходно реагираше и Лазаровски кој целосно ги отфрли обвинувањата на Синдикатот, меѓудругото коментирајќи дека извршувањето на работните обврски не е мобинг.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
Љутков: Потенцијалот на културата и креативната економија како движечка сила за одржлив економски развој

Министерот за култура и туризам Зоран Љутков денеска во Котор, Црна Гора, присуствуваше и се обрати на првиот состанок на министрите за култура од Западен Балкан, во организација на Британскиот совет, а во партнерство со Министерството за култура на Црна Гора. Состанокот се одржа како дел од Берлинскиот процес 2025, чиј домаќин оваа година е Обединетото Кралство. Оваа денешна средба во Котор, Република Црна Гора, претставува прво вклучување на министрите за култура од Западен Балкан во рамките на Берлинскиот процес.
„Во време кога економскиот раст се мери не само преку индустриска продукција, туку и преку културна длабочина и креативен капацитет, потребно е да ја препознаеме стратешката вредност на спојот меѓу културата и туризмот. Ваквите и слични собири мораме да ги користиме за сеопфатно да ја осмислиме нивната синергија како двигател на креативната економија – економија што расте од идеи, се храни со иновации и се темели на човечките вредности“, истакна Љутков на состанокот.
Култура
„Народен пратеник“ ја претставува Македонија на регионалната театарска елита на јубилејното 70. „Стериино позорје“

Македонскиот народен театар со претставата „Народен пратеник“ од Бранислав Нушиќ, во адаптација и режија на Егон Савин, на 1 и 2 јуни ќе учествува на 70. „Стериино позорје“, Нови Сад.
„Почнувајќи од првата комедија на Бранислав Нушиќ, политички субверзивно дело од млад сатиричар, бунтовно насочено кон системот изграден врз лаги, корупција и манипулации, авторите на претставата суптилно покажуваат дека состојбата на тој наш систем воопшто не се подобрила, односно дека ваквите механизми на владеење се сè уште основа на општествените текови, главно, во неуспешните балкански држави. Режисерот Егон Савин гради компактна, возбудлива и прецизна претстава, не одлучувајќи да оди по патот на подрастична модернизација на текстот, туку ненаметливо посочувајќи ја безвременската траги(коми)чна вистина на откритијата на Нушиќ за длабоката политичка гнилост. Сепак, во претставата постојат разлики во значењето во споредба со оригиналниот текст и тие се отсликуваат на драматуршкиот план. Сценската игра, која трае само еден час и петнаесет минути, е згусната и динамична; големиот број ликови се изведени од сценскиот текст, од сопругата на Јеврем, Павка, преку Сима, Ивковиќ, неговата тетка, Секулиќ и други, а со тоа се исклучени и излишните линии на нарацијата.
Расплетот е, исто така, значително променет, не е толку ведар како кај Нушиќ, туку е позаострен, помрачен и со тоа е поблиску до духот на нашето време. На режисерски план, најважна е работата со актерите, секој лик е прецизно оформен, што се издвојува како најголема вредност на претставата, покрај сликовито длабоките заплети на Нушиќ, од кои произлегуваат убиствени вистини за чудниот систем на вредности и неуништливата валканост и превртливост на политичарите… “, пишува Ана Тасиќ, селектор.
Овогодишното 70. „Стериино позорје“ се одржува од 26 мај до 3 јуни 2025 година, под мотото „Создавање историја/менување на иднината“. Освен МНТ, во натпреварувачката програма учествуваат и: Загребачко казалиште младих, Црногорско народно позориште, Атеље 212, Југословенско драмско позориште, Српско народно позориште, Нови Сад и други.
Последното учество на МНТ беше пред 22 години.
Култура
Операта „Аида“ од Џузепе Верди традиционално ќе ги затвори Мајските оперски вечери

На 31 мај со почеток во 20.00 часот, величествената „Аида“ од Џузепе Верди, традиционално ќе го затвори 53.издание на фестивалот „Мајски оперски вечери“. Спојот на традицијата со визуелната иновација, преточена преку футуристичката виртуелна сценографија ќе ја одведат публиката на патување низ древниот Египет раскажувајќи приказна за љубовта.
„Аида“, магичното ремек-дело на Џузепе Верди ќе се изведе под диригентската палка на гостинката од Италија, Џана Фрата. Во продукција на театарот Карло Феличе од Џенова, Италија, претставата на сцената на Националната опера и балет ја пренесе и адаптира Дејан Прошев. Кореографијата е на Луиза Балдинети (Италија), концерт-мајстор е Верица Ламбевска, а хор-мајстор: Ѓурѓица Дашиќ.
Во насловната улога (Aида) ќе настапи, Дарија Мазиеро (Италија), во улогата на Радамес ќе настапи, Џејмс Ли (Јужна Кореја), во улогата на Амнерис, Ненси Фабиола Херера (Шпанија), улогата на Рамфис ќе ја толкува Игор Дурловски, Фараон е Владимир Саздовски, Амонасро, Mарјан Јованоски, Главна свештеничка: Александра Лазаревска Василевски, Гласник: Никола Стојчевски, балетски солист: Илијана Данилов, заедно со хорот, оркестарот и машкиот балетски ансамбл на Национална опера и балет.
Поставена во древниот Египет, операта спојува интимна човечка драма со величествени хорови, балетски сцени и моќна оркестрација.