Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: По промените ќе воведеме ниски даноци и 1 милијарда евра за развој на општините
Идната влада на ВМРО-ДПМНЕ ќе реализира мерки и проекти со кои Македонија економски ќе се развива и расте, се вели во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ.
Оттаму велат дека Владата на ВМРО-ДПМНЕ ќе направи од Македонија економски силна и моќна држава во која граѓаните ќе имаат повисок животен стандард, а домашните компании ќе бидат стимулирани да ги реинвестираат своите добивки и да отвораат ново работни места.
– За таа цел ќе се продолжи политиката на рамен данок, ќе се реалоцираат за еден четиригодишен мандат 1 милијарда евра пари од буџетот кон општините, како и ќе им се понуди на мултинационални компании од светот своите профитни центри да ги префрлаат тука во државата. ВМРО-ДПМНЕ кај народот е препозната како партија која води добра економска политика и која се грижи за секој граѓанин да создаде поквалитетен живот и иднина, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Преку реалокација на 1 милијарда евра или 250 милиони евра годишно, општините покрај предвидените средства од општинските буџети ќе можат со овие средства да реализираат дополнителни капитални инвестиции како што се изградба на нови градинки, изградба и реконструкција на училишта, патишта, реконструкција на улици, паркови, спортски сали, нови канализациони и водоводни мрежи, додаваат од опозициската партија и велат дека важно е да имаме ниски даноци. И за таа цел владата на ВМРО-ДПМНЕ ќе ја продолжи политиката на рамниот данок со што ќе им се помогне на домашните компании, се со цел да отвораат нови работни места и да ја реинвестираат својата добивка.
Дополнително, една од економските мерки која идната влада на ВМРО-ДПМНЕ ќе ја реализира е токму понудата до мултинационални компании до светот за да ги пренесат своите профитни центри овде, се со цел својата консолидирана добивка да ја донесат во државата, односно за ниски даноци до 5% ќе можат да ја консолидираат нивната сопствена добивка во Македонија, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Колку криминални шеми имаат издејствувано Заев, Филипче и Николовски, Обвинителството да отвори постапка
„Заев му помогнал со отпишување на жито за 800.000 евра, Љупчо Николовски возвратил со грант за „Мамас“ од 1,4 милиони евра. По камуфлирањето на кусокот на 2.000 тони жито вреден 800.000 евра на владина седница од страна на Заев и Филипче, Љупчо Николовски веќе следната година му возвраќа за услугата на кланот Заеви со грант од 1,4 милиони евра“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Во 2022 година Компанијата „Тргопродукт“, која е во сопственост на кланот Заеви, добила грант вреден 1,4 милиони евра. Тоа е истата фирма на кланот Зaеви препознатлива под брендот „Мамас“.
Вредноста на грантот е близу 87 милиони денари или 1,4 милиони евра, и овој грант во тој момент бил втор најголем грант во историјата откако се работи со ИПАРД програмата.
Колку вакви криминални шеми имаат издејствувано Заев, Филипче и Николовски за своето владеење и колку народни пари се злоупотребени?
Дали Љупчо Николовски како тогашен министер интервенирал и им ја возвратил услугата на кланот Заеви за да добијат неповратен грант од ИПАРД програмата вреден 1,4 милиони евра?
Дали ова е меѓусебен дил на Заев и Николовски и колку вакви злоупотреби со тендери и грантови во нивната коруптивна шема постојат?
ЈО да отвори постапка и да ги истражи случаите.
Николовски како и Филипче се дел од корумпирана структура и дел од криминалните шеми на Заев и се додека СДС не се ослободи од овие компромитирани кадри не може да биде конструктивна опозиција која ќе биде додадена вредност во демократските процеси во државата“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
Муцунски ќе учествува на состанокот на министрите за надворешни работи на земјите членки на НАТО во Брисел
На покана на Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска ќе учествува на состанокот на министрите за надворешни работи на земјите членки на НАТО.
Министерскиот состанок претставува уште една можност министрите да разменат ставови во однос на донесените одлуки од Самитот на НАТО во Хаг, кои се важни за иднината на Алијансата, како и да разменат мислења за напредокот во зајакнувањето на индивидуалните способности и капацитети за овозможување ефективна колективна одбрана и безбедност.
Во фокусот на дискусиите се очекува да бидат разменети информации за заедничките напори за продолжување на континуираната поддршка за Украина, како и размена на ставови за одговор на актуелните безбедносни предизвици и закани, вклучително и дестабилизирачките активности на малигните актери и стратешките конкуренти, кои имаат за цел да ја нарушат воспоставената безбедносна архитектура и меѓународниот правен поредок, извести Министерството за надворешни работи и надворешна трговија.
На маргините на министерскиот состанок, предвидено е министерот Муцунски да оствари и повеќе билатерални средби, меѓу кои и со шефот на американската делегација, заменик-државниот секретар на САД, Кристофер Ландау, како и да учествува на тематски состанок посветен на Коридорот 8.
Македонија
Делови од Гази Баба и Карпош денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
– во периодот од 08.30 до 11.30 часот, дел од улица Коце Металец и Филип Филиповиќ (од улица Рударска до Трафиките за храна пред паркингот), без струја ќе останат и зградите на два Баќа градители и зградата на Ул.Коце Металец Бр2 (општина Гази Баба)
– во период од 09.00 до 15.00 часот, дел од корисниците на ул.Струшка (општина Карпош).

