Култура
„Дали Костадиновска-Стојчевска ги крие членовите на комисиите оти едниот е наставник по англиски јазик, а другиот студент“, прашува ВМРО-ДПМНЕ
„Четврт ден по ред Бисера Костадиновска Стојчевска молчи и не ги кажува имињата на членовите на комисиите кои се потпишале на скандалозната годишна програма на министерството за култура. 50-тина лица кои никој не ги знае бидејќи се тајни ќе наплатат хонорар од 4.5 милиони денари“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Дали Костадиновска Стојчевска свесно ги крие бидејќи ќе се дознае дека членот на комисијата за музејска дејност е наставник по англиски јазик, или пак дека членот на комисијата за визуелни уметности е сеуште студенти?
Доколку се испостави дека ова е точно, тогаш јасно е дека членовите на комисиите се всушност ставени по политичка препорака, а не поради нивна професионалност, стручност и компетенција, за да може Костадиновска Стојчевска лично да си носи свои одлуки при избор на проекти за годишна програма.
Со ова се фрла дамка на целиот процес на избор на проектите за годишната програма на министерството за култура.
Дополнително што треба да се одговори е како може чистењето на шкртаниците од Шарена револуција токму од овие членови е оценет како проект во културата и награден со 900.000 денари, додека манифестацијата Рацинови средби која што е втора најголема книжевно поетска манифестација која што има традиција 60 години од 600.000 денари од 2017та година па наваму е падната на бедни 86.000 денари поддршка од министерството.
Како може меѓународен форум да добие помалку средства за разлика од физичко лице кое доаѓа од истиот град како и министерката Костадиновска Стојчевска за проектот „Азбучен споменар“ за кој министерството дало повеќе од 1.100.000 денари. Или пак, случајот со одобрените 30.000 евра за финансирање на активности на драмски фестивал во друга земја, во Косово, а во исто време домашните театри поддржани со десет пати помали средства.
Се даваат пари и се наградуваат анонимуси, за разлика од реномирани манифестации кои имаат децениска традиција а на кои им се кратат средства.
СДС 7 години во министерството за култура создаде целосен пустош. Во културата никогаш не било полошо. Важно е да ги поразиме“, се наведува во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Објавен конкурсот за наградата „Горан Стефановски“ за најдобар драмски текст од млад македонски автор
На веб-страницата на НУ Драмски театар Скопје објавен е годинашниот Конкурс за наградата „Горан Стефановски“ за најуспешен драмски текст од млад македонски автор на возраст до 30 години. Конкурсот ќе биде отворен до 28 февруари 2026 година.
Во духот на традиционалната поддршка кон младите драмски уметници и поттикнување на пишување нови драмски текстови, НУ Драмски театар ја доделува наградата во чест на големиот драмски автор, Горан Стефановски. Преку овој Kонкурс, театарот сака да даде поддршка на драмското творештво на младите автори и да ја афирмира современата македонска драма.
Право на учество имаат автори, државјани на Северна Македонија, кои до денот на завршување на рокот за пријавување не навршиле 30 години. Поднесениот текст мора да биде оригинално, неизведено дело, а не адаптација или драматизација на веќе постоечки книжевни или драмски форми.
Конкурсот е отворен до 28 февруари 2026 година, а пријавата треба да биде подготвена согласно со насоките што ќе бидат објавени на веб-страницата на НУ Драмски театар Скопје.
Пристигнатите текстови ќе ги разгледува стручна Комисија составена од пет члена, а добитникот ќе биде објавен на прес-конференција што ќе се одржи во пресрет на денот на раѓањето на Горан Стефановски – 27 април.
Наградата се состои од: паричен дел на наградата во износ од 60.000 денари (еднократно); Потпишување на Авторски договор со НУ Драмски театар – Скопје и Продукција и изведба на наградениот текст на една од сцените на театарот – малата сцена или сцената „Ристо Стефановски“ – во рок од две години од затворањето на Kонкурсот.
Авторот се обврзува дека до премиерата во НУ Драмски театар – Скопје, текстот нема да биде отстапен на други лица или институции.
„Со оваа награда, НУ Драмски театар – Скопје ја продолжува својата посветеност кон развојот на македонското драмско писмо, негувајќи го духот на Горан Стефановски, чии дела се длабоко вкоренети во историјата на театарот. Од „Јане Задрогаз“ (1974) до „Огнени јазици“ (2013), на сцената на Драмски се поставени 15 негови претстави, од кои 8 се праизведби“, велат од Драмски.
Идејното решение за Конкурсот е направено од Дарија Пројковска и Бранко Прља од порталот arno.mk со помош на вештачка интелигенција со идеја да се мотивираат што повеќе луѓе да ги користат AI-моделите во други креативни проекти.
Култура
Традиционален концерт на Филхармонија по повод Денот на вљубените и виното
Македонска филхармонија в четврток со почеток во 20 часот ќе го одржи традиционалниот концерт по повод Денот на вљубените и виното, насловен „Бакнеж во Париз“ на кој ќе биде изведена француска музика. Како солисти ќе настапат Фелисиен Брут, хармоника и Ексел Сан Сирел, мецосопран од Франција, а диригент е Тимоти Редмонд.
„Кога зборуваме за љубовта и романтичната страна на животот, често пред очи ни излегува Париз. Не случајно – градот на светлината е и град на љубовта. Тој е вечна инспирација за уметниците, место каде што се раѓаат безброј книжевни, филмски и музички љубовни приказни. Неговата препознатлива архитектонска убавина и дух создаваат мелодии исполнети со меланхолија, страст, нежност и романтична копнежливост. Тие уметнички дела се огледало на среќни љубови, но и на оние напуштени, тивки и болни. Зашто љубовта е таква – возвишена и силна, понекогаш нежна, понекогаш болна, но секогаш длабока и искрена. Денот на вљубените не е само уште еден датум во календарот.
Тој е потсетник дека љубовта, во сите нејзини облици, му дава смисла на животот и на светот. Ова е и денот на виното – пијалокот на боговите и еликсир на животот. Виното и љубовта одат рака под рака, поврзани преку бојата, мирисот, топлината и чувството што го будат. Уживајте во звуците на љубовта, фантазијата и копнежот, во музиката на бакнежите и прегратките, придружени со вино со боја на срце. Дозволете си барем за миг да се префрлите во најубавите љубовни филмски сцени и да понесете со себе незаборавни впечатоци.“, велат од Филхармонија.
Култура
Безвременската оперска класика: „Травијата“ на сцената на Националната опера и балет на 20 февруари
Безвременската опера „Травијата“ од Џузепе Верди, ремек-дело кое плени со својата страст, драматургија и незаборавна музика, ќе биде изведена на сцената на Националната опера и балет на 20 февруари 2026 година, со почеток во 19.30 часот. Инспирирана од романот „Дамата со камелии“, оваа опера раскажува човечка приказна за љубовта, жртвата и судирот со општествените норми.

Диригент е гостинот од Италија, Лоренцо Бицари, режијата е на реномираната германска режисерка Верена Штојбер, создавајќи моќна продукција чиј главен фокус е сценската динамика и визуелната префинетост. Сценограф и костимограф е Софија Шнајдер (Германија), кореограф: Саша Евтимова, концерт-мајстор е Јане Бакевски, а хор-мајстор е Јасмина Ѓоргеска.

Во улогата на Виолета Валери ќе настапи Наде Талевска, во улогата на Алфред Жермон – Благој Нацоски, Жорж Жермон – Марјан Јованоски, а во останатите улоги: Марика Поповиќ, Александра Лазарoвска Василевски, Кристијан Антовски, Драган Ампов, Никола Стојчевски, Невен Силјановски, Игор Гиновски, Тихомир Јакимовски, заедно со хорот, оркестарот и балетскиот ансамбл на Националната опера и балет.

„Травијата“ е еден од столбовите на светскиот оперски репертоар – дело во кое Верди со извонредна музичка чувствителност ги обликува ликовите и нивните внатрешни борби, создавајќи опера која и денес длабоко ја допира публиката и останува актуелна на сцените ширум светот и кај нас.

