Македонија
Демократскиот сојуз: Да се продолжи важноста на личните документи
Демократскиот сојуз предлага преку измена на законите, Закон за лична карта, Закон за патни исправи и Закон за основите на безбедност на патниот сообраќај, да се продолжи рокот на важноста на личните документи (лична карта, пасош и возачка дозвола), како и сообраќајните дозволи, сѐ со цел да не се блокира нормалното одвивање на животот на граѓаните и функционирањето на институциите.
Од Демократскиот сојуз предлагаат личните карти да можат непречено да се користат до определениот рок на важност, нашите државјани кои се во странство патните исправи во странство да можат да ги користат до денот на важноста и да можат слободно со нив да се вратат во Македонија, како и возачките дозволи да можат да се користат во Македонија до денот на важноста.
Исто така и сообраќајните дозволи да можат во Македонија да се користат до денот на важноста, доколку не е направена промена.
Од партијата препорачуваат граѓаните кои патуваат во странство да можат да извадат меѓународна возачка дозвола и истата да ја користат при патување во странство.
„Доколку Владата не ги прифаќа измените на овие закони што ги предлага министерот за внатрешни работи, тие можат да бидат предложени од пратеници. За овој невиден хаос мора да има одговорност од неговите креатори, посебно од Димитар Ковачевски, Бујар Османи и Оливер Спасовски“, велат од ДС.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Утре ведро и студено претпладне, преку денот сончево
Времето утре, наутро ќе биде ведро и студено, а во текот на денот сончево со мала до умерена локална облачност. Ќе дува слаб ветер од северозападен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -3 до 5, а максималната ќе достигне од 14 до 20 степени.
Во Скопје ќе биде сончево со мала до умерена облачност и со слаб северен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 2, а максималната ќе достигне до 16 степени.
Во наредните денови Сседува период на стабилно и суво време со постудени утра и со услови за утринска магла по одделни котлини. Во текот на денот ќе преовладува сончево време со мала до умерена облачност. Дневните температури ќе бидат без значителна промена.
Македонија
Дел од корисниците на Центар утре без вода
Дел од корисниците на Центар, поради дефект, утре ќе останат без вода.
„Од ЈП Водовод и Канализација добивме известување дека на ден 13.11.2025 година, четврток, поради уличен дефект на ул. 8 -ма Ударна Бригада 39, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците на дел од истата улица,вклучително и објектот на Амбасадата на Италија. Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 08:30 часот до завршување со санација на дефектот.(општина Центар)“, информира РЦУК.
Македонија
Гаши на средба со постојаната координаторка на ОН, Рита Колумбија
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, денеска оствари средба со постојаната координаторка на Обединетите нации во земјава, Рита Колумбија.
На средбата се разговараше за тековната и идната соработка меѓу Собранието и Канцеларијата на ОН во Северна Македонија, со акцент на улогата на законодавниот дом во процесите поврзани со одржливиот развој, човековите права и доброто владеење.
Претседателот Гаши изрази задоволство од реализирањето на средбата и ја истакна досегашната плодна соработка со Канцеларијата на постојаната координаторка, која, како што нагласи, значително придонесува за унапредување на транспарентноста и отчетноста на институциите.
Постојаната координаторка Колумбија ја поздрави иницијативата и ја потенцираше поддршката на системот на Обединетите нации за активностите на Собранието поврзани со спроведувањето на договорите и проектите што се реализираат во партнерство со агенциите на ОН. Таа нагласи дека во иднина акцентот ќе биде ставен на заедничките напори за унапредување на образованието, создавање подобри услови за лицата со попреченост, промовирање на родовата еднаквост и понатамошно јакнење на улогата на жените во општеството и во парламентот.
На крајот од средбата, претседателот Гаши изрази благодарност до системот на Обединетите нации во Република Северна Македонија за нивните активности и поддршка во областите на доброто владеење, социјалната инклузија, заштитата на животната средина, климатските промени, вработувањето и рамномерниот регионален развој, како и за досегашната конструктивна соработка со Собранието и неговите работни тела.

