Македонија
Џафери првата работна посета ја почнува во Брисел, ќе се сретне со Шарл Мишел и Урсула фон дер Лајен

Премиерот на техничката Влада, Талат Џафери денес и утре ќе оствари работна посета на Брисел, што ќе биде прва меѓународна посета по стапувањето на функцијата.
Во делегацијата ќе бидат првиот заменик-претседател на Владата за европски прашања, Бојан Маричиќ, и министерот за надворешни работи, Бујар Османи.
Во рамки на посетата, Џафери ќе ги посети седиштата на НАТО и на Европскиот Совет, Европската Комисија и Европскиот Парламент.
Во НАТО, премиерот ќе се сретне со заменик генералниот секретар Мирчеа Џоана, по што ќе оствари одделни средби со челниците на Европскиот Совет, Шарл Мишел и на Европската Комисија, Урсула фон дер Лејен. Во Европскиот Парламент, премиерот ќе оствари средба со група европратеници од проевропските политички партии.
На средбата со заменик-генералниот секретар на НАТО, во фокус ќе бидат теми врзани за безбедноста и стабилноста на регионот и на европскиот континент, како и на активниот придонес на Северна Македонија во Алијансата.
Со европските челници, премиерот Џафери ќе разговара за приоритетите на Владата во насока на продолжување на евро-интегративниот процес, со фокус на реформите и приоритетите врзани за Планот за раст, за подготовките за претстојните двојни избори, како и теми од регионален и глобален контекст.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Мицкоски: Да не дозволиме СДСМ да биде влада во Македонија, зошто секогаш кога се власт се случуваат грешки како прифаќањето на бугарскиот ултиматум

На денешниот народен митинг во Новаци во рамките на изборната кампања за локалните избори 2025 година со слоган „Вистинскиот избор! Твојот човек! Твоето место! За твојата иднина!“, обраќање имаше и претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
Тој истакна дека политичкиот противник, СДСМ оваа кампања ја започна невообичаено наспроти сите теории и практики во кампања, од прв ден со црна кампања, со монтажи, со спинови, со дефокус и со напади, најчесто против него и неговото семејство, додавајќи дека и нема што да се очекува од луѓе што нема што да кажат.
Мицкоски посочи дека ако не е црната кампања тие нема за што да зборуваат, затоа што тие од нивното време не оставиле ништо вредно, освен криминал и корупција, а потоа се сетија да го извадат слоганот дека се бореле за нивниот дом.
„Но имам јас една дилема која би сакал пред вас да ја соопштам. А, тоа е за кој дом? За хациендите на Халкидики, за хациендите во Дубаи или за јахтите коишто ги гледавме ова лето. За кој дом зборуваат? Затоа што тие имаа можност да се борат за домот седум години, а тие го опустошија и го распродадоа домот и во секоја смисла на зборот, го понижија македонскиот народ. Да не дозволиме тоа повторно да се случи“, рече Мицкоски.
Мицкоски потенцираше дека секогаш кога Социјалдемократскиот сојуз бил на власт се случувале грешки, како на пример временото име и последно, прифаќањето на ултиматумот од Бугарија.
„Затоа што, сетете се во минатото, СДСМ кога бил влада во Македонија, секогаш се случувале историски грешки. Вратете се назад од она времено име па се до прифаќањето на бугарскиот ултиматум. Да не дозволиме овие луѓе никогаш повеќе да бидат дел од македонската Влада, а тоа можеме да го направиме и потврдиме овие локални избори на 19 октомври. Ве повикувам масовно да излеземе и да испратиме силна порака како никогаш до сега“, повика Мицкоски.
Македонија
Поради снег и паднати дрва, во прекин сообраќајот на патот Никфорово – Леуново

Сообраќајот на регионалниот пат Никфорово – Леуново е во прекин поради врнежи од снег и паднати дрва на коловозот, се интервенира за негово расчистување, соопшти АМСМ:
Сообраќајот на регионалниот патен правец Бунец – Леуново од 17.00 часот е нормализиран.
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по влажни коловози.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Утре променливо облачно со сончеви периоди , утринските температури ниски, дневната до 15 степени

Времето утре, променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец, поизразен долж Повардарието. Минималната температура ќе биде во интервал од -1 до 5, а максималната ќе достигне од 8 до 15 степени.
Во Скопје, променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 2, а максималната ќе достигне до 12 степени.
Во недела утрото ќе биде ведро и студено со ниски утрински температури, кои наместа ќе се спуштат под нула степени. Во текот на денот ќе преовладува сончево и потопло време со мала до умерена облачност, која кон крајот на денот ќе се зголемува. Во текот на ноќта и во понеделник ќе има повремени локални врнежи од дожд. До среда ќе дува умерен до засилен северен ветер, а температурите ќе се задржат под просекот за овој период од годината.