Свет
Естонската премиерка по која Москва распиша потерница: „Нема да молчам, продолжува поддршката за Украина“

Естонската премиерка Каја Калас денеска ја осуди, како што рече, руската вообичаена тактика на заплашување откако Москва издаде налог по неа и други европски претставници.
Кремљ распишува потерници, обвинувајќи ги балтичките и полските власти за непријателство кон Русија поради различните ставови за историјата на нивните односи.
„Потегот на Руската Федерација не е изненадувачки бидејќи тоа е вообичаена руска тактика на заплашување“, рече Калас, ветувајќи дека ќе продолжи да ја поддржува Украина и да се бори против руската пропаганда.
„Нема да молчам, ќе продолжам силно да ја поддржувам Украина и ќе се залагам за зајакнување на европската одбрана“, рече таа.
Балтичките земји – членки на ЕУ и НАТО, кои во повеќе наврати истакнале дека стравуваат од воените амбиции на Кремљ, сметаат дека поранешниот СССР ги окупирал, додека Москва се гледа себеси како ослободител и секој друг пристап го смета за „фалсификување на историјата“, што е кривично дело во Русија.
Премиерката Калас и други високи балтички и полски функционери се гонат за уништување споменици на советските војници, изјави денеска портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова.
„Злосторствата против споменот на ослободителите на светот од нацизмот и фашизмот мора да бидат казнети. И ова е само почеток“, додаде таа.
Во балтичките земји и во Полска, во последниве години се демонтирани неколку споменици наследени од Втората светска војна, што датираат од советскиот период. Тие земји сакаа да истакнат дека го отфрлаат советскиот период и сметаат дека биле окупирани од СССР.
Во три поранешни советски републики – Естонија, Латвија и Литванија – денес членки на ЕУ и НАТО, кои имаат тензични односи со Москва, денес живеат руски малцинства. Меѓусебните односи дополнително се влошија по почетокот на конфликтот во Украина.
Балтичките земји, кои ја сметаат заканата од руска инвазија многу реална, активно го поддржуваат Киев во борбата против руската армија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Израел го напаѓа Иран седма ноќ по ред

Израелската војска во четвртокот објави дека изведува серија напади во Иран, вклучително и Техеран, на седмиот ден од нејзината офанзива против Исламската Република.
„Израелските воздухопловни сили во моментов спроведуваат серија напади врз Техеран и други области на Иран“, објави израелската војска на „Телеграм“.
Најавувајќи ги претстојните напади, израелската армија повика на евакуација на иранските села Арак и Хондаб, кои се наоѓаат во близина на нуклеарни постројки.
„Израелските одбранбени сили итно ги повикуваат жителите, работниците и сите присутни во иранските села Арак и Хондаб (…) да се евакуираат веднаш“, се вели во Телеграм.
Иранската противвоздушна одбрана беше активирана во центарот на Техеран и пресретна беспилотни летала над главниот град на Иран, објави полуофицијалната новинска агенција СНН.
Свет
(Видео) Иран погоди болница во Израел со балистичка ракета

Болницата Сорока во Бершеба на југот на Израел утринава соопшти дека зградата била погодена со проектил при ирански ракетен напад на израелска територија.
„Во нападот беше погодена болницата и беше предизвикана значителна штета во неколку области. Во моментов ја проценуваме штетата, како и бројот на потенцијални повредени“, се вели во соопштението на болницата.
Неколку минути претходно израелското Министерство за надворешни работи извести за „директен удар“ на важен објект каде се згрижуваат бројни израелски војници ранети во Појасот Газа.
Massive damage to Soroka Medical Center in Beersheba, following the impact of a ballistic missile fired by Iran. pic.twitter.com/8rXhGeuk0z
— OSINTdefender (@sentdefender) June 19, 2025
Иранските медиуми објавија дека Иран утринава истрелал проектили кон Израел.
„Технолошки напредни проектили летаат над Тел Авив“, објави новинската агенција Фарс, додека иранската државна телевизија директно емитуваше снимки од Тел Авив.
Иран утрово најави дека ќе го натера Израел да зажали и плати за сите свои напади, во седмиот ден од интензивната и невидена војна меѓу двете земји.
„Иран ќе продолжи да го користи своето право на самоодбрана со гордост и храброст и ќе го натераме агресорот да зажали и да плати за својата тешка грешка“, напиша иранскиот министер за надворешни работи Абас Арагчи на „Икс“, обвинувајќи го Израел дека сака да го прошири конфликтот во регионот и пошироко.
Израелската војска претходно објави дека изведува серија напади во Иран, вклучително и Техеран, на седмиот ден од нејзината офанзива против Исламската Република.
Свет
Трамп одобрил планови за напад на Иран, пишува „Волстрит журнал“

Американскиот претседател Доналд Трамп одобрил планови за напад врз Иран, но чека да види дали Иран ќе се откаже од својата нуклеарна програма пред да даде каква било наредба за напад, објави „Волстрит журнал“.
Трамп ги информирал своите високи помошници дека ги одобрил плановите, се вели во извештајот на весникот.
Претходно, на прашањето дали одлучил дали да ги нападне нуклеарните објекти на Иран, Трамп рече: „Можеби ќе го направам тоа, можеби и не“. Врховниот лидер на Иран, ајатолахот Али Хамнеи, возврати рече дека неговата земја нема да се предаде и предупреди дека секоја воена интервенција на САД ќе донесе непоправливи последици.