Свет
Русија предложила прекин на огнот во Украина, САД одбиле, тврдат руски извори за „Ројтерс“

Предлогот на рускиот претседател Владимир Путин за прекин на огнот во Украина е отфрлен од САД по контактите меѓу посредниците, изјавија руски извори за „Ројтерс“.
Американски извори велат дека немало официјален контакт и дека Вашингтон немало да се вклучи во разговори во кои не е вклучена Украина.
Во 2023 година, Путин испратил сигнали до Вашингтон преку посредници, вклучително и арапските партнери на Блискиот исток, дека е подготвен да размисли за прекин на огнот во Украина, велат руските извори.
Путин предложил замрзнување на конфликтот на сегашните линии на фронтот и не сакал да отстапи која било украинска територија под руска контрола, но Кремљ го сметало тоа како најдобар пат кон некаков вид на мир.
„Контактите со Американците не вродија со плод“, изјави висок анонимен руски извор запознаен со разговорите кон крајот на 2023 и почетокот на 2024 година.
Друг руски извор изјави дека Американците преку посредник и рекле на Москва дека нема да разговараат за евентуален прекин на огнот без учество на Украина и со тоа контактите завршиле неуспешно.
Трет извор запознаен со дискусиите рече: „Сè се распадна со Американците“. Изворот тврди дека Американците не сакале да вршат притисок врз Украина.
Медиумите претходно не известуваа за обемот на тие преговори и нивниот неуспех.
Написите за нив доаѓаат во време кога американскиот претседател Џо Бајден со месеци се обидува преку Конгресот да испрати дополнителна помош за Украина, но се соочува со противење од сојузниците на републиканскиот противник на ноемвриските избори, Доналд Трамп. Денес Сенатот одобри помош од 61 милијарда долари, но законот сепак треба да помине низ Долниот дом на Конгресот во кој доминираат републиканците.
Анонимен американски претставник изјави за Ројтерс дека САД не водат никакви тајни преговори со Русија и дека Вашингтон е доследен да не работи зад грбот на Украина.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека никогаш нема да прифати руска контрола врз кој било дел од украинската територија.
Кремљ, Белата куќа, Стејт департментот на САД и Централната разузнавачка агенција (ЦИА) одбија да ги коментираат овие наводи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Челичен прстен, вооружена полиција, кучиња трагачи: многубројно обезбедување за посетата на Трамп на Велика Британија

Претседателот на САД, Доналд Трамп, денес пристигнува во државна посета на Велика Британија со многу фанфари и церемонии, а зад нив ќе биде голема безбедносна операција, вклучувајќи и масивен конвој од возила, пренесуваат светските медиуми.
Сè е подготвено за кралот Чарлс да го угости Трамп во неговата втора државна посета со тијари, дувачки оркестри и банкети, со цел зајакнување на врските во напнат меѓународен момент поради трговијата и безбедноста, пишува „Мирор“.
Виндзор е претворен во тврдина додека Доналд Трамп денес пристигнува во Велика Британија за државна посета. Полициски службеници од цела Велика Британија се распоредени за да создадат прстен од челик околу кралскиот град.
Вооружена полиција, кучиња трагачи, коњанички патроли и поморски единици се во состојба на готовност, беспилотни летала ќе го следат небото, а воздушниот простор е затворен.
Барикади има на главните патишта и на пешачките патеки ограничувајќи го јавниот пристап до големи делови од Виндзор. Шефовите за безбедност велат дека обемот на операцијата е споредлив со крунисувањето крал.
Илјадници британски полицајци ќе бидат на должност заедно со агентите на американската тајна служба поради безбедносните загрижености по убиството на блискиот сојузник на Доналд Трамп, Чарли Кирк, во среда вечерта.
Трамп ќе се вози во познатата оклопна лимузина „ѕвер“, а ќе лета со својот личен хеликоптер „Марин Уан“.
Трамп ќе патува во огромна поворка, која веројатно ќе брои повеќе од 20 автомобили и ниеден безбедносен детаљ нема да биде занемарен, според експертите.
Се верува дека ќе бидат придружени од возила со електронска одбранбена технологија, единици за опасни материјали и сателитски комуникации.
Се очекува возилата да бидат однесени во Велика Британија со авиони на американските воздухопловни сили, а наводно се гледаат американски хеликоптери како слетуваат во базата на воздушни сили на РАФ, Нортхолт.
„Како онаа стара шега – циркусот доаѓа во градот – и вака ќе изгледа“, изјави Ник Алдворт, поранешен национален координатор за борба против тероризмот на Велика Британија, за „Телеграф“.
„На Британците им се допаѓа безбедноста да функционира добро, но тивко и ненаметливо. Американците сакаат да се фалат и веднаш одат на големо. Ќе го преплават секое место каде што ќе одат“.
Безбедноста е одговорност на Министерството за внатрешни работи, кое мора да соработува со Американците, а едно од прашањата за кои мора да се договори е дозволата телохранителите на Трамп да носат оружје.
Исто така, вообичаено е американските агенти да ја придружуваат британската полиција и да бидат подготвени да одговорат во случај на инцидент.
„Ќе има писмен договор и многу јасна документациска трага во случај нешто да се случи и некој да отстапи од договорот“, рече Вил Гедис, консултант за безбедност и телохранител.
Тој исто така верува дека британска единица за специјални сили за брза реакција би можела да биде во состојба на готовност.
„Постои домашна терористичка закана, закана од исламистички екстремизам, демонстранти против Трамп и оние што би можеле да направат некоја глупава акција за публицитет“, рече Гедис.
„Нешто може да се случи надвор од полицискиот кордон, што би им наштетило на луѓето што доаѓаат да го видат спектаклот – напаѓач што прободува луѓе или уред на некој споменик“.
Припадниците на обезбедувањето ќе вклучуваат експерти за однесување, кои бараат луѓе што се однесуваат сомнително, единици на воздухопловните сили подготвени да фрлат јажиња и полициски снајперисти.
Доколку е потребно, ќе се користи технологија за контранадзор за блокирање интернет, телефонски сигнали и радиофреквенции во случај неовластени дронови да добијат инструкции.
Доналд Трамп и првата дама на САД, Меланија, ќе престојуваат во замокот Виндзор, додека Бакингемската палата продолжува да се реновира.
Претседателот на САД ќе биде пречекан од кралот Чарлс III и кралицата Камила со целосна свеченост вклучувајќи поворка во кочии, топовски оган и раскошен државен банкет, според светските медиуми.
Фото: принтскрин
Регион
Албанија чекор поблиску до ЕУ: отвори нов кластер

Албанија го отвори петтиот од вкупно шест кластери во преговорите за пристапување во ЕУ.
Ова е кластер 4, кој се однесува на зелената агенда и на одржливата поврзаност и вклучува четири поглавја од преговорите: транспорт (14), енергетика (15), трансевропски мрежи (21) и климатски промени (27).
„Албанија врши импресивна работа. Доколку продолжи со ова темпо, ќе ги отвори сите кластери оваа година“, изјави комесарката за проширување на ЕУ, Марта Кос.
Албанскиот премиер Еди Рама на прес-конференција изјави дека ЕУ е империја на која Албанија сака да ѝ припаѓа.
„Денес, отворивме уште еден кластер, петти за 11 месеци. Мислам дека е рекорд. Сакаме да го отвориме последниот кластер до крајот на годината, знам дека е амбициозно, но се надевам дека ќе успееме“, рече Рама.
Тој додаде дека сè уште има многу предизвици и напори пред Албанија, но дека нема друг начин.
„Конечно, првпат во историјата можеме слободно да избереме со кого сакаме да се венчаме. Во минатото бевме принудени да се венчаме со други империи, но ова е империјата од која сакаме да бидеме дел“. Империја на вредности, права и безбедност, во која нашите граѓани ќе бидат убедени дека нивната слобода и нивните права нема да бидат одземени“, рече Рама.
„Знам дека реформите што ги бараме од земјите кандидатки понекогаш не се лесни и бараат фундаментални промени, но Албанија покажа дека позитивните промени се можни и дека ЕУ ги наградува“, рече Кос.
Европската комесарка ги пофали албанските власти за реформите спроведени во последните години додавајќи дека не е лесно да се отворат кластери, но дека е уште потешко да се затворат поглавјата и дека Албанија мора да продолжи да спроведува реформи, особено во областите на судските реформи, борбата против корупцијата, правата на малцинствата и слободата на медиумите.
Кос изјави дека целта на албанската влада е да ги заврши преговорите во техничкиот дел до крајот на 2027 година и дека Европската Унија ја поддржува оваа визија.
„Нема сомнение дека иднината на Албанија е во ЕУ, а денес сме еден чекор поблиску до таа цел“, рече Кос.
Пред почетокот на меѓувладината конференција таа рече дека постојат разлики меѓу земјите кандидатки и дека една од најголемите улоги во процесот на пристапување ја игра раководството на земјата.
„Ако раководството покаже проевропска ориентација, тогаш граѓаните имаат чувство дека земјата оди во вистинската насока“, рече Кос.
Данската министерка за европски прашања, Мари Бјере, чија земја претседава со ЕУ, рече дека отворањето уште еден кластер во преговорите за пристапување на Албанија е значаен чекор и покажува дека вистинските реформи носат вистински резултати.
„Со текот на годините Албанија вложи големи напори во реформирањето на судството, борбата против корупцијата и хармонизирањето со надворешната политика на ЕУ. Покажа дека јасно ја гледа својата иднина во Европа, произведува резултати и заслужува признание“, рече Бјере.
Таа додаде дека данското претседателство со ЕУ ќе продолжи да работи на процесот на проширување, кој стана геополитичка неопходност по руската инвазија на Украина.
„Мораме да продолжиме со проширувањето за посилна и побезбедна ЕУ и затоа проширувањето е приоритет на данското претседателство“, рече Бјере.
Фото: принтскрин
Свет
Лавров: Русија постепено се оддалечува од терминот непријателски земји

Русија постепено се оддалечува од терминот непријателски земји, постојат само земји со влади што не се пријателски настроени кон Москва, изјави рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров.
„Постепено се оддалечуваме од терминот непријателска земја, иако тој останува во законодавството“, објави Лавров на прес-конференција посветена на подготовките за „Интервижн“, пренесува ТАСС.
Лавров одговори дека Русија нема непријателски земји, туку дека постојат само земји што „имаат непријателска влада во однос на Руската Федерација“.
Фото: принтскрин