Култура
„Македокс“ ќе промовира ВОД-платформа на Берлинскиот филмски фестивал
Фестивалот на креативен документарен филм „Македокс“, во склоп на европскиот филмски маркет на Берлинскиот филмски фестивал, на 18 февруари ќе ја промовира новата ВОД-платформа https://www.doc-around-europe.net/. Платформата ќе има цел на европската публика во наредните две години да ѝ понуди можност да гледа повеќе од 70 документарни филма од автори во подем.
Платформата претставува една од активностите на мрежата на фестивали Doc Around Europe, чиј основач е „Македокс“ заедно со Docs Barcelona (Шпанија), FIPADOC (Бијариц, Франција), DOK.fest Munich (Германија) и Verzio (Будимпешта, Унгарија). Како фестивал што доаѓа од земја со низок аудиовизуелен капацитет, „Македокс“ има цел да го промовира балканскиот документарен филм преку активностите на мрежата.
Мрежата своите активности ги почна во 2020 година и има цел да ги промовира младите автори и авторите во подем. Во досегашните активности на мрежата беа опфатени повеќе од 80 филма и нивните автори, автори и продуценти со проекти во развој, како и други млади професионалци од областа на документарниот филм.
Платформата има цел да промовира висококвалитетни европски документарци, кои ќе допрат до пошироката публика и ќе го зајакне нивното присуство на интернационалните маркети.
Освен тоа што ВОД-платформата ќе биде отворена за публиката во Европа, во нејзин склоп ќе биде креиран посебен дел наменет само за професионалци од филмската индустрија во Европа. Во овој дел, кој ќе има ограничен пристап зa индустријата, ќе бидат поставени дополнителни 100 документарни филма од автори во подем и млади автори, кои ќе им бидат понудени на дистрибутери, фестивалски селектори, ТВ и ВОД-платформи. Со ова мрежата ќе им се овозможи на самите таленти/филмови поголема достапност кон документарната индустрија, поголема видливост и зголемување на можностите за создавање и допирање до нова публика надвор од нивните национални територии на ниво на европскиот континент и пошироко.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Музеите се огледало на минатото и на нашето културно наследство, порача министерката Костадиновска Стојчевска
Министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска на сите музејски работници им го честита Меѓународниот ден на музеите – 18 Maj за кои вели дека се огледало на минатото и на нашето културно наследство.
„На 18 Mај, Меѓународниот ден на музеите ја нагласуваме нивната заштитничка улога на историјата, културата и македонскиот идентитет. Музеите се инспирација за креативност, истражување и критика, уникатни локации за интерпретација на уметноста, археологијата и науката. Со честитката до сите музејски работници ја нагласувам нивната посветеност во заштита на дејноста и придонесот за едукација на младите генерации во справувањето со комплексните општествени предизвици“, се вели во честитката.
Министерката за култура посочува дека денеска ја подигаме свеста и го насочуваме вниманието кон важноста на музејските институции со отворање на нивните врати за граѓаните.
Таа потенцира дека Министерството за култура поддржува голем број проекти на музеите во остварување на заедничката цел за достојно почитување и вреднување на културата и културното наследство.
„Музеи за едукација и истражување“ е мотото под кое денеска се одбележува Меѓународниот ден на музеите – 18 Мај, датум кој музејските институции низ светот со разновидни активности го одбележуваат од 1977 година.
На овој ден, музеите во земјава традиционално ги отворат своите врати и овозможуваат бесплатен влез за посетителите кои можат да ги видат актуелните изложби и да се запознаат со движното културно богатство.
Меѓународниот ден на музеите традиционално се одбележува секоја година на 18 мај со цел промоција на значењето на музејските институции во современото општество.
Култура
Лозано, Пајак, Сашко Коцев… денес во Градски парк како дел од кампањата „Крени глас против врсничко насилство“
Во рамки на кампањата на „Макпетрол“ за спречување на врсничкото насилство, во Градски парк денеска ќе се одржи отворен настан наменет за деца, млади, родители, баби, дедовци…
Диџеј Боно, Сашко Коцев, „Биби и Боби“, Лозано, Пајак, Весна Петрушевска со децата од нејзината актерска школа, како и други гости, ќе бидат дел од програмата на оваа забавна дружба што е дел од кампањата „Крени глас против врсничко насилство“, а за најмладите ќе има интерактивни содржини и популарни игри.
Марија Јосифовска-Спасовска, член на Управниот одбор и директор во „Макпетрол“, вели дека се пресреќни што во текот на нивната општествено одговорна активност добиле многу поддржувачи.
Почнувајќи од децата и младите, од кои добивме впечаток дека им е навистина мило што, конечно, така отворено и толку гласно, се зборува за проблем со којшто тие секојдневно се соочуваат. Секако, тука се и општините, кои ја препознаа вредноста на нашата идеја и активно се вклучија во обезбедувањето услови за учениците да се здобијат со знаења за булингот. Наставниците, стручните служби, како и родителите, исто така, застанаа зад кампањата и помогнаа фокусот на јавноста да се сврти кон врсничкото насилство. За да се реши проблемот со булингот потребна е уште работа и посветеност, но веруваме дека и со позитивната енергија од нашиот настан, ќе придонесеме да се придвижиме во вистинска насока, истакнува Јосифовска-Спасовска.
Како што информира организаторот, на кампањата „Крени глас против врсничко насилство“ досега се приклучиле 24 општини и за сите нив „Макпетрол“ обезбеди едукативни материјали и работилници предводени од психолог со долгогодишно искуство за проблемот со булингот.
Култура
Утре, бесплатен влез во музеите
„Музеи за едукација и истражување“ е мотото со кое утре ќе се одбележи Меѓународниот ден на музеите, 18 Мај, датум кој музејските институции во светот со разновидни активности го одбележуваат од 1977 година.
На овој ден музеите во земјата традиционално ги отворат своите врати и овозможуваат бесплатен влез за посетителите, кои може да ги видат актуелните изложби и да се запознаат со движното културно богатство.
Музеите, освен својот придонес како платформа за размена на идеи и знаења, имаат значајна улога во образованието и се афирматори на темите што денес силно го засегаат светот, а кои чекаат да бидат истражени и споделени.
Музејските институции ги поттикнуваат идните генерации на креативен, динамичен и интересен начин да се осврнат на комплексните општествени предизвици на денешницата, да се информираат за причините и последиците од човековото влијание врз природата и да развијат критичко размислување и лична одговорност неопходна за градење одржливо општество.
Меѓународниот ден на музеите традиционално се одбележува секоја година на 18 мај со цел промоција на значењето на музејските институции во современото општество. Денот посветен на музеите е урврден од Меѓународниот совет на музеите – ИКОМ, со седиште во Париз.