Свет
ФБИ разоткри инфлуенсерка: им испраќала делови за оружје на Русите, заработила милиони
Канадско-руска државјанка во понеделникот пред американскиот суд се изјасни за виновна за перење пари во мултимилионска шема за испраќање делови за беспилотни летала и проектили во Русија.
Инстаграм-профилот на 32-годишната Кристина Пузирева е полн со кадри кои може да се видат кај многу инфлуенсери што патуваат во целиот светот. На една фотографија позира пред бали со сено, на друга држи маж за рака, на трета вежба јога среде прекрасна природа.
Но, она што е невообичаено е контекстот. Зад фотографиите стоела жена, која испраќала американска електроника вредна милиони долари во Русија за да може да се користи за време на инвазијата на Украина.

„Кристина Пузирева и другите обвинети наводно купиле и испорачале електроника во вредност од милиони долари од САД во Русија за да ја поддржат инвазијата на Украина. Нивното перење пари е директно поврзано со 298 пратки со ограничена технологија, во вредност од 7 милиони долари, до руската линија на фронтот“, рече Ерин Киган, специјален агент задолжен за истрагата.
Чиповите се од големо значење за секоја војска, а за време на војната во Украина, Русија потроши огромни количини од резервите на проектили, беспилотни летала и друга муниција. Иако по инвазијата на Украина, САД воведоа санкции кон Русија и го ограничија извозот во таа земја, руското оружје сепак содржеше неодамна произведени американски полуспроводници. Случајот со Пузирева покажува како некои од нив стигнале до руската војска.
Пузирева и нејзиниот сопруг Николај Голцев живееле во Монтреал, Канада, и имале бизнис со Салимџон Насридинов од Бруклин. Според американското Министерство за правда, двојката летала за Њујорк од Канада, купувала електроника преку лажни компании и потоа ја испраќала во Русија. Многу од испратените делови имале сериски броеви, што го олеснило поврзувањето на деловите и пратките со обвинетите.

Тројката беше уапсена на крајот на октомври 2023 година. Според ФБИ, Пузирева и нејзиниот сопруг заработиле голема сума пари за време на оваа шема. Според судските документи, таа еднаш се пожалила дека мора да отвори 80 сметки за да складира 3 милиони долари. Веќе ме болат прстите од лаптопот“, ѝ пишува Голвец на Пузирева во 2023 година.
Неколку недели пред апсењето на профилот на Пузиревана „Инстаграм“ можеа да се видат фотографии од среќната двојка како патува низ светот. На една од низата фотографии Пузирева позира пред црква во Бергамо, Италија.
Во селфи објавено на 22 јуни 2022 година, истиот ден кога седум руски проектили паднаа врз украинскиот град Миколаев, таа позира во трговски центар. Пузирева ја призна вината, но сè уште не е осудена. Нејзиниот сопруг и Насридинов сè уште чекаат судење.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Словенечкиот премиер најави построги безбедносни мерки по убиството
Словенечкиот премиер Роберт Голоб најави засилување на безбедносните мерки и измени во казнената политика по смртта на 48-годишен маж во Ново Место, кој почина по напад, пренесе „Индекс“.
Во телевизиско обраќање, Голоб рече дека државата ќе направи сè за да ја заштити безбедноста на граѓаните, но предупреди дека „репресивните мерки нема да бидат популарни“.
Тој најави двојно зголемено полициско присуство во југоисточниот дел на земјата и рече дека сите институции – полицијата, обвинителството и судството – ќе добијат поголеми овластувања.
„Овој сторител не стана таков преку ноќ. Тој е производ на систем што не функционирал. За да го смениме тоа, ќе биде потребна цела генерација“, изјави Голоб.
Премиерот ги повика сите политички лидери да покажат одговорност и да не ја користат трагедијата за собирање политички поени.
Регион
Курти не успеа да формира влада
Лидерот на Движењето „Самоопределување“, Албин Курти, соопшти дека актуелната влада ќе продолжи да функционира до одржување на нови парламентарни избори, откако денеска во косовското Собрание не доби доволен број гласови за формирање нов кабинет, пренесе „Фонет“.
„Им благодарам на сите пратеници кои го поддржаа предлогот за новата влада и на граѓаните за поддршката. Бидејќи 56 гласа беа за, 52 против, а четворица воздржани, новиот мандат не може да започне. Во меѓувреме, како актуелна влада продолжуваме кон новите парламентарни избори“, напиша Курти на „Фејсбук“, пренесе „Косев“.
По гласањето, претседателот на Собранието, Димал Баџа, изјави дека одговорноста сега преминува на претседателката Вјоса Османи, која најави консултации со сите партии. Доколку не биде формирана влада, Османи ќе распише нови избори во рок од 40 дена.
Опозициските партии веќе порачаа дека нема да се обидат да формираат влада, бидејќи немаат мнозинство.
Свет
Гувернерот на Калифорнија сака да биде претседател на САД
Гувернерот на Калифорнија, демократот Гавин Њусом, изјави во интервју за „Си-Би-Ес“ дека сериозно размислува за кандидатура за претседател на САД во 2028 година, пренесе „Хина“.
Тој нагласи дека конечната одлука ќе ја донесе по изборите за Претставничкиот дом и Сенатот во 2026 година. „Да, би лажел кога би рекол поинаку“, рече Њусом на прашањето дали планира да се кандидира.
Како што потсетува агенцијата, Њусом оваа година ја зацврсти својата позиција во Демократската партија, особено поради честите судири со актуелниот претседател Доналд Трамп.
Инаку, според Уставот на САД, Трамп нема право на трет претседателски мандат.
Изборите за американскиот Конгрес ќе се одржат во ноември 2026 година.
California Gov. Gavin Newsom says he’s open to a presidential run.
The Democrat and frequent Trump critic said he’ll give serious thought to a White House bid after next year’s midterms. “I’d be lying otherwise,” Newsom said, adding that “fate will determine” his decision and a… pic.twitter.com/uD8OqNrnHE
— CBS Sunday Morning 🌞 (@CBSSunday) October 26, 2025

