Македонија
Спречен шверц на стоматолошка опрема, цигари, икони, шафран и маџун
На граничниот премин Богородица царинските службеници спречија обид за нелегално внесување на црковни предмети меѓу кои и 51 икона, свеќници, нараквици со монистри како и 260 килограми темјан, со проценета вредност од 140 илјади денари, при што е избегнато плаќање на царински давачки од 50 илјади денари.
Црковните предмети се пронајдени во камион со регистарски таблички од Босна и Херцеговина, управуван од босански државјанин, кој транзитирал преку нашата држава од Република Грција кон Република Хрватска и превезувал спортска опрема. Непријавените црковни предмети се пронајдени во товарниот дел на приколката помеѓу декларираната стока.
Во друг случај на граничниот премин Меџитлија, царинските службеници спречија два одделни обиди за нелегално внесување на непријавени цигари во државата. Во двата случаи се откриени вкупно 28 штеки со цигари во две товарни моторни возила со македонски регистарски таблички и управувани од македонски дравјани, од ист превозник. И двата камиони биле натоварени со кварцен камен – стока наменета за транзит. Во двата случаи штеките со цигари се пронајдени скриени во кабините на возачите, во просторот на горниот кревет, покриени со јакни и лични предмети.
На влез на Деве Баир пак при контрола на патничко моторно возило со косовски регистраски таблички во багажот на возилото се откриени 100 тегли маџун коишто патниците не ги пријавиле.
При контрола на возило на царинска испостава Делчево е пронајдена и стоматолошка опрема која возачот ја скрил во џебовите од јакната и во пределот зад предните седишта кои биле скриени во мали кеси и кутии спакувани во книжна кеса со облека.
Во еден случај се запленети и 5 килограми сув кршен шафран ,,KIAM GOHAR” коишто царинските службеници на влез на Табановце ги открија при контрола на товарно моторно возило со македонски регистарски таблички. Шафранот е откриен околу предните седишта, каде бил скриен во хартиени кеси.
Стоката во сите случаи е запленета, а против лицата се поднесени соодветни пријави.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
„Визер“ привремено ги прекинува летовите кон повеќе дестинации на Блискиот Исток
Авиокомпанијата „Визер“ соопшти дека поради неодамнешната ескалација на безбедносната состојба во Иран ги суспендира сите летови кон и од Израел, Дубаи, Абу Даби, Аман и Саудиска Арабија, заклучно со 7 март.
Од компанијата информираат дека континуирано ја следат состојбата и се во постојан контакт со локалните и меѓународните власти, агенциите за безбедност во воздухопловството и други релевантни институции. Во зависност од развојот на ситуацијата, можно е да бидат донесени дополнителни оперативни одлуки и да дојде до измени во распоредот на летови.
„Визер“ наведува дека ќе ги информира патниците за сите очекувани промени што е можно поскоро. Патниците кои направиле резервација преку трети страни треба да се обратат директно до нив за дополнителни информации.
Од компанијата нагласуваат дека безбедноста и сигурноста на патниците, екипажот и авионите останува нивен највисок приоритет. Патниците со засегнати резервации ќе бидат директно контактирани со информации за достапните опции.
Македонија
Општина Илинден објави јавен повик за субвенционирање на велосипеди
Општина Илинден и оваа година објавува Јавен повик за доделување субвенции за набавка на велосипеди, во рамки на Програмата за финансиска поддршка на целни групи граѓани за 2026 година.
Со мерката се предвидува еднократна парична помош за жителите кои имаат постојано место на живеење на територијата на општината, а кои ќе набават нов велосипед во периодот од 02 март до 30 април 2026 година.
Целта на повикот е поттикнување на користењето велосипеди како еколошко превозно средство, како и унапредување на сообраќајната култура и заштитата на животната средина.
Финансиската поддршка изнесува 50 проценти од вредноста на купениот велосипед, но не повеќе од 4.000 денари по лице. Барањата ќе се разгледуваат по принципот „прв дојден – прв услужен“, односно според датумот и времето на нивното пристигнување.
Сите дополнителни информации заинтересираните граѓани можат да ги добијат на официјалната веб страница на Општина Илинден ([email protected]), како и во просториите на Општината.
Македонија
Минималната плата се зголемува за 1.667 денари
Минималната плата се зголемува за 1.667 денари на 26.046 денари нето плата, соопшти министерот за економија, Бесар Дурмиши.
Бруто платата за 2025 година беше 36.037 денари, а за 2026 година е 38.507 денари бруто односно 26.046 денари нето.
Дурмиши кажа дека со ова, платата се зголемува за 2.470 денари бруто односно за 1.667 денари нето.
Дурмиши појасни дека усогласувањето на минималната плата се врши секоја година во март врз јасно утврдена формула, 50 отсто од порастот на просечната нето плата исплатена од минатата година и 50 отсто од порастот на индексот на трошоците за живот според официјалните податоци од Ддржавниот завод за статистика.
Според објавените податоци, просечната исплатена нето плата бележи пораст од 9,6 проценти, додека индексот на трошоците за живот бележи пораст од 4,1 процент.

