Свет
Најмоќните економии во светот: Бесни сме поради смртта на Навални, истражете го тоа
Министрите за надворешни работи на земјите членки на групата Г7 ја повикаа Русија целосно да ги разјасни околностите под кои загина Алексеј Навални, најжестокиот домашен критичар и противник на рускиот претседател, Владимир Путин.
„Тие изразија гнев поради смртта во затвор на Алексеј Навални, човек неправедно осуден за неговите легитимни политички активности и борба против корупцијата“, се вели во соопштението на Италија, земјата која во моментов претседава со Г7.
Министрите за надворешни работи на Велика Британија, Канада, Франција, Германија, Италија, Јапонија и САД денеска се сретнаа во Минхен.
Портпаролката на Алексеј Навални, Кира Џармиш, изјави дека руските власти рекле дека телото на опозицискиот лидер нема да им биде предадено на неговите роднини додека не заврши истрагата.
Персоналот во казнената колонија „Поларниот волк“ во Карп, на околу 1.900 километри североисточно од Москва, им кажал на мајката и адвокатот на Алексеј Навални дека најпознатиот критичар на Кремљ починал од „синдром на ненадејна смрт“, според Иван Жданов. истакнат сојузник на Навални.
Портпаролката на Навални рече дека не е познато каде е однесено неговото тело бидејќи мртовечницата, која се наоѓа во Салехард во близина на арктичкиот затвор каде што почина, тврди дека не го примиле неговото тело, иако вработен во затворот рече дека руските истражители го однеле телото на Навални во Салехард.
Навални, 47-годишен поранешен адвокат, се онесвестил и починал вчера откако се шетал во казнената колонија, соопшти управата на затворот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Украина бара поголема поддршка од Г7
Министерот за надворешни работи на Украина, Андриј Сибиха, денес во Отава ги повика партнерите од Г7 да ја зголемат поддршката за Украина, да инвестираат во нејзината одбранбена индустрија и да го оневозможат продолжувањето на војната за Русија.
„Исклучително е важно да се зајакне поддршката за Украина и да се зголеми притисокот врз Русија. Мораме да ја направиме цената на продолжувањето на војната неподнослива и опасна за рускиот претседател Владимир Путин и неговиот режим. Доволен притисок ќе ја принуди Русија да ја заврши војната“, рече Сибиха на состанокот на министрите за надворешни работи на Г7 во Отава, пренесува Укринформ.
Тој оцени дека Путин „сè уште има илузија дека може да победи, иако во реалноста изгуби над милион војници и не постигна никаква стратешка цел“.
Сибиха ги повика земјите од Г7 да ги зголемат инвестициите во украинското производство на ракети и беспилотни летала, воздушна одбрана и муниција.
Тој нагласи дека поморската и енергетската безбедност се приоритетни прашања.
„Стабилноста на Украина на море е дел од заедничката стабилност од Атлантикот до Индо-пацифичкиот регион“, нагласи шефот на украинската дипломатија.
Сибиха е во посета на Канада, каде што учествува на состанокот на министрите за надворешни работи на земјите од Групата седум на покана на канадската колешка Анита Ананд.
Фото: принтскрин
Свет
Песков: Москва гледа дека Европа се подготвува за војна со Русија
Портпаролот на рускиот претседател, Дмитриј Песков, денес изјави дека Москва гледа дека Европа се подготвува за војна со Русија.
„Москва отсекогаш ја разбирала опасноста дека Европа се подготвува за војна со Русија и сите безбедносни мерки се преземени однапред“, рече Песков во интервју за весникот „Лајф“, пренесува РИА Новости.
Тој истакна дека зголемувањето на воените буџети на европските земји води до преоптоварување на нивните економии.
„Европските земји се залагаат за понатамошно зголемување на нивните воени буџети, дури и ако тоа ги уништува нивните економии. Ова води до економско преоптоварување и потоа ќе има посериозни последици на среден рок“, рече Песков.
Како што изјави, Москва ја дели оценката на српскиот претседател Александар Вучиќ, кој изјави дека Европа јасно се подготвува за војна со Русија.
„Визијата на Москва се совпаѓа со онаа на Белград и силните промилитаристички чувства навистина преовладуваат во Европа“, додаде портпаролот на рускиот лидер.
Фото: принтскрин
Свет
Орбан до Брисел; „Нема да дадеме ниту една пара на мигрантите“
Унгарскиот премиер Виктор Орбан денес изјави дека земјата нема да го спроведе пактот за миграција на Европската Унија „сè додека има национална, патриотска влада“.
„Брисел издаде наредба. Пактот за миграција се активира. Би сакал да бидам јасен еднаш засекогаш: сè додека Унгарија има патриотска влада, нема да го спроведеме пактот за миграција“, рече Орбан во видео порака објавена на Фејсбук, објави MTI.
Тој нагласи дека Унгарија нема да прифаќа мигранти и нема да им даде ниту една пара.
Пактот за миграција и азил е збир на правила на ЕУ што треба да почнат да се применуваат од јуни 2026 година, а неговата цел е да се создадат ефикасни и униформни процедури за управување со пристигнувањата, да се обезбеди фер распределба на товарот меѓу земјите-членки и да се воспостави солидарност, а во исто време да се заштитат основните права на мигрантите.
Фото: принтскрин

